Тргнувајќи од Брехтовата теза дека уметноста треба да биде чекан што ќе го обликува општеството, а не нејзино огледало, на Битола и воопшто на македонската (суб)културна јавност и сите самомислечки луѓе, од 22 до 24 август, ќе им се случи деветтото издание на АКТО – Фестивалот за современи уметности кој, некако по традиција, се обидува и успева преку бројните настани и дискусии да ги разбуричка канонизираните поимања на нашата овдешна стварност.
Во последните шест – седум години, и регионално и во европски контекст, доста е променет начинот на тоа како се продуцира културата и уметноста.Филип Јовановски, уметник, активист и уметнички директор на АКТО.
„Во последните шест – седум години, и регионално и во европски контекст, доста е променет начинот на тоа како се продуцира културата и уметноста. Затоа заедно со целиот тим сакавме да го преиспитаме односот на уметноста со општествените процеси. Да видиме до каде може да влијае уметноста, што значи таа врска, каква треба да биде таа релација... И тука е чеканот што го спомнува Брехт, всушност дека уметноста треба да биде тој чекан и тоа го третираме преку различни содржини низ програмата на Фестивалот“, вели Филип Јовановски, уметник, активист и уметнички директор на АКТО.
Сметаме дека тука постои простор и дијалектика помеѓу уметноста и политичкиот активизам кој може да внесе нови размислувања, нови позиции на гледања.Артан Садику, активист.
Тој дополнува дека тежнеат да ги преиспитаат историските процеси почнувајќи од 1968 и студентските демонстрации, да се обидат да проникнат каде и што се згрешило, дека притоа реферираат не само на Брехт, туку и на еден Пазолини и конечно на моменталните состојби обременети со силни националистички и конзервативни тенденции кои доминираат во земјава, но и глобално со европскиот културно-политички простор.
Во таквата концепциска поставеност на официјалната програма која е поделена на три целини особено е интересна серијата дискусии насловена „Возможно/невозможно – дијалектиката помеѓу политичкиот активизам и уметноста“ за чиј концепт се погрижи теоретичарот и активист Артан Садику. Тој вели дека целта на дискусиите е да се разгледаат различните возможности на взаемно влијаење на политичкиот активизам и уметноста, особено во делот на автономијата на уметноста, на делот кога таа ги руши границите и хиерархиите и поставува ново поле на креација. Да се преиспита колку таквите потенцијали на уметноста можат да бидат релевантни за политичкиот активизам кој денеска не само во Македонија, ами во светски рамки се има соочено со ѕидот на претставничката демократија во која не може да се артикулираат барањата од активистичките- политички движења.
„Сметаме дека тука постои простор и дијалектика помеѓу уметноста и политичкиот активизам кој може да внесе нови размислувања, нови позиции на гледања на она што е политичко, што е возможно во политиката, а кое се пресликува од уметничката пракса која подолго време си има изградено своја автономија вон воспоставената политичко формална процедура“, истакнува Садику.
На манифестацијата е планирано да се случат перформансот „Сакам“ и театарската претстава „Контрола“ на Теа Беговска, потем во визуелниот дел се планирани изложбата „You made me so sad. Now that doesn’t have anything to do with you“, курирана од Ивана Васева, а ќе бидат изложени и дела на Алексис Дебуф од Франција и уметници од Хрватска меѓу кои Маријан Црталиќ, колективот АБС, Немања Цвијановиќ и Пино Иванчиќ во соработка со мрежата BCC /Balcan can contemporary.
Тука се и настапите на КИШОБРАН од соседна Србија, нашите СИЗ, потем на артисти како Мирко Попов, Васо, Игор Зотиќ и многу други од локалната електронска сцена.
Случувањата е планирано да се одржуваат во напуштените хангари на фабриката „Битолатекс“, Oфицерскиот дом и во Мобилно/монтажна галерија на Центарот за современа уметност која по прв пат ќе „патува“ надвор од Скопје.
„Битен е тој простор на ЦСУ бидејќи не е само некаква метафора за движење и динамика, туку е и физички простор кој покажува некаква демократија во делувањето во културата. Една флексибилност во ангажманот која се поклопува со приказната на Фестивалот. Галеријата всушност е чекан кој ги формира потребите на општеството и тоа се покажа во последните неколку месеци од подигањето кога се случија неколку навистина интересни и важни настани во неа и кои покажаа дека наспроти доминантната култура која што ни се претставува последниве години и која што за мене е декор, на хоризонтот се јавува нешто што е резултат на реалните потреби“, заклучува Јовановски.
Конечно и годинава за време на Фестивалот ќе биде организиран АКТО ТРАНСПОРТ, бесплатниот воз Скопје-Битола, кој е неколкугодишен уметнички проект и чија цел е да се анимира публиката од обата града и воопшто сите љубители на ангажираните културни настани во земјава.