Достапни линкови

Разочараност од ДУИ?


Притисоци врз ДУИ, шпекулации за разединетост во партијата, незадоволно гласачко тело, колку сето тоа ќе влијае на рејтингот на ДУИ?

Последните политички случувања ја доведуваат владата под притисок, кој иако е насочен кон најголемата владејачка партија, не го одминува ни албанскиот коалиционен партнер. Но, сепак, аналитичарите велат дека тоа нема значително да влијае на рејтингот на ДУИ.

Проблемот со грбот беше непостоечки проблем, Груевски го постави и му го даде на Аднан Јашари да го решава тоа. Проблемот со реформите во образованието, Груевски го стави во оган министерот на ДУИ. Проблемот со снеговите, го прескокна министерот Миле Јанакиески како ресорен министер и почнаа да се занимаваат со некој директор од Тетово.
Алајдин Демири, универзитетски професор.

Внатрепартиски препукувања, шпекулации дека партијата не е единствена и дека неколку пратеници се противат на уставните измени, претходно закани со оставки ако ДУИ го поддржи предлогот за нов грб на државата. ДУИ се најде под удар и поради протестите поради загадениот воздух во Тетово, протестите на студентите и професорите, штрајкот на СОНК, насочени против министерства кои се раководени од кадар на ДУИ.

Разочарувањето од ДУИ е огромно, никогаш не било поголемо, но на крај тие пак ги добиваат изборите, вели професор Алајдин Демири. Според него тоа се должи на гласачката машинерија создавана со години.

„Тука проблемот е во онаа бирократска структура, во вработените во сите сектори кои тука ја гледаат шансата и носат гласови на ДУИ, а политички се апсолутно невалидни и членството и електоратот се апсолутно разочарани.“

Кога се во прашање економските интереси кои секогаш се најважни и се наднационални, Албанците се сплотуваат без разлика на партиската припадност.
Соња Стојадиновиќ, политички аналитичар.

Демири вели дека се погласното противење на граѓаните Албанци не е насочено ниту кон министрите, ниту пак ДУИ е таргет на штрајкувачите, туку дека е насочено кон ВМРО-ДПМНЕ, затоа што тие под влада ја подразбираат оваа партија.

Политичкиот аналитичар Соња Стојадиновиќ вели дека сплотеноста на албанското гласачко тело и се погласниот револт покажува дека луѓето го губат трпението.

„ДУИ веќе почнува да го губи легитимитетот кај своето гласачко тело, со тоа што ништо не оствари од своите предизборни ветувања. Таа сплотеност, што е најсвеж пример, сега со сплотеноста само на Албанците наставници во штрајкот, наспроти несплотеноста и разединетоста на македонските наставници во штрајкот покажува дека кога се во прашање економските интереси кои секогаш се најважни и се наднационални, Албанците се сплотуваат без разлика на партиската припадност. Тие како етничка заедница многу го ценат својот глас и својата доверба дадена на своите политички претставници.“

Што се однесува пак до внатрепартиските прекупувања, Демири вели разменувањето на куршуми и на боксови е за тоа кој да биде поблиску до Али Ахмети, кој да раководи со огранокот или кој да има повисока функција, но на крај сите недоразбирања се пеглаат и ДУИ функционира како целина. Демири вели дека ВМРО-ДПМНЕ систематски ја уништува ДУИ.

„Проблемот со грбот беше непостоечки проблем, Груевски го постави и му го даде на Аднан Јашари да го решава тоа. Проблемот со реформите во образованието, Груевски го стави во оган министерот на ДУИ. Проблемот со снеговите, го прескокна министерот Миле Јанакиески како ресорен министер и почнаа да се занимаваат со некој директор од Тетово и од него бараат одговорност. Тоа покажува дека систематски се прави едно уништување на ДУИ како партија.“

Неодамна и вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор Муса Џафери во интервју за РСЕ не негираше дека покрај недоразбирањата во владината коалиција, постојат и внатрешни недоразбирања во ДУИ. Но како што вели Џафери, демократски е секој да размислува со своја глава, но дека постои партиска програма до каде може да се оди со таквите размислувања, уверувајќи дека фракции во партијата нема и нема да има.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG