Достапни линкови

Две признанија за Трпчески на фестивалот „Алба моно“


 Делириум тременс.
Делириум тременс.

На 14-тиот интернационален фестивал на монодрама „Алба моно“, „Делириум тременс“ - копродукциски проект на „Театарска работилница“ и прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ работен по текст на Благоја Ристески Платнар,освои две значајни признанија: една специјална награда од мрежата на европски театарски асоцијации - НЕТА и една за најдобра машка улога на актерот и режисер Игор Трпчески.

Ова мене, со име и презиме, ми е прва награда во безмалку двете децении поминати во театарот. Нормално задоволството е големо, но не се чувствувам обврзан оти ние актерите не работиме за награди. Не играме за награди.

Убаво е кога некој ќе ти го вреднува трудот, но нашето задоволство е поголемо доколку претставата живее, доколку се игра, дури има публика и е барана...
Игор Трпчески, актер и режисер.

Вака Игор Трпчески ќе ја почне сторијата не многу по враќањето од 14-тиот интернационален фестивал на монодрама „Алба моно“, кој се одржа од 25 до 30 мај во Корча, соседна Албанија. На манифестацијата, во конкуренција од осум претстави, неговата „Делириум тременс“, инаку копродукциски проект на „Театарска работилница“ и прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ работен по текст на Благоја Ристески Платнар,освои две големи и значајни признанија: една специјална награда од мрежата на европски театарски асоцијации - НЕТА и една за најдобра машка улога.

Игор Трпчески.
Игор Трпчески.

„Убаво е кога некој ќе ти го вреднува трудот, но нашето задоволство е поголемо доколку претставата живее, доколку се игра, дури има публика и е барана...и луѓето се среќни по претставата, честитаат, им е драго што го потрошиле тој час, час и половина време за да не видат и можеби научиле нешто, нешто ги погодило или ги промашило во текстот или во самата изведба. За мене задоволството е поголемо од тоа, отколку од добиените награди. Јас верувам дека ниту еден актер, ниту автор живее и работи само за да добива награди. Се надевам дека тие имаат поголеми идеи и идеали во делата кои ги прават отколку тоа да добиваат некакви признанија“, вели Трпчески.

Тоа беше голем предизвик за мене. Екипата беше доста скептична и на ден пред изведбата ми сугерираше да ја играме на македонски јазик, но јас се решив да го преземам ризикот и одигрувајќи ја на англиски претставата ја доживеав на поинаков начин. Односно ликот го доживеав како поинаков.
Игор Трпчески, актер и режисер.

Тој дополнува дека играјќи го проектот чувствува како му се раѓаат мотиви и нови начини како да се изрази она што го има забележано авторот. Вели дека во Корча, и покрај скептицизмот на екипата, текстот за прв пат комплетно го одиграл на англиски јазик.

„Тоа беше голем предизвик за мене. Екипата беше доста скептична и на ден пред изведбата ми сугерираше да ја играме на македонски јазик, но јас се решив да го преземам ризикот и одигрувајќи ја на англиски претставата ја доживеав на поинаков начин. Односно ликот го доживеав како поинаков. Театарот е жива материја, жива уметност. Со секоја една изведба ние стануваме подобри, посигурни во она што го кажуваме ...и поточни на некој самосвоен начин. Нормално притоа се случуваат и грешки и промашувања, но јас верувам дека колку повеќе играме, толку повеќе стануваме побогати од секоја нова изведба и секое идно гостување, секоја нова средба со публиката. “

Инаку, вредно е да се спомене дека Трпчески игра и во претставата „Буре барут“, работена по култниот текст на Дејан Дуковски и во режија на Наташа Поплавска, за која прилепскиот театар беше прогласен за најдобар на меѓународниот фестивал НЕТА што се одржа во Враца, соседна Бугарија.

Говорејќи за ваквата меѓународна афирмација на својата матична куќа, актерот знае да каже дека досега во Бугарија за жал многу ретко гостувале. Дека нему лично му е многу криво што тамошната публика немала можност да ги види претставите на режисерот Мартин Кочовски како „Тапани во ноќта“ или „Кавкаски круг со креда“...бидејќи, како што вели, „тие имаат особена традиција во поставување и на Брехт и на театар воопшто“. Од таму потенцира дека признанието им е многу драго, особено поради фактот што на фестивалот во Враца учествувале големи и признати ансамбли.

„Јас се надевам дека ќе продолжиме со гостувањата. Ќе продолжиме со соработките со големи, светски режисери. Во најава е во нашиот театар наскоро да режираат Слободан Унковски, потем Лилија Абаџиева...Освен што сега имаме добар, проверен, докажан ансамбл мислам дека е доста важно во иднина кај нас да доаѓаат и нови, млади режисери и современи, европски, па и светски автори и режисерски имиња кои што нормално ќе остават свој печат на репертоарот на Прилепскиот театар, а и ние како актери учиме со секој нов проект. Особено со секој голем и различен режисер. Еве јас, во моите две децении во театарот, никогаш сум немал шанса да работам со Унковски и затоа навистина и се радувам на „Ајншатјновите соништа“ што тој најверојатно ќе ја постави кај нас. Ние веќе почнавме со него, но проектот се одложи за во септември и се надевам дека нема да се случи повторно пролонгирање. “

Прашан, пак, за тоа дали веќе како комплетен автор, актер, режисер и продуцент, за скоро време ќе се нафати да работи нов проект Трпчески појаснува дека тој редовно конкурира во театрите низ Македонија и потоа со нив пред Министерството за култура, но за жал ретко ( да не речам „никогаш“) успева да се избори за реализација на замислените проекти.

„Јас ќе продолжам со конкурсите и ќе живеам со надежта дека ќе добијам можност да работам нов проект. Еве, „Делириум тременс“ долги години тлееше во мене и по цела една декада конечно успеав да го поставам на сцена. Тогаш улогата што ја толкувам требаше да ја игра Благоја Спирковски Џумерко. Почнавме да работиме, но не успеав да најдам буџет за да го завршиме проектот. Баш ми е жал, бидејќи тоа ќе беше многу различно од она што го направивме денес. Сепак верувам дека надежта никогаш не згаснува за авторите, па така ќе откријам дека многу би сакал да го сработам текстот „На отворено море“ од Славомир Мрожек. Со него сум конкурирал на два пати – и во битолски и во охридски театар. Тоа ќе го сторам уште еднаш со надеж дека фамилијата Мирчевски, Петар, Филип и Мартин ќе успеам да ги составам заедно и дека ќе го реализираме овој проект. Ете тоа е мојата голема желба за самостоен и независен исчекор. “

Инаку, „Дерилиум тременс“ наскоро ќе биде прикажана на престојниот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, потем и на денот на независни продукции во рамките на актуелниот втор интернационален „МНТ-ФЕСТ“ и конечно на годинешното „Охридско лето“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG