Достапни линкови

Неделници - федерализација и лични карти


Неделникот Фокус го продолжува своето истражување за фалсификуваните лични карти. Глобус ја анализира темата околу федерализацијата на земјата. Република пак го опсервира неодамнешниот престој на претседателот на СДСМ во Словенија.

Глобус - Бауч на федерализацијата кружи над Македонија

Бауч на федерализацијата кружи над Македонија, пишува во колумната „Таленти“ на најновиот Глобус. Па авторот додава дека алхемијата на баучот на федерализацијата... треба сериозно да ги заплашува граѓаните... а дека само заслепените не гледаат дека тоа е измислица на сложната тендерска коалиција забегана во меѓусебни пазарења. Таа е дело на сложни ортаци кои со години делат тендери, провизии и профити, кои сакаат заедно да продолжат со криминалното и коруптивно владеење, пишува Глобус. Па дополнува дека за дпмнеовци заедничката бауч кампања е како создадена да поттикнуваат омраза и опасни националистички чувства, но дека тоа е провидна и политикантска сметка на дпмнеовци кои сакаат незадоволството на народот од нивното владеење да го свртат во своја полза со потхранување на национална нетрпеливост и делби. Плашејќи го народот со бауч на федерализацијата тендерската коалиција сака да се претстави дека само таа е способна и знае да менаџира во „вонредни“ состојби. Сигурно дека знае кога самата ги предизвикува, заклучува покрај другото авторот на колумната во Глобус.

Република - Одисеја 2015 на лидерот на СДСМ

Меѓу повеќето текстови во кои се критикуваат СДСМ и особено нејзиниот лидер, Република го опсервира и неодамнешниот престој на Заев во Словенија, напомнувајќи дека се случил веднаш по обелоденувањето на наводната српска врска на СДСМ и по, како што смета неделникот, катастрофалното израелско патешествие. „Вака би изгледала ʼОдисеја 2015ʻ на лидерот на СДСМ“ пишува Република во текстот насловен: „Кога очајниците избираат очајни и контроверзни партнери“. Тезата од насловот неделникот ја поткрепува со прашањето дали Заев во Љубљана барал чаре за анкетите, т.е. една подобна, добра анкета за партијата? Додавајќи дека изборот на контроверзни партнери како да е дел од битисувањето на СДСМ, па тврди дека Институтот ИФИМЕС поради своите происламистички ставови бил под опсервација на Словенечката контраразузнавачка служба.

Фокус - Преродбеничко семе на злото

Фокус ја продолжува својата истражувачка работа во потрага по гласачите од стотината фалсификувани лични карти за кои пишуваше во претходниот број. Па открива дека дел од нив веќе одамна не живеат овде, туку се во странство. Некои, пак, се тука и тие, нивните роднини и соседи за Фокус сведочат дека лажните лични карти со туѓи фотографии и на други адреси, очигледно се печатени со нивниот украден идентитет. А во воведната колумна насловена: „Преродбеничко семе на злото“ Фокус ја коментира изјавата на дополнителниот-заменик министер на МВР, како што го нарекува, дека „за помалку од 5 дена министерот може да го расчисти случајот со фалсификуваните лични карти“. Па заклучува дека „ Македонија затоа се смести меѓу ретките европски држави со политички мотивирани процеси. Чавков, поддржан од Јанкуловска и Мијалков, за 5 дена средувал 'непријатели'... пардон, пријави! Кога беа МВРО-ДПМНЕ!?“ прашува иронично авторката на колумната во Фокус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG