Достапни линкови

Вето од Иванов или граѓанска непослушност


Студентите и професорите се надеваат дека претседателот Ѓорѓе Иванов ќе стави вето на измените во Законот за високо образование, ако тоа не се случи разгледуваат начини за изразување на револтот.

Измените на законот за високо образование утре се на второ читање на собраниската комисија за образование, наука и спорт, а речиси никој од засегнатите нема илузии дека тие нема да поминат во законодавниот дом. Сега, надежите на студентите и на професорите се во претседателот Ѓорѓе Иванов, од кого веќе побараа да стави вето на измените.

Истиот е наш професор и веруваме дека разбира за што станува збор и не ја исклучува можноста за ставање на вето на овој закон.
Владимир Делов, Студентски пленум.

„Истиот е наш професор и веруваме дека разбира за што станува збор и не ја исклучува можноста за ставање на вето на овој закон“, вели Владимир Делов од Студентскиот пленум.

Во Кабинетот на претседателот Иванов прашавме за неговите планови, но не добивме одговор како ќе постапи во врска со барањето за вето на измените на Законот за високо образование.

И професорката Катерина Колозова, која е дел од Професорскиот пленум, вели дека нема надежи оти може да се направи нешто сега во текот на собраниската постапка, односно да се спречат или да се повлечат измените.

Освен Иванов на крајот, иако навистина не знаме што би бил исходот, дали воопшто би ставил вето или не, друга основа за некаква надеж не постои и единственото средство за борба понатаму што останува е средството на граѓанска непослушност.
Катерина Колозова, Професорски пленум.

„Освен Иванов на крајот, иако навистина не знаме што би бил исходот, дали воопшто би ставил вето или не, друга основа за некаква надеж не постои и единственото средство за борба понатаму што останува е средството на граѓанска непослушност“, вели Колозова и додава дека граѓанската непослушност е демократско право на непочитување на како што вели недемократски закон.

„За студентите најверојатно би значело бојкот, за дел од професорите кои не се, знаете дека има добар дел коишто воопшто не се вработени, значи не може синдикално да се здружат и да штрајкуваат, тогаш и за нив би значело бојкот, за оние кои се вработени и коишто веќе имаат организирани синдикати или кои би дејствувале преку други синдикати, како СОНК и слично, можно е и штрајк, за тоа навистина не знам, тоа се само некакви дискусии коишто се провеале, далеку е од став на Пленумот“, вели Колозова.

Во случај да биде донесен законот и Делов вели дека е можен бојкот на наставата.

„Се уште не се решени модалитетите како тоа ќе се одвива, меѓутоа тоа е замислата генерално, да се изрази револтот “, вели Делов и додава дека не ја исклучуваат можноста ниту за нови протести.

Инаку студентите во пресрет на собраниската расправа веќе порачаа дека ќе дојдат на дебата, но ако се повлече законот. „Нашата идеја е да дебатираме околу потребата да се воведе вакво тестирање, а не за техничките недостатоци на тестирањето“ соопштија од нивниот пленум.

Како одговор на повикот на владата писмено да испратат аргументи за реформите и од професорскиот пленум соопштија дека имаат само една сугестија измените веднаш да бидат повлечени. Во меѓувреме пак Саша Митрев деканот на штипскиот универзитет Гоце Делчев соопшти дека немаа никакви пречки да ги поддржат измените во Законот за високо образование, повикувајќи се на тоа дека веќе биле прифатени дел нивни сугестии.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG