Достапни линкови

„Зелен клик“ – или апел за зачувување на животната средина


Плакат за групната изложба насловена „Зелен клик“ на група уметници – пријатели на единственото улично списание во Македонија „Лице в лице“.
Плакат за групната изложба насловена „Зелен клик“ на група уметници – пријатели на единственото улично списание во Македонија „Лице в лице“.

„Зелен клик“ е насловена групната изложба на уметници – пријатели на единственото улично списание кај нас „Лице в лице“, што 9 до 23 јули, ќе се одржи во клубот „Ку Ла“ во Скопје. На постановката ќе бидат претставени дела работени на тема животна средина, а целта е да се даде придонес во менувањето на свеста во нашиот поединечен однос кон природата.

Наташа Гелева, Тхе Мичо, Драги Неделчевски, Томислав Георгиев, Роберт Атанасовски, Огнен Теофиловски, Виктор Поповски, Зоран Инадески, Георги Равански, МЕИ РО или Сандра Јовановска и Маја Стојковска и Горан Ристовски се уметниците чии дела ќе се најдат на изложбата „Зелен клик“, што во организација на уличното списание „Лице в лице“, ќе се одржи од 9 до 23 јули, во клубот „Ку Ла“ во Скопје. Публиката ќе има можност да проследи над стотина фотографии, илустрации и накит од отпад, всушност дела работени на тема животна средина.

Голема е моќта и улогата на граѓанинот доколку е навистина свесен за последиците што можеме да ги имаме ако не преземеме соодветни чекори во однос на она што нам сега ни се случува. Самиот момент што бевме прогласени за земја со најзагаден воздух во Европа треба да ни значи многу во чекорот напред во преземањето на иницијативи за да направиме нешто корисно за нас самите.
Климентина Илијевски, уредничка на магазинот „Лице в лице“.

Климентина Илијевски, уредничката на магазинот „Лице в лице“, вели дека она на што сакаат посебно да апелираат со оваа групна изложба е дека проблемот за она што ни се случува во нашава животна средина , всушност треба да го бараме во нас самите.

„Голема е моќта и улогата на граѓанинот доколку е навистина свесен за последиците што можеме да ги имаме ако не преземеме соодветни чекори во однос на она што нам сега ни се случува. Самиот момент што бевме прогласени за земја со најзагаден воздух во Европа треба да ни значи многу во чекорот напред во преземањето на иницијативи за да направиме нешто корисно за нас самите.“

На отворањето на изложбата единствениот уличен магазин во земјава ќе ги додели и наградите за трите најдобри дела од повикот „Лице в лице со животната средина“.

Филип Неделковски, авторот на делото „Секира“, како првопласиран ќе го добие велосипедот што го доделува националниот партнер на ЕНВ.нет за Македонија, организацијата „ 4 х 4 х 4 Балкански мостови“. Соодветни вредносни награди во книги ќе добијат и второнаградениот Петар Видоевски за „Вдиши длабоко“ и Бојана Алексиевска, авторката на „Лет во негрижа“. Посебно признание ќе и биде врачено и на Славица Панова која ја потпишува фотографијата „Збогување на жолтиот локвањ“.

Покрај ова, на настанот ќе биде претставен и новиот, 11-ти број на списанието „Лице в лице„ кој во фокусот ја има животната средина и кој има за цел да ги поттикне граѓаните да придонесуваат за зелени идеи, за зачувување и грижа за природата. Во изданието се поместени и пријавите токму од граѓаните од повикот „Пријави што ти пречи“, за кои Редакцијата побарала одговори кај надлежните институции.

Инаку, на насловната страница од актуелниот број се наоѓаат познати јавни личности и драги пријатели на уличното списание кои ги раскажуваат своите приказни за движењето со велосипед низ градскиот метеж. Во текстот за велосипедската револуција која се случува преку иницијативата „На ТОЧАК низ земјава“ говорат Ана Јовковска, Биљана Гинова, Јована Тозија, Костадин Шурбановски, Ненад Тонкин и Верица Андреевска Спасовиќ.

„Често се обидувам да го опишам чувството кога се вози велосипед, а актуелниот број на „Лице в лице“ и дава име на таа езотерија преку новиот збор „Чакчење“, скратено од „ТОЧАК-чење“. Е, сега - „точакчењето“ е најљубовниот начин на превоз во нашето Скопје и најубав начин, според мене, да се сака нашиот град. Си има оваа љубов и пречки како и сите вистински љубови, ама велосипедот секогаш ќе биде најбрзиот, најздрав, најеколошки, најефикасен и најмодерен начин да стигнеш од едно место на друго во скоро секое годишно доба.“


  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG