Достапни линкови

Рапидно расте бројот на илегални мигранти


Бројот на нелегалните мигранти низ земјите од Западен Балкан е значително во пораст во последниве години оценува шефот на канцеларијата на Меѓународната организација за миграции (ИОМ), Соња Божиновска Петрушевска. Во разговорот за Радио Слободна Европа таа додава дека мигрантите најчесто се од Сирија и од Авганистан, а преку регионот се обидуваат да стигнат во земјите од западна Европа.

Вашата организација се занимава со илегалните миграции. Колку според вас, Македонија е транзит земја за илегалните мигранит?

Според податоците на Фронекст има значителен пораст на бројот на ваквите ирегуларни премини низ целата западно-балканска рута. Имено, според статистичките извештаи на Фронтекс во 2010 година оваа бројка изнесува 3090, додека во 2013 има значителен пораст, односно бројката изнесува 19.950 ирегуларни премини низ целокупната западно- балканска рута.

Како според вас државата се бори против нелегалната миграција?

Се преземаат значителни мерки. Ваквите ирегуларни миграциски текови се вообичаено проследени и со зголемени криминални активности од страна на криумчарите на мигранти, кои се обидуваат да ги олеснат ваквите ирегуларни миграциски текови. Се преземаат соодветни мерки против криумчарите. Исто така се преземаат и мерки коишто се однесуваат на идентификување на ирегуларните мигранти, мерки за засилени гранични контроли, потоа мерки за зголемена соработка со земјите во регионот, како што се заедничките гранични патроли, потоа заедничките контакт центри за полициска соработка. Во 2013 година, Меѓународната организација за миграции ја финализира физибилити студијата за ирегуларната миграција во Западен Балкан и главните препораки коишто беа глобално изнесени се однесуваат на потребата од операционализација на програми за асистирано доброволно враќање, за оние мигранти кои немаат потреба од меѓународна заштита, потоа се однесуваше на прилагодување на прифатните центри, а исто така достапност на преводи од јазиците на коишто зборуваат мигрантите, како и на јазична анализа. Значи се преземаа значителни мерки. Граничната полиција има доста солидни капацитети, но сепак треба да се земе предвид дека станува збор за една вонредна состојба, станува збор за еден голем прилив на мигранти, така да е потреба поддршка во смисла на опрема и во смисла на справување со овие комплексни миграцисики текови.

Според вашите анализи, од кои држави најчесто се нелегалните мигранти коишто транзитираат во Македонија и кон кои држави практично се упатуваат?

Според анализите на ИОМ и ФРОНТЕКС најчесто мигрантите, и моментално, се од Сирија и од Авганистан, но исто така постојат и мигранти од други земји како што е Сомалија, Еритреја, Пакистан, Палестина, Бангладеш и од други земји. Рутите почнуваат од овие земји, потоа се транзитира преку турско-грчката граница, низ земјите од Западен Балкан, со цел да се стигне во земјите од ЕУ.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG