Достапни линкови

Законот во Собрание, студентите и професорите надвор


Професорскиот и Студентскиот пленум пред Собранието најавија за денеска отворено заседание на кое ќе се дискутираат прашањата за организирање на претстојните масовни демонстрации на незадоволство и револт како и начинот на организиран отпор кон предложените, како што велат, штетни измени во образованието.

Над 300 академици, професори, доценти, лектори и асистенти во отворено писмо до македонските пратеници ги повикаа да ги отфрлат новите предлог закони и измените и дополнувањата на постоечките закони во областа на високото образование, чија содржина, како што објаснуваат во писмото, енергично ја отфрлија и суштински ја оспоруваат. Професорите преку писмото се обраќаат до пратениците да ја запрат понатамошната постапка, и да ги сослушаат пред да донесат одлука што може скапо го чини целокупното општество.

Ги повикуваме пратениците, по општата расправа, да одлучат да се прекине со натамошното читање и со постапката, со што ќе оневозможат поднесување нов предлог во рок од три месеци.
Писмо на професорите со пратениците.

„Ги повикуваме пратениците, по општата расправа, да одлучат да се прекине со натамошното читање и со постапката, со што ќе оневозможат поднесување нов предлог во рок од три месеци. Се надеваме дека во второто читање, врз основа на јавната дебата, пратениците, матичната комисија и предлагачот ќе посегнат по бројни амандмани што ќе ги одразат барањата на засегнатите страни, иако остануваме со длабоко уверување дека само нов закон може да биде соодветна правна рамка за суштински и квалитетни реформи.“

Macedonia - Students protest to the Government of Macedonia against taking the state exam and education reform.
Macedonia - Students protest to the Government of Macedonia against taking the state exam and education reform.

Во писмото се вели дека ако Собранието изгласа закони по мерка на Владата, односно на партите, а не според потребите на засегнатите страни и на граѓаните, докрај ќе си го урне легитимитетот кој му е веќе поткопан, и ќе се потврди како партиска школа, наместо како школа на демократијата. На тој начин ќе докаже дека заборавило дека легитимитетот извира од нас, од народот, велат професорите.

Ги разбирам, но не се согласувам со нив. Кога веќе решиле да бидат професори треба да произведат квалитет, научна мисла, да работат и не треба да бегаат од тоа, бидејќи тоа го прават нивните колеги во сите земји, многу повеќе одколку тие.
Никола Груевски, премиер.

Тие посочуваат дека последното процедурално средство е претседателското вето и доколку претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, не собере храброст барем сега да каже не и не посегне по ветото, ќе го загуби не само својот политички легитимитет туку и професорското и моралното достоинство и интегритет. Професорите во писмото ги повикуваат пратениците да избегнат граѓански отпор и граѓанската непослушност, бидејќи им останува само таа филозофија, која како што велат е легитимна и во историјата на правото, и им е својствена на делата и на дејствата на многумина пред нас. Им се обраќаме на пратениците во нашиот законодавен дом, а не на угнетувачи-туѓинци, се вели во писмото.

Денеска премиерот Никола Груевски изјави дека професорите изразуваат револт, бидејќи според него со примената на државниот испит тие активно ќе треба да пишуваат и да испраќаат нивни трудови во реномирани светски списанија, кои за да бидат објавени треба да бидат квалитетни. Тој истакна дека законот е потребен, „затоа што сме на дното, на опашката во Европа“ и според него во таа насока бил револтот кај професорите.

„Ги разбирам, но не се согласувам со нив. Кога веќе решиле да бидат професори треба да произведат квалитет, научна мисла, да работат и не треба да бегаат од тоа, бидејќи тоа го прават нивните колеги во сите земји, многу повеќе одколку тие“, изјави Груевски.

На ваквата изјава реагираше и опозициската партија СДСМ. Од таму соопштија дека премиерот Никола Груевски се изгубил, бидејќи како што велат од партијата не можел да се помири со масовното студентско „не“, што ја дигна на нозе речиси целата академска јавност, рече на прес-конференција Петар Атанасов, претседател на Комисија за образование и наука на СДСМ. Тој рече дека Груевски по нападите на студентите, ги наапдна и професорите, велејќи дека протестирале зашто се плашеле од научни трудови?! Тоа е исто како да кажете дека докторите се плашат од грип, изјави Атанасов.

„Небулозите, наречени предлог законски решенија се во најголем дел апсурдни, неконзистентни и паушални. Кој може да нормира 5 секунди интервенција на тестатор? Зошто мора сè да се снима како во реално шоу? Ова сè е еден лош сон. Се предлага т.н државен испит, писмен тест, истовремено воведувајќи повторно устен испит, поради, како што констатираа, „аномалиите“ на писменото полагање според Болоња. И замислете, Владата ќе одлучува за почеток со годишната редовна работа на докторските студии“, реагира Атансов.

За 29 декември во 11 часот Професорскиот и Студентскиот пленум пред Собранието на Република Македонија најавија отворено заседание на кое ќе се дискутираат прашањата за организирање на претстојните масовни демонстрации на незадоволство и револт како и начинот на организиран отпор кон предложените штетни измени во образованието. Тие соопштија дека Отворањето на постапката на пленарна седница на Собранието на Република Македонија е во спротивност со јавно искажаниот став на најзасегнатите од овие промени и за нив е неприфатлив и недемократски чин: „затоа најавуваме уште поголема мобилизација и масовно противење на ваквиот начин на носење на одлуките.“

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG