Достапни линкови

Интернационален фестивал на монодрамата по 17-ти пат во Битола


Со „Животот на Молиер“ од Михаил Булгаков, во режија на Александар Поповски и продукција на МНТ, во петок на 24 април, во 20 часот, во Центарот за култура во Битола, свечено ќе биде отворен 17-от Интернационален фестивал на монодрама. На ова издание на манифестацијата, до 28 овој месец, ќе бидат прикажани 13 претстави од десет европски држави од кои исто толку во официјална конкуренција, а ќе се случи и праизведбата на „Делириум Тременс", што по текст на Благоја Ристески Платнар, како автор ја потпишува актерот Игор Трпчевски.

На Битола, од 24 до 28 април, ќе и се случува уметност. Театарска. По 17-ти пат, во градот под Пелистер, ќе се одржи Интернационалниот фестивал на монодрама, манифестацијата која не само што е една од најстарите на Балканот, туку која низ годиниве израсна во врвно културно случување на кое биле одиграни повеќе од 200 претстави и каде своето мајсторство и имагинација, своите соништа, ги претставиле бројни европски творци и театарски дејци.

Станува збор за една разновидна и еклектична програма. Се надеваме дека публиката навистина ќе ужива во она селекторот Петар Мирчевски и Центарот за култура преку фестивалот ќе го понудат и дека вака многу соодветно ќе се слави уметноста и ќе го славиме театарот.
Борче Димитровски, Центар за култура во Битола.

Во случајов, на програмата се најдоа 13 претстави од десет европски држави, од кои 11 во официјална конкуренција. Така, публиката ќе има можност да проследи остварувања како „Приказни без зборови“ на Стефан Руксанда од Романија, израелската „Конечно крај“ што како автори ја потпишуваат Питер Турини, Гера Сендлер и Мајкл Каит, „Краповата последна лента“ што по текст на Семјуел Бекет ја донесуваат актерот Хилми Демирер и режисерот Емр Ердем од истанбулскиот „Тиатро“, монодрамата со адаптирани текстови на Весна Парун и насловена како „Јас што имам невини раце“ на Весна Томинац Матачиќ и Иван Лео Лемо во продукција на Загребачко глумачко атеље, гогољевата „Дневникот на лудиот“ што во Драмскиот театар во Хасково, Бугарија, го поставија старите познаници Николај Урумов и Лили Абаџиева, „Зоран Радмиловиќ“ на Иван Томашевиќ и Андреа Ада Лазиќ во продукција на шабачката сцена „Маска“, авторскиот проект „Љубов“ на нашиот Петар Милошевски кој подолго време живее и твори во Лондон, Велика Британија...и така со ред.

Згора на тоа не сме да се заборави дека љубителите на уметноста овојпат ќе имаат можност да го проследат и сценско-музичкиот перформанс „Женски судбини“ што ќе го изведат актерките од култниот московски театар Тагањка и која ќе биде прикажана вон официјалната конкуренција.

„Станува збор за една разновидна и еклектична програма. Се надеваме дека публиката навистина ќе ужива во она селекторот Петар Мирчевски и Центарот за култура преку фестивалот ќе го понудат и дека вака многу соодветно ќе се слави уметноста и ќе го славиме театарот “, вели Борче Димитровски, првиот човек на оваа наша национална културна институција.

Инаку, на фестивалот ќе учествуваат и три македонски претстави. Весна Петрушевска ја претставува „Последна шанса“ работена според текстовите на Мирјана Бобиќ Мојсиловиќ, тетовецот Бурхан Амити ќе ја одигра адаптацијата на шекспировиот „Хамлет“, во случајов насловена како „Хашамет“, а ќе се случи и праизведбата на „Делириум Тременс", претставата која што, посегајќи по делото на култниот македонски писател Благоја Ристески Платнар, како комплетен автор ја потпишува Игор Трпчески.

„Текстот почува како комедија, потоа преминува низ фарса, апсурд, па натаму се стигнува до драма, психодрама, епски театар, па дури до антидрама и антитеатра на крајот. Така што, дури сега сфаќаме колку бил слоевит Платнар. Колку длабоко и големо перо бил. Мене навистина ми е чест и задоволство што како автор, актер и режисер, та дури и продуцент на оваа претстава, ете за прв пат да ја изведеме на некоја од сцените во Македонија“, истакнува Трпчески.

Конечно, во чест на наградените, во вторник на 28 април, ќе биде одиграна хит-претставата на МНТ „Не се клади на Енглези“ што по делото на Владимир Ѓорѓевиќ ја режираше Синиша Ефтимов.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG