Можеби ќе звучи како клише сето ова што ќе го кажам, но дека наградата му значи на секој актер бескрајно многу тоа е навистина непобитен факт. Кој вели дека не е така или лаже или се залажува себеси.
Буквално ме обзеде една таква искрена радост и наградата ми значи многу, затоа што чувствувам дека трудот некако ти е награден, дека има смисла сето тоа што го работиш и дека има смисла начинот на кој што живееш.Даниела Иваноска, актерка.
Вака актерката Даниела Иваноска од театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп ќе ја започне сторијата по веста за добивањето на наградата за најдобра женска епизодна улога, Алтана во „Буре барут“ од Дејан Дуковски и во режија на Наташа Поплавска, на штотуку завршениот 11 по ред Меѓународен фестивал на актерот што се одржа во Никшиќ, Црна Гора. Таа истакнува дека првично нејзината реакција била рамнодушна, за да потем кога пристигнала и официјалната информација „и се препушти на радоста како мало дете“.
„Просто бев радосна како мало дете кога се радува на нова играчка, кога рипа во кревет или кога шлапа со ножињата во вирче водичка. Буквално ме обзеде една таква искрена радост и наградата ми значи многу, затоа што чувствувам дека трудот некако ти е награден, дека има смисла сето тоа што го работиш и дека има смисла начинот на кој што живееш. Среќа е можеби највистинскиот збор во однос на ваквите нешта и посакувам истово секому да му се случи и да се чувствува исполнет. Душата да му биде спокојна и полна со радот. Да има безброј насмевки на лицето.“
Одлуката дека ќе си ги спакувам куферите и дека ќе дојдам овде, и од приватни и од професионални причини, можеби е една од моите најдобри одлуки кои што ги имам направено во животот и се радувам дека цврсто сум дошла до таков заклучок.Даниела Иваноска, актерка.
Актерката дополнува дека независно што таа ја добила наградата, радоста е за целиот колектив. За сите нејзини другари. Потенцира дека тие така си се викаат оти тоа колеги малку сурово им звучи и дека никогаш не забораваат дека пред сè се луѓе, а тоа значи и пријатели во вистинскиот смисол на зборот.
„Едноставно овде така функционираме и ги делиме сите лоши или убави моменти, а тежнееме само кон нешто што е само добро. Затоа мислам дека функционираме така како што функционираме и не се лажеш за впечатокот што го имаш за овој наш театар, дека станува збор за еден силен творечки колектив, колектив на моќни актери и луѓе ангажирани околу сето ова, на една убава клима за работа. И уште нешто, овде е реалност – искреноста. Сета онаа искреност што ретко може да се види во очите на другите луѓе, особено не кај луѓето кои што се дел од оваа фела. “
Од таму Иваноска воопшто не ја мачи сомнежот дека со тоа што одлучила од Скопје да се врати во Прилеп и да се вдоми во театарот „Војан Чернодрински“ со нешто е ускратена во однос на креативноста и колку можност и се дава да твори, да е активна и да живее на сцена. Истакнува дека во Скопје каде одиграла неколку епизодни рољи не успеала да си го најде своето место, своето парче небо и дека некако многу мачен и се видел тој пат за да може да функционира онака како што самата го самислува овој начин на живеење.
„Одлуката дека ќе си ги спакувам куферите и дека ќе дојдам овде, и од приватни и од професионални причини, можеби е една од моите најдобри одлуки кои што ги имам направено во животот и се радувам дека цврсто сум дошла до таков заклучок. Тоа е најдоброто нешто затоа што овде средината, атмосферата и луѓето кои што го движат овој театар му даваат можност секому да се испроба, да го вкуси овој свет. Едноставно шансите се безбројни, а начинот на кој самите ние го зграпчуваме тоа свиси само од нас. Тоа значи дека сме отворени за секаква комуникација. Јас имам максимална подршка од сите колеги. Не е важно кој каква улога игра или кому му е доделена. Не правиме муабет за мали или големи улоги. Едноставно функционираме како колектив и како креативни суштества се развиваме кон нешто поголемо, нешто повозвишено.“
Запрашана дали по некаде триесеттина улоги од кои поголемиот дел во нејзината сегашна матична куќа се уште трпеливо ја чека онаа која ја „сонувала“, која органски ќе и легне...актерката вели дека некоја посебна желба, некаков зацртан лик, нешто што би сакала да отелотвори на сцена и нема. Вели дека му се радува на секој нов проект и на секоја задача што ќе ја добие. Потенцира дека тоа е онаа убавина или начинот на кој таа во Прилеп научила да живее и да ги вреднува работите.
„Нема да излажам ако кажам дека подеднакво сум среќна кога играм ваква или онаква улога. Најважното е дека треба да се игра, дека треба да се ужива во таа игра. Да се радуваш и да се разбудиш. “
Инаку, Даниела Иваноска зад себе има триесетина улоги, а во моментов е дел од екипата на „Адам и Ева“ што по текст на Мирослав Крлежа, на сцената на театарот „Војдан Чернодрински“, го поставува режисерката Ана Максиќ од Хрватска и чија премиера се очекува на крајот на ноември годинава.