Достапни линкови

Божиновска Петрушевска - Прифатните капацитети за мигранти треба да се прошират


Божиновска Петрушевска - Прифатните капацитети да се прошират
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:48 0:00

Божиновска Петрушевска - Прифатните центри да се прошират

Потребно е проширување на прифатните центри за мигрантите и нивно адаптирање согласно миграциските текови. Прифатниот центар беше воспоставен кога обемот на илегалната миграција, беше далеку помал, но сега има потреба од изградба на нови капацитети, вели шефот на канцеларијата на Меѓународната организација за миграции (ИОМ), Соња Божиновска Петрушевска во неделното интервју за Радио Слободна Европа.

Госпоѓо Божиновска Петрушевска, неодамна Собранието ги усвои измените во Законот за азил. Колку тоа ќе ги олесни случувањата со илегалните мигранти?

Да, законските решенија во Законот за азил сметаме дека во голема мера ќе придонесат во однос на намалување на ризиците на коишто досега беа изложени мигрантите, коишто се однесуваа на криумчарењето на мигранти, потоа нивната голема изложеност на разни криминални активности како што беа нападите, пљачкања итн. Така што, сметаме дека измените во Законот за азил придонесуваат во однос на легализирањето на движењето на мигрантите, а кога движењето на мигрантите е легализирано, имаат можност за поголем пристап кон заштитните механизми, имаат можност да бараат заштита. Клучна карактеристика на секој ефикасен систем на менаџирање на миграциите е да се обезбеди безбедно движење на мигрантите со што им се олеснува и правото и пристапот кон тоа да бараат азил, што е право кое што е гарантирано со меѓународните стандарди.

Каков е вашиот став за поставеноста на МВР во справувањето со овој проблем? Светски медиуми јавуваа дека во куќа во Ваксинце се држени како заложници и често се напаѓани од криминални групи.

Станува збор за мешани или таканаречени комплексни миграциски текови. Комплексни миграциски текови вклучуваат различни категории на мигранти, значи не станува збор само за еден тип на мигранти, туку има различни видови коишто имаат потреба од различни типови на заштита, вклучувајќи бегалци, вклучувајќи баратели на азил, вклучувајќи жртви на трговија со луѓе, непридружувани малолетници, како и жени коишто се особено ранливи во услови на вакви масовни миграциски текови. Сите тие поминуваат низ границите, најчесто на неавторизиран начин, најчесто без документи, поминуваат преку границите на повеќе земји коишто не ги познаваат добро, така што во очајниот обид да најдат сигурност, да најдат безбедност за себе и за своите семејства, тие се принудени да ги користат услугите на криумчарите на мигранти. Така што и во овој поглед активностите на МВР беа насочени кон откривање и казнување на криумчарите на мигранти, потоа исто така кон адресирање на оние случаи кога мигрантите беа напаѓани со цел спроведување одредени активности против овие мигранти како што е пљачкањето итн. Законот за азил, односно новите законски решенија во Законот за азил во голема мера ја намалуваат изложеноста на мигрантите кон разновидните ризици, меѓутоа сепак треба да се води сметка дека тие се движат на отворено, дека се изнемоштени и се наоѓаат во тешка финансиска ситуација и сè уште е потребна превенција и заштита во тек на нивното движење, бидејќи се наоѓаат во доста ранлива состојба.

Како да се заштитат? Какви мерки може да се преземат за олеснување на нивното движење?

Секако дека од огромно значење би биле тие засилени полициски присуства со цел да се обезбеди превенција на евентуалните ситуации на обиди за напад или криумчарење на мигрантите.

Што прави вашата организација за помош на мигрантите кои транзитираат низ Македонија?

Меѓународната организација за миграции е долгорочен партнер на МВР и другите македонски институции коишто имаат компетенции во делот на менаџментот на миграциите. Скоро комплетиравме заеднички проект со МВР којшто имаше за цел зајакнување на прекуграничната соработка во сузбивањето на разни форми на организиран криминал при којшто беше донирана и опрема за сузбивање на прекуграничниот криминал. Моментално го поддржуваме процесот на изготвување на информативни материјали, во соработка со други организации како што е Црвениот крст, коишто имаат за цел информирање на мигрантите за нивните права и подобра заштита додека се наоѓаат тука. Брошурите ќе бидат преведени на јазиците на коишто зборуваат мигрантите со цел да бидат разбирливи за нив и за да се оствари поголема заштита. Исто така планираме некаде од крајот на јули да започнеме со една помасовна информативна кампања којашто би имала за цел заштита на мигрантите од повеќе аспекти, нивно информирање, сè со цел да се оствари нивен безбеден престој. Понатаму, други активности коишто ги планираме се однесуваат на изработка на стандарди и препораки коишто се однесуваат на прифатните капацитети. Заедно со нашиот партнер УНХЦР ќе започнеме со имплементација на проект коишто се однесува на градење на капацитетите за справување со овие комплексни или мешани миграциски текови. Деновиве го комплетиравме и нашиот извештај и нашите препораки коишто се однесуваат на предизвиците коишто се поврзани со миграцијата на непридружуваните малолетници.

Колку сте присутни на терен со мигрантите, бидејќи впечатокот е дека со мигрантите повеќе се активистите кои им помагаат, а не организациите?

Како што знаете, формирано е координативно тело, така што ние сме во контакт со институциите, вршиме одредена проценка на потребите така што нашите проектни активности коишто ги планираме ќе бидат во насока на потребите на координативното тело, како и на институциите кои имаат компетенции во делот на менаџментот на миграциите.

Значи не сте биле на терен за да согледате каква е ситуацијата?

Сме биле, одиме на терен, затоа што одењето на терен е основа за проценка на состојбите и за креирање на проектни активности коишто ќе овозможат адекватно адресирање на ситуацијата.

Народниот правобранител нотираше лоши услови во прифатниот центар за мигранти. Какво е вашето видување за состојбите таму?

Народниот правобранител, како и други меѓународни извештаи укажаа на неадекватноста на просториите на профатниот центар за странци, како од перспектива на расположивите капацитети, така и од перспектива на меѓународните стандарди. Меѓународната организација за миграции исто така изработи физибилити студија за нерегуларните миграции на Западен Балкан и исто така беше препорачано дека е потребна поддршка од перспектива на проширување и адаптирање на прифатните капацитети согласно овие миграциски текови. Прифатниот центар беше воспоставен во период кога обемот на ирегуларната миграција беше значително помал. Сега обемот на миграцијата е многу помасовен, структурните карактеристики на мигрантите се други, има зголемено присуство на мигранти коишто имаат потреба од заштита, така што нормално дека е потребно да се изградат и прифатни капацитети коишто ќе одговараат на овие миграциски текови, како и на потребите за заштита на мигрантите. Сепак постојат определени позитивни придвижувања во овој поглед, имаме најави за пренамена на одредени објекти коишто би имале за цел да бидат прифатни центри за мигранти согласно стандардите, а исто така знаеме дека во последните недели има значително намалување на бројот на мигранти во прифатниот центар за странци, односно тие се пренесуваат од прифатниот центар за странци кон прифатниот центар за баратели на азил и се бараат други алтернативни решенија за сместување на оние мигранти коишто се ранливи, што е од огромно значење за правилно адресирање на проблемот согласно меѓународните стандарди.

Србија ги враќа мигрантите од границата со Македонија. Унгарија најави поставување ограда. Како вашата организација гледа на овие мерки?

Миграцијата по својата природа се одвива преку граници. Значи, таа е меѓународна и не може никоја држава самостојно и сама да ги менаџира миграциите, туку е потребна координација и соработка меѓу земјите, којашто е посебно клучна во вакви периоди на масовни миграции. Координацијата и соработката меѓу државите во голема мера би придонела за намалување и споделување на миграцискиот товар помеѓу земјите, согласно капацитетите со коишто тие располагаат. Нашето присуство во голем број земји во светот каде што постојат вакви масовни миграциски текови укажуваат на тоа дека кога постојат вакви состојби, државите се во дилема, од една страна како да се справат со ваков миграциски товар, којшто секако дека има и финансиски импликации врз државите, а од друга страна како да одговорат на потребата за заштита на мигрантите коишто имаат права според меѓународните стандарди.

Која е опасноста од таквите мерки. Постои ли опасност од бегалска криза во земјава? Како ние да одговориме на овие мерки?

Како што реков, клучно е да се воспостави соработка и координација меѓу земјите со цел сразмерно споделување на миграцискиот притисок со цел да се овозможи од една страна и ефикасно управување на миграциите, од друга страна и ефикасна заштита на правата на мигрантите. Од друга страна, без оглед на тоа дали ќе дојде или нема да дојде до миграциска криза, државите треба да се спремни, односно да имаат капацитети да одговорат на ваквите кризи и да се спремни за третман на мигрантите согласно меѓународните принципи. Знаеме дека е оформено координативно тело коешто има за задача следење на состојбата, да ги подготви тие неопходни капацитети и да соработува со сите релевантни институции со цел координација и комплементирање на активностите за да се постигне поголем ефект.

Подготвена ли е Европа да се справи со приливот на мигрантите, бидејќи очекувањата е дека бројката ќе се зголемува?

Согласно европската миграциска агенда, знаеме дека постојат препораки во поглед на соработка меѓу државите со цел државите да преземат одреден процент од мигрантите, со цел да се намали товарот на јужната граница, така што дискусиите во овој момент се во оваа насока, а исто така во поглед на подобрување на идентификацијата на мигрантите, затоа што некои од мигрантите имаат потреба од меѓународна заштита, а други немаат потреба од меѓународна заштита, така што оние коишто имаат потреба од меѓународна заштита своето место би го нашле во Европа, додека оние што не се во потреба од меѓународна заштита би биле вратени во земјите. Знаме дека, конкретно во поглед на барањата за азил, моментално најголем товар има во Германија, каде што бројот на барања за азил се околу 73 илјади, потоа следи Унгарија со околу 30 илјади, па Италија и Франција со по 15 илјади и Шведска со 11 илјади. Овие пет земји преземаат 85 отсто од вкупните барања за азил во Европа.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG