Теа Беговска за својата нова режиска поставка „Ајде да имаме секс!“ ќе запише дека тоа е приказна за луѓе отуѓени и осамени. Поосамени и од самата самотија. Вели дека тие се затворени во еден општествен систем и преку сексот како тема, како начин на живот, пробуваат да најдат излез. Да побегнат во подобар свет.
Моето прашање е кое е тоа место од каде што ние сакаме да побегнеме и каде сакаме да побегнеме. Каков е тој подобар свет во којшто сакаме да одиме.Теа Беговска, режисерка.
Појаснува дека она што ги поврзува сите ликови во пиесата, онака како што ги напишал авторот Валентин Краснагоров, е дека тие сакаат да побегнат од местото каде што се насадени.
„Моето прашање е кое е тоа место од каде што ние сакаме да побегнеме и каде сакаме да побегнеме. Каков е тој подобар свет во којшто сакаме да одиме. Ние секојдневно се бориме со тоа. Сите сакаме некаде да заминеме. Каде е проблемот? Зошто не го правиме тоа? Која е идеалната наша слика за тој подобра свет? Што има во тој свет?“, вели таа.
Не е целта на претставата да се сфати таа фраза „Ајде да имаме секс!“ во буквална смисла. Нашата идеја е секој да си го најде своето значење на таа фраза.Теа Беговска, режисерка.
Беговска дополнува дека целта на една претстава не е само да се направи и да се одигра неколку пати. Вели дека тие сакаат „Ајде да имаме секс!“ да ја играат секаде и да допрат до оние кои се останати овде. Појаснува дека темата е провокативна и дека провокацијата тргнува од самиот наслов.
„Не е целта на претставата да се сфати таа фраза „Ајде да имаме секс!“ во буквална смисла. Нашата идеја е секој да си го најде своето значење на таа фраза. Што значи тоа за секој од нас. Дали значи „Ајде да побегнеме...“ или „Ајде да направиме нешто ново...“, „Ајде да направиме нешто за себе и за другите...“ , „Ајде да промениме нешто што ни смета!“. Јас сакам да апелирам до секој од публиката да побара што за него лично значи таа фраза“, вели режисерката.
Концептот на моите независни проекти е да бидат многу интимни. Да допрат многу блиску до публиката. Ако има сто-двесте луѓе во гледалиштето не сум сигурна дека ќе го постигнам тој ефект.Теа Беговска, режисерка.
Следејќи го својот творечки ракопис и оваа претстава на Беговска, во која патем настапуваат и Владанка Димковска, Никола Кузелов, Талија Настова и Бобан Кулески, ќе се игра во клубски, интимни простори.
„Концептот на моите независни проекти е да бидат многу интимни. Да допрат многу блиску до публиката. Ако има сто-двесте луѓе во гледалиштето не сум сигурна дека ќе го постигнам тој ефект. Претстава е многу интимна. Актерите буквално играат до самата публика. Ја гледаат во очи. Мене тоа ме возбудува и ме интересира. Сакам секој еден гледач да нè доживее многу блиску, многу интимно и да му се обратиме. Сакам да влезе во нашиот свет“, вели Беговска.
Режисерката истакнува дека во театар, во институционални услови, тоа не можеш да го постигнеш затоа што пред сè има завеса.
„Има една темница која што ја прави таа граница помеѓу оној свет на сцена и овој реалниот во публика. Јас сакам да ја урнам таа граница помеѓу имагинарниот свет на режисерот и овој што е долу, реалниот, земниот да речам. Тоа да стане едно“, вели Беговска.
Кон ова само уште информациите дека автор на впечатливиот плакат за претставата е уметникот Ване Костуранов, дека костимите ги направи Роберт Ивановски, фотографиите се на Горан Поповски, а по скопски „Балет“ екипата си пожелува и ќе работи на тоа „Ајде да имаме секс!“ да ја видат и љубителите на театарот во Куманово, Битола, Прилеп, Струмица и во другите поголеми градови во Македонија.