Достапни линкови

Речиси невозможно возењето велосипед низ Тетово


Доколку почнете да возите велосипед, на речиси секои стотина метри ќе наидете на паркиран автомобил, тезга или друга пречка во движењето, се жалат тетовските велосипедисти.

Непрописно паркирани возила, поставени тезги на тротоарите и слични пречки во движењето го прават речиси невозможно возењето велосипед низ Тетово, велат велосипедистите. Иако неодамна градот ја доби првата велосипедска патека, поставена покрај двете коловозни ленти на булеварот Маршал Тито, таа не може целосно да се користи. Доколку почнете да возите велосипед, на речиси секои стотина метри ќе наидете на паркиран автомобил што го попречува движењето, велат велосипедистите Јасмина Зафировска и Бојан Стојановски.

50 отсто од патеката е нефункционална, затоа што свеста на граѓаните не е на такво ниво затоа што би го испочитувале тоа што е направено, а би требало да се почитува зашто сè повеќе и повеќе луѓе сакаат да возат точак и возат точак, а навистина треба место. На улициве е хаос, тотален хаос.
Јасмина Зафировска, велосипедистка.

„50 отсто од патеката е нефункционална, затоа што свеста на граѓаните не е на такво ниво затоа што би го испочитувале тоа што е направено, а би требало да се почитува зашто сè повеќе и повеќе луѓе сакаат да возат точак и возат точак, а навистина треба место. На улициве е хаос, тотален хаос“, вели Зафировска.

„Најчесто автомобилски препреки, непрописно паркирани возила. Исто така свесни граѓани кои не гледаат каде се движат по тротоар, лево десно. Мора да се вози побавно на тротоарите, затоа е потребна велосипедска патека, ама сепак не може да се користи колку што е потребно, се барат некои алтернативни решенија, возење по улица, но сепак тоа не е доволно безбедно“, вели Стојановски.

Како е да се вози велосипед во Тетово? Со еден збор мачно. Значи секој треба да се снајде и секој да си биде одговорен прво за својот живот, нормално.
Горан Георгиевски, велосипедист.

Горан Георгиевски објаснува дека воопшто низ Тетово е многу тешко да се вози велосипед. Пред сè на улиците.

„Како е да се вози велосипед во Тетово? Со еден збор мачно. Значи секој треба да се снајде и секој да си биде одговорен прво за својот живот, нормално. Меѓутоа во хаосот во Тетово кој го прават автомобилите, сепак треба да се биде многу претпазлив во овој метеж. Сега почнува малку по малку во Тетово развивањето на културата за возење на велосипед“, вели Георгиевски.

Бојан Стојановски додава дека има многу лошо искуство во возењето велосипед во Тетово.

„Често пати се дошло до ситуација да ме удри некој со кола, така што, многу лошо, не почитуваат доволно. Законот во Македонија како што кажува ако нема велосипедска патека, велосипедот е должен да вози по крајот на улицата, но и тоа не може да се оствари во некои случаи поради несовесни граѓани што управуваат возила“, раскажува тој.

За подобрување на состојбите најава има од Општина Тетово. На промоцијата на новата велосипедска патека, градоначалничката Теута Арифи рече дека ќе се градат уште патеки.

„Каде дозволуваат можностите ќе правиме патеки за велосипеди. И на патот кон Бањиче, новиот пат го правиме со патеки за велосипед“, рече таа.

Велосипедистите Јасмина, Бојан и Горан се дел од Граѓанската иницијатива „Тетово на точак“. Веќе година и половина организираат велосипедски тури низ градот со цел да се мотивираат луѓето да возат велосипед. Исто така целта е да им се укаже на останатите учесници во сообраќајот и граѓаните на присуството на велосипедистите и потреба за поголемо внимание кон нивната безбедност.

XS
SM
MD
LG