Достапни линкови

Граѓански отпор ако не се чуе академскиот глас


Заседание на студентски и професорски пленум пред Собрание
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:42 0:00

Заседание на студентски и професорски пленум пред Собрание

Студентите и професорите упатија последен повик до пратениците против измените на законот за високо образование. Собранието не ги повика да присуствуваат на седницата на која се разговара за законот.

Додека во собранието пратениците пристигнуваа за почетокот на седницата, професорите и студентите надвор пред зградата на парламентот дебатираа и ги кажаа своите аргументи. До пратениците забелешките ги доставија и писмено бидејќи, како што рекоа, немаат друг начин откако беше одбиено нивното барање за присуство на седницата, а и не беа вклучени во дебатата за владините измени.

Претставниците на Студентскиот и на Професорскиот пленум во паркот спроти Собранието повторно кажаа дека со овие измени меѓудругото се врши и упад во автономијата на Универзитетот и ја истакнаа поддршката што ја добиле од светските колеги против овие измени.

Ако претседателот на Република Македонија кој милува да ги учи и да ги повикува младите лидери на донесување на храбри одлуки, да собере храброст, барем сега да каже „не“, ако не посегне по ветото ќе го загуби не само својот политички легитимитет, туку и професорското и моралното достоинство и интегритет.
Владимир Мартиновски, професор од Филолошкиот факултет.

Владимир Мартиновски од Филолошкиот факултет, кој го прочита писмото кое го предадоа на пратениците, нагласи дека последната процедурална можност што им се отвора, ако законот помине и во собранието е ветото од претседателот.

„Ако претседателот на Република Македонија кој милува да ги учи и да ги повикува младите лидери на донесување на храбри одлуки, да собере храброст, барем сега да каже „не“, ако не посегне по ветото ќе го загуби не само својот политички легитимитет, туку и професорското и моралното достоинство и интегритет. Нам ни останува граѓански отпор“, рече Мартиновски.

Владимир Делов од Студентскиот пленум, пак, рече дека нив не ги интересира која партија е на власт, ниту, како што додаде, се борат оваа влада да падне за да дојде некоја друга, туку дека ги интересираат само студентските права. Тој зборуваше и за досегашниот однос на властите во врска со нивните активности.

Недолично е кога ние располагаме со аргументи, да ни вратите со лични дискредитации и навреди. Недолично е кога истакнуваме анализа, да нè обвинат дека сме партиски инструирани, дека сме нечии платеници, небаре сме државен непријател.
Владимир Делов, Студентски пленум.

„Недолично е кога ние располагаме со аргументи, да ни вратите со лични дискредитации и навреди. Недолично е кога истакнуваме анализа, да нè обвинат дека сме партиски инструирани, дека сме нечии платеници, небаре сме државен непријател. Единствената плата што ја добивме е во форма на психичко и физичко истоштување од секојдневното медиумско бомбардирање со манипулации и лаги. Единствениот двигател што нè инспирира е внатрешниот порив и чувството на долг кон татковината и народот кој вели дека е доста за студентска неправда, дека и ние сме деца на Македонија“, рече Делов.

Професорката Билјана Ванковска пак рече дека изјавата на премиерот дека професорите ги поддржуваат протестите затоа што се плашат од обврската за научни трудови е навреда за сите универзитети.

„Ние ги отфрламе сите такви инсинуации, а нека повелат нека ги читаат нашите биографии, нашите сивија, рецензиите со кои се избрани во овие звања, па потоа ќе разговараме“, рече Ванковска.

Потоа студентите и професорите се упатија кон собранието и во тревникот пред него одржаа уште неколку говори. Пред зградата наскоро се распореди кордон полицајци. а насобраните порачаа дека ќе се организираат за повторни активности во јануари кога се очекува законот да биде ставен на дневен ред за второ читање.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG