Достапни линкови

САД со критики до Русија за цивилните жртви во Сирија


САД со критики до Русија за цивилните жртви во Сирија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:38 0:00

САД со критики до Русија за цивилните жртви во Сирија

Соединетите Држави остро ја критикуваа Русија дека во нејзините воздушни напади во Сирија страдаат голем број цивили. Вашингтон ја обвини Москва дека со тоа ги поткопува напорите за постигнување примирје меѓу силите на режимот на претседателот Башар ал Асад и водечките бунтовнички групи.

Американскиот државен секретар Џон Кери, според портпаролот на Стејт департментот Марк Тонер, му ја изразил својата загриженост за ваквите напади на неговиот руски колега Сергеј Лавров.

Според наводите, имало крајно вознемирувачки извештаи од невладини организации во кои се наведува дека во руските воздушни напади биле убиени стотици цивили, вклучувајќи работници за брза интервенција и медицински лица. Некои наведуваат дека цел на руските напади биле и училишта и пазари.

Американскиот државен секретар Кери разговарал со Лавров и во врска со убиството на Захран Алуш, еден од лидерите на сириската опозиција кој ги поддржувал мировните преговори.

Напади врз оние што би можело да бидат дел од политичкиот процес, како и убивањето цивили ги поткопува напорите за изнаоѓање политичко решение.
Марк Тонер, портпарол на Стејт департментот.

„Напади врз оние што би можело да бидат дел од политичкиот процес, како и убивањето цивили ги поткопува напорите за изнаоѓање политичко решение“, изјави Тонер, наведувајќи дека од почетокот на руските воздушни напади кон крајот на септември, досега над 130 илјади луѓе биле принудени да ги напуштат нивните домови.

Преговорите меѓу претставници на сириската влада и на опозицијата се очекува да почнат во идниот месец.

Саудиска Арабија исто така изрази загриженост за убиството на Алуш што се случи откако Ријад издејствува согласност од стотина сириски опозициски групи да почнат преговори со Башар ал Асад.

Москва не го коментираше убиството на Алуш, но остро ги отфрли извештаите од Амнести интернешнал, Хјуман рајтс воч и сириските групи за човекови права дека во руските воздушни напади гинеле и цивили.

Во минатата недела овие организации ја обвинија Русија дека користела касетни бомби и оти не ги селектирала целите на нејзините воздушни напади.

Москва инсистира на тврдењето дека цели на кампањата се терористите.

Изненадувачката остра американска критика, како што оценуваат светските новински агенции, доаѓа во момент кога Вашингтон очекува поддршка од Москва за почетокот на мировниот процес во Сирија.

Тоа, според очекувањата, би требало и на двете страни да им овозможи да се концентрираат врз борбата против милитантите на Исламската држава.

Меѓутоа, најновите критики, како што оценуваат посматрачите, претставува уште едно потсетување од Соединетите Држави дека не се задоволни со начинот на кој Русија ги изведува воздушните напади.

Имено, Вашингтон смета дека тие биле помалку насочени против милитантите на Исламската држава, а повеќе против силите на опозицијата која се бори против режимот на Башар ал Асад.

Во меѓувреме Пентагон соопшти дека во изминатиов месец во сојузничките воздушни напади биле убиени десет лидери на ИД, меѓу кои и некои поврзани со нападите во Париз во минатиот месец.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG