Достапни линкови

Законите за образование во сенка на препукувањата меѓу ДПА и ДУИ


По четиричасовната пауза расправата се закочи на четвртата точка на дневен ред, односно на амандманот од ДПА за правична застапеност во Комисијата која ги изготвува студиските програми.

Расправата на денешната Комисијата за образование, наука и спорт во Собранието се претвори во низа обвинувања од страна на ДПА до ДУИ и министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, кој доаѓа од редовите на партијата, дека додека се на власт не преземале ништо за подобрување на образованието на Албанците.

Досега не сте направиле, еве 12 години, сте имале разни функции во владата и во ниедно министерство не сте ја извршиле вашата обврска кон граѓаните Албанци.
Орхан Ибраими, ДПА.

На комисијата денеска требаше да се расправа меѓудругото и за предлог измените за законот за високо образование. По четиричасовната пауза расправата се закочи на четвртата точка на дневен ред, односно на амандманот од ДПА за правична застапеност во Комисијата која ги изготвува студиските програми. Пратеникот на ДПА, Орхан Ибраими, рече дека амандманот треба да се поддржи, бидејќи така налага и Уставот.

Јас веќе не знам, веќе не сум ни писмена, после 5 саати чекање и договори, меѓутоа ова што го предложи колегата од ДУИ и ова што го предлага ДПА е истиот амандман.
Солза Грчева, независна пратеничка.

„Не, не се работи за принципи, туку се работи дека ова е уставна категорија и треба да се поддржи. Треба да имате политичка моќ како министер. Досега не сте направиле, еве 12 години, сте имале разни функции во владата и во ниедно министерство не сте ја извршиле вашата обврска кон граѓаните Албанци, а сега како министер за образование, кажете ни што сте направиле за Албанците. Велите дека се согласувате начелно, не треба начелно да се согласиш, треба да се гласа, треба вашите коалициони партнери да го поддржат овој наш амaндман“, рече Ибраими.

Амандманот не беше прифатен, по што ДУИ излезе со предлог амандман комисијата да има правична застапеност без да се загрозат критериумите за тоа кој да биде член. Независната пратеничка Солза Грчева реагираше дека се работи за истиот амандман.

„Јас веќе не знам, веќе не сум ни писмена, после 5 саати чекање и договори, меѓутоа ова што го предложи колегата од ДУИ и ова што го предлага ДПА е истиот амандман. За што станува збор? За тоа чекавме 5 саати и не знаевме кај да одиме? Ова е истиот амандман, потполно, само што додаваат на крај – стандардите да бидат испочитувани, а стандардите, ако прочитате во членот 9, се дефинирани во став 5, па според тоа не мора ни да го додаваат тоа, тоа е потполно истиот член, потполно истиот амандман“, рече Грчева.

Членовите од ДПА поради спор околу гласање за амандманот и правилата во деловникот побараа пауза. Откако комисијата продолжи беше одлучено амандманот да биде оставен на гласање откако расправата по другите ќе заврши. Грчева обвини дека предлог измените за законот за високо образование намерно се ставени последни на дневен ред за да не успеат да расправаат по нив.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG