Достапни линкови

Власта жестоко против критичарите


Флаерите на кои се испечатени ликови на лидерот на СДСМ Зоран Заев, уредникот на „Слободен печат“ Бранко Героски и професор Љубомир Фрчкоски. На флаерите пишува дека тие сакаат да ја федерализираат Македонија. (Фотографијата е позајмена од Плусинфо).
Флаерите на кои се испечатени ликови на лидерот на СДСМ Зоран Заев, уредникот на „Слободен печат“ Бранко Героски и професор Љубомир Фрчкоски. На флаерите пишува дека тие сакаат да ја федерализираат Македонија. (Фотографијата е позајмена од Плусинфо).

Флаери, медиумска хајка, реклами, се фолклор на политичката сцена за справување со критичарите на власта. Со тоа се праќа порака дека никој не смее да мисли различно од тоа што е курсот на владејачката партија.

Флаерите на кои пишува дека СДСМ сака да ја федерализира Македонија се само дел од црната кампања која се води против критичарите на власта. Од една страна тоа е закана за тие кои лично се посочени, но и порака за другите да не се дрзнуваат да критикуваат.

Тоа се прилично вулгарни средства со кои се пресметуваат одредени политички партии со своите политички опоненти, значи од политички опоненти луѓето се претвораат во крвни непријатели и се разградува една основна политичка култура која би требало да ја има едно општество.
Џабир Дерала, Цивил.

Џабир Дерала од невладината „Цивил“, вели дека ваквите кампањи се фолклор на македонската политичка сцена и преку нив се промовира страв, притисок, сеење на омраза и низа други негативни појави кои го демолираат општеството.

„Тоа се прилично вулгарни средства со кои се пресметуваат одредени политички партии со своите политички опоненти, значи од политички опоненти луѓето се претвораат во крвни непријатели и се разградува една основна политичка култура која би требало да ја има едно општество.“

На флаерите кои се делат низ државата се испечатени ликови на лидерот на СДСМ Зоран Заев, уредникот на „Слободен печат“ Бранко Героски и професор Љубомир Фрчкоски дополнети со нивни цитати. Понатаму на флаерите пишува дека „овие луѓе не заслужуваат да ја добијат нашата доверба, тие ги распродаваат националните интереси 25 години по ред“. На флаерите не пишува кој е нарачател, но тие уследија по прилози на неколку телевизии со слична содржина, односно со обвинување дека СДСМ заговара федерализација. Власта го отвори прашањето со Рамковниот договор кога во септември ОБСЕ, владиниот секретаријат за спроведување на Рамковниот договор и Европскиот институтот за мир на Питер Фејт на прес конференција најавија дека подготвуваат анализа за спроведување на Договор. Сега провладините медиумите тврдат дека наводно во анализата ќе се предложи нешто што ќе доведе до федерализација во земјата.

Останува отворено дали МВР ќе реагира на флаерите.

Освен оцрнување на политичкиот опонент, ваквите кампањи имаат за цел и да извршат притисок врз општата публика, вели Дерала.

„Граѓаните едноставно се наоѓаат во ситуација постојано да бидат во страв дека некој ги гледа и дека ако тие проговорат, дури и ако помислат различно од тоа што е курсот на владејачката партија дека може да ги снајде истото, па дури и полошо, да ја изгубат работата, социјалната помош, други бенефиции кои им припаѓаат по закон, а владејачката партија ги претставува како милост која е во рацете на малкумина.“

Уредникот Бранко Героски за флаерите пишуваше и во колумна, во која меѓу другото вели дека тие кои го подготвиле и го дистрибуираат овој флаер и нивниот инспиратор Никола Груевски нема да успеат во намерата да го запрат и да го убедат народот дека тој ги „распродавал“ националните интереси. Понатаму тој пишува дека сите знаат дека ДПМНЕ на Груевски е вистинскиот предавник на Македонија.

По појавата на флаерите во Гевгелија, тамошниот огранок на партијата реагираше дека тие се гола пропаганда и чиста манипулација! Од СДСМ -Гевгелија велат дека ова е уште еден обид на ДПМНЕ да го оцрни СДСМ. Според СДСМ, ВМРО- ДПМНЕ и нивните медиуми се единствените кои зборуваат за федерализација.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG