Достапни линкови

Уставните измени пред „брзите прсти“ на пратениците


Седница на собраниската Комисија за уставни прашања.
Седница на собраниската Комисија за уставни прашања.

Парламентарно мнозинство на 20 јануари ќе одлучува за уставните измени, во отсуство на најголемата опозициска партија. Измените се однесуваат за семејното право, правосудството и за финансиската областа. Кои се проблематични делови во аманданите, дали во амандманите се вметнати забелешките на меѓународната заедница, дали е непходно да се менува уставот кога опозицијата е надвор од Парламентот и дали измените ќе ја добијат поддршката од коалициониот партнер во Владата ДУИ?

Дефинирање на бракот како заедница исклучиво меѓу само една жена и само еден маж, преименување на Народната Банка во Банка на Република Македонија, вметнување на Државниот завод за ревизија во Уставот како независна институција, прецизирање на фискалните правила во рамките на буџетот во делот на буџетски дефицит и јавен долг и создавање на уставна можност за основање на меѓународни финансиски зони. Ова се дел од пакетот уставни измени кои ги предлага Владата.

Навикнавме кај нас дека нема потреба од дебати, не само за уставните измени, туку за многу законски решенија коишто се носат во последно време и ние завлегуваме длабоко во една состојба каде што демократијата е само мислена именка за Република Македонија, така што не ми е ни чудно што во еден ваков момент се носат уставните измени.
Слободан Најдовски, аналитичар.

По неколкумесечно дотерување на амандманите, тие во вторник ќе се најдат пред „брзите прсти“ на пратениците. Уставните измени влегоа во последната фаза пред нивно конечно донесување. Владата ги достави конечните осум предлог- амандмани со нијансирани измени, вградувајќи само дел од препораките на Венецијанската комисија и јавната расправа од експерти и граѓански здруженија.

Една од главните забелешки на Венецијанската комисија е тоа што „во актуелната политичка ситуација каде што опозицијата ја бојкотира работата на парламентот не е најпогоден момент за претставување на уставните измени.“ Венецијанската комисија ги повикува сите политички сили да започнат конструктивен дијалог и соработка за разгледување на измените.

Поранешниот пратеник и економски аналитичар Слободан Најдовски вели дека најпроблематично е тоа што уставните измени се носат во период кога во Македонија постои политичка криза, односно кога во Собранието отсуствува најголемата опозициска партија.

Уставната заштита и јасната дефиниција на бракот ќе овозможи натамошна заштита на децата и афирмација на нивното на нивното воспитување во семејна средина каде носечки дел се родителите, односно таткото и мајката, со истовремена поддршка на улогата на самохраните родители.
Никола Груевски, премиер на Македонија.

​„Навикнавме кај нас дека нема потреба од дебати, не само за уставните измени, туку за многу законски решенија коишто се носат во последно време и ние завлегуваме длабоко во една состојба каде што демократијата е само мислена именка за Република Македонија, така што не ми е ни чудно што во еден ваков момент се носат уставните измени“, вели Најдовски.

Европската комисија забележа дека не постои јасно објаснување на причините за соодветните амандмани, особено за точната потреба и проблем кон кој тие се насочени. Во нивната забелешка се вели дека не постои анализа за моменталната состојба, со краток преглед на факторите и податоците кои довеле до тоа овие амандмани да бидат предложени, нема проценка ниту прогноза на посакуваните ефекти од нив и како последно е наведено дека за ака значајни амандмани нема нацрт верзии на соодветно законодавство кое ќе биде погодено како резултат на овие измени со што е невозможно да се знае како промените ќе бидат имплементирани во пракса.

Изразите кои се употребуваат во дефиницијата на бракот се во еднина „маж“ и „жена“, нема потреба сега да се нагласи таква јасна законска одредба како материја легис, да се префрли и да биде материја конституционис.
Осман Кадриу, универзитетски професор.

Според собранискиот Деловник, за секој амандман ќе се гласа поединечно, а потоа ќе се гласа за прогласување на амaндмaните како пакет. И за донесувањето на амандманите и за нивото прогласување ќе биде потребно 2/3 мнозинство, односно поддршка од 82 пратеници. Според доставените материјали до Собранието, амандманите ќе станат составен дел од Уставот веднаш по нивното донесување со тоа што амандманот што се однесува на фискалните правила ќе почне да се применува во 2017 година. Во рок од шест месеци до една година, согласно предложениот Уставен закон, Собранието ќе треба да донесе и дополнителни закони што ги наложуваат ваквите уставни измени.

Формално-правно Власта направи измени во амандманите, избриша дел од спорите членови за кои алармираа граѓанскиот сектор и меѓународната заедница, но си остави простор во Уставот за истите подоцна да ги уреди со посебен закон, со што покажува дека не се откажува од првичната намера.

Сите прашања во однос на бракот, во брачната заедница, ќе бидат уредени со закон којшто ќе биде во Собрание со дво-третинско мнозинство од вкупниот број на пратеници.
Аднан Јашари, министер за правда.

На пример во делот од семејното право, се откажа од обидот да го вметне во уставот терминот „вонбрачна заедница “ но не отстапи од регулирање на бракот како „ животна заедница меѓу исклучиво само една жена и само еден маж.“

Аднан Јашари.
Аднан Јашари.

„Уставната заштита и јасната дефиниција на бракот ќе овозможи натамошна заштита на децата и афирмација на нивното на нивното воспитување во семејна средина каде носечки дел се родителите, односно таткото и мајката, со истовремена поддршка на улогата на самохраните родители“, изјави неодамна премиерот Никола Груевски.

Се однесувате вие од владата и од парламентарното мнозинство како хомосексуалцитеда чекаат ред пред државните институции за да склучат брак, и ова ве натерало итно да уредите прашање кое што не е битно. Знаете кој чека пред институциите? Ред чекаат невработените, социјалните случаи, во ред чекаат тие што имаат маки“, изјави Алиу.
Имер Алиу, ДПА.

Професор по уставно право Осман Кадриу, вели дека нема потреба од такво регулирање затоа што бракот е веќе регулиран со закон, а нема потреба од правење на лекторски грешки во членот.

„Изразите кои се употребуваат во дефиницијата на бракот се во еднина „маж“ и „жена“, нема потреба сега да се нагласи таква јасна законска одредба како материја легис, да се префрли и да биде материја конституционис“, вели професор Осман Кадриу.

Во забелешките на Венецијанската комисија е наведено дека Комисијата препознава оти државата има голема дискреција во регулирањето на институцијата брак, меѓутоа зборувајќи за претходната варијанта на амандманот каде што беше вметнат и терминот „вонбрачна заедница“, комисијата забележува дека доколку амандманот зборува за други форми на партнерства, тоа не значи дека не треба да се исклучи обезбедување на двојките од ист пол исто ниво на правно признавање како што се обезбедува за различно-половите парови.

Да се обрне внимание на некои нешто за кои, не би рекол дека се споредни, меѓутоа по се изгледа некоја дебела криза тука доаѓа, претпочитам нешто со името веројатно, но ова веќе станува метод на работа на ВМРО, кога има тешко моменти, односно кризни состојби да се пренасочи вниманието на некои работи кои се исто така интересни и атрактивни за народот.
Алајдин Демири, аналитичар.

Министерот за правда Аднан Јашари вели дека забелешките на комисија кои се однесуваат на бракот ќе бидат прифатени.

„Сите прашања во однос на бракот, во брачната заедница, ќе бидат уредени со закон којшто ќе биде во Собрание со дво-третинско мнозинство од вкупниот број на пратениц“, вели министерот за правда Аднан Јашари.

Според владејачкото мнозинство овие измени се носат поради предизвиците на современото време, да се спречат обидите за негово редефинирање, деинтитуализација и негова постепена маргинализација.

Спорените делови околу останатите видови на животно партнерство според уставните измени ќе се регулираат дополнително со посебни закони.

Пратениците на ДПА на последната седница на уставната комисија беа децидни дека нема да го поддржат овој амандман затоа што е сосема непотребно во овој период да се носат такви измени, бидејќи велат во земјава во моментов има многу поприоритетни работи.

„Се однесувате вие од владата и од парламентарното мнозинство како хомосексуалцитеда чекаат ред пред државните институции за да склучат брак, и ова ве натерало итно да уредите прашање кое што не е битно. Знаете кој чека пред институциите? Ред чекаат невработените, социјалните случаи, во ред чекаат тие што имаат маки“, изјави Алиу. “, вели пратеникот Имер Алиу од ДПА.

Аналитичарот Алајдин Демири вели дека сета расправа која бучно се водеше околу уставното дефинирање на бракот е само дефокусирање на јавноста.

„Да се обрне внимание на некои нешто за кои, не би рекол дека се споредни, меѓутоа по се изгледа некоја дебела криза тука доаѓа, претпочитам нешто со името веројатно, но ова веќе станува метод на работа на ВМРО, кога има тешко моменти, односно кризни состојби да се пренасочи вниманието на некои работи кои се исто така интересни и атрактивни за народот“, вели Демири.

Најдовски смета дека на дел од амандманите не им е место во највисокиот акт на државата, затоа што тие без проблем може да се решат со законски акти.

„Сметам дека е непотребно дефинирањето на бракот кое се прави да биде уставна категорија и тоа е само замајување на јавноста и одвлекување од вистинските проблеми, пред се на економски план со кои се соочуваат граѓаните, но сепак најпроблематични во овој момент, од аспект на измените коишто се носат, за мене се овозможувањето на формирањето на финансиските зони“, вели Најдовски.

Тој објаснува дека амандманот со кој во „Македонија со закон може да се основаат меѓународни финансиски зони, а организацијата и работењето на овие зони се уредува со закон“, е најголемиот проблем за кој допрва ќе треба да се истражува околу можните последици.

„Имајќи превид дека Уставот се уште не е променет, од информациите во медиумите веќе се ангажирани консултантски куќи за реализација на тој дел од Уставот, што значи дека некој однапред знае дека уставните амандмани ќе бидат усвоени, што е надвор од кои било правила на демократијата.“

Најдовски истакнува дека проблемот со финансиските зони отвора голем простор за манипулации и непознаници.

Во забелешките на Венецијанската комисија кои се однесуваат на неревидираниот амандман за финансиски зони е наведено дека власта треба да се осигура дека создавањето на посебен правен режим за странски инвеститори нема да резултира со воспоставување на „ држава во држава“ и дека сите меѓународни обврски на земјава се целосно применливи и се спроведуват во зоната.

Заменик министерката за правда Билјана Бришкоска-Бошковски вели дека односите во зоната ќе бидат дополнително регулирани со закон.

„Со законот со којшто ќе се основаат меѓународните финансиски зони ќе бидат уредени односите во рамките на самата зона и дека прописите коишто се однесуваат, односно ќе се применуваат во зоната во делот на перење на пари, затајувањето на данок, тероризмот итн, ќе бидат уредени согласно меѓународните ратификувани закони“.

Професорката Гордана Силјановска Давкова вели дека со овие измени во уставот се создаваат сомнежи за можната злоупотреба. Таа вели дека меѓународните финансиски зони не се дел од уставот на ниту една друга и овие измени имаат елемент на квази автономија, екстериторијалност.

Професор Осман Кадриу смета дека со овие амандмани се отвора правен простор за криминални дејства.

„Навистина се задира и во суверенитетот на државата, а ќе се создадат и правни можности за секакви шпекулации и други нечесни и криминални работи“, вели Кадриу.

Дел од економистите пак предупредуваат дека финансиската зона е даночен рај и можност за влез на нечист капитал. Го повредува принципот на конкурентност и со повластените услови создава нееднаквост за учесниците на пазарот. Поранешниот министер за финансии Никола Поповски, вели дека финансиската зона е една од најлоши решенија во овие уставни промени. ако воопшто има добра уставна промена.

„Мислам дека Македонија е на добар пат да се претвори во една држава какво Кајманските острови, Шејфилдски острови, каде што странците лесно може да отвораат фирми“, вели Поповски.

Тој објаснува дека со финансиските зони ќе се прави дискриминација, затоа што условите во кои работат банките и компаниите се ригорозни, а оние во зоните ќе бидат поинакви.

„Македонија за странските инвеститори веќе е доночен рај, но сега може да се претвори во „финансиски рај“, каде што големите финансиски институции од светот ќе можат не во доночна, туку во финансиска смисла да ги обавуваат своите трансакции на начин на кој не можат на други места“, вели Поповски.

Во амандманот е изоставена дефиницијата за меѓународни финансиски зони и од содржината на самиот член не е возможно да се претпостави кои поволности ги нудат зоните за нивните карактеристики. Објаснувањето на Владата е дека со нив ќе се зголеми приливот на странски инвестиции, ќе се привлекуваат меѓународни банки, инвестициски фондови и корпорации, а со нив и нови работни места.

Дел од експертите веќе предупредија дека формирањето на ваквиот тип зони е непознат кај сериозните европски држави и може да биде голема пречка за Македонија на патот кон членство во ЕУ.

Што се однесува до амандманот со кој се ограничува буџетскиот дефицит на ниво од 3 проценти од БДП и јавниот долг на 60 проценти од БДП, според економските аналитичари е лицемерно по 8 години владеење мнозинството да прави измени во уставот во овој апсект. Како лицемерен се опишува и објаснувањето дека со новите фискални правила ќе се гарантира фискална дисциплина и стабилност на државата, но и ќе се придонесе за транспарентност во користењето на буџетските средства затоа што за поголема транспарентност првично е потребно да се објави колку изнесува вкупниот јавен долг сочинет од долгот на централната власт, долгот на општините и Град Скопје, долгот на јавните претпријатија и на трговските друштва со доминантна државна сопственост. Проблем се јавува од недоволна транспарентност на вкупниот јавен долг, а со негово уставно ограничување тој проблем нема да се реши, се децидни економистите.

Поранешниот гувернер на НБРМ, Петар Гошев, смета дека последното менување на дефиницијата на јавниот долг се граничи со насилство. Според него, беспредметно е да се говори за ниво на јавен долг ако нема одговори на прашања со колкаво јавно богатство располага Македонија.

„Имаме ли ние бројка за Македонија? Имама ли проценка за националното богатство? Има ли статистика? Има ли истражување за тоа? Нема. Вие треба да имате база од каде треба да земете да го покриете тоа што го должите инаку ќе ви ги запленат сите бродови, летови од странство да си ги наплатат долговите“, вели Гошев.

Во однос на останатите амандмани кои се во економската сфера, ефектите од нив се делумно мали велат аналитичарите.

Поранешната судијка за човекови права во Стразбур Маргарита Цаца Николовска вели дека какви и промени да се прават од нив нема да има бенефит се додека не се смени менталитетот на власта која треба да престане да ги партизира инстутуциите.

„ Треба судството да се остави да може да работи врз основа на закон, на Устав, на меѓународните договори, меѓународните стандарди, за кои се претпоставува дека се залагаме“, вели Цаца-Николовска. “.

Според објаснувањето на Владата уставните измени кои се однесуваат на правосудството имаат за цел да се избегне секоја можна политизација во процесот на изборот и разрешување на судиите, со оглед дека судиите избирани од нивните редови ќе бидат побројни во однос на другите членови. Исто така се предлага и редефинирање на составот на Судскиот совет и во однос на членовите по функција - министерот за правда и претседателот на Врховниот Суд.

Според професорот по уставно право Осман Кадриу потребно е да се интервенира во Уставот во делот на Уставниот суд и неговите надлежности.

Според професорот Светомир Шкариќ, Владата предлага нови уставни термини и категории, кои се противречни со преамбулата и со темелните вредности на уставниот поредок.

„Предложените амандмани можат да се наречат од гледиштето на нивната содржина, не од гледиштето на процедурата, како контра Устав на овој постојниот. Станува збор за нови форми, за нови уставни термини и категории со кои јас првпат се сретнувам, тоа важи особено за амандманот 34 кој ја воведува меѓународната финансиска зона, со такви решенија, има разорно дејство врз македонската државност, вклучувајќи ги и одлуките на АСНОМ.“

Тоа, според Шкариќ, ќе биде најголемата пречка за зачленување на Македонија во ЕУ. Во однос на политичките очекувања за тоа како ќе поминат во собрание измените, според досегашната усогласеност на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, се очекува уставните амандмани на 20 јануари да бидат усвоени без проблем. Од претставниците на ДУИ не добивме коментар каков е партискиот став за уставните измени. За сега јавно својот став го кажаа претставниците на ДПА кои истакнаа дека ќе гласаат против за дел од уставите измени кои според нив се непотребни и не ги отсликуваат потребите на малцинството во земјава.

Аналитичарите очекуваат овие измени да поминат глатко во Парламентот. Најдовски вели дека според досегашните односи на коалиционите партери не гледа причина за сомнеж дека ДУИ ќе гласа против.

„Имам впечаток дека амандманите се врз основа на договор меѓу првите луѓе на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, а што се договорат двајцата главни креатори на политиката во Република Македонија, тогаш, сметам, дека не би претставувало проблем да помине во Собранието и дека ќе бидат изгласани“.

Шкариќ вели дека речиси сите уставни измени се правени со политички консензус.

Во изминативе 20-тина години Уставот претрпе вкупно 7 измени. Прв пат беа внесени амандмани со кои се тврди дека Македонија нема територијални претензии кон други држави и дека нема да се меша во внатрешните работи на други држави. Втор пат беше менуван во 1998 година кога притворот од 90 дена се зголеми на 6 месеци. Па потоа следуваше Рамковниот договор со измена на 15 амандмани. Во 2004- та беше легализирано прислушувањето само со судска одлука а во 2005 беа внесени реформите во судството. Последните измени се направени во 2009 и 2011 година кога во Уставот се внесени амандмани за намалување на цензусот за избор на претседател од 50 на 40 отсто и можноста за екстрадиција на македонските државјани.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG