Достапни линкови

Дали треба да се активираат „домашните бабици“ во Прилеп?


Несиме Салиоска, извршен директор на здружението РОМА С.О.С.
Несиме Салиоска, извршен директор на здружението РОМА С.О.С.

Mинатата недела гинеколозите-акушери што во прилепската болница доаѓаа од Битола прекинаа да нудат услуги, поради што прилепчанките за породување и оперативни зафати беа упатувани во Битола, пишува Несиме Салиоска, извршен директор на здружението РОМА С.О.С., во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Жените од општините Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Кривогаштани и Долнени не знаат каде и како да ја завршат бременоста откако минатата недела во најблиската јавна здравствена установа, Општа Болница „Борка Талески“ – Прилеп, гинеколозите-акушери што доаѓаа од Битола прекинаа да нудат услуги, поради што за породување и оперативни зафати беа упатувани во општина Битола.

Проблемот егзистира скоро една деценија од причина што вработените гинеколози во прилепската болница се пензионираа во отсуство на нови вработувања на одделението, а во исто време времено-ангажираните гинеколози поради незадоволство од понудените работни услови во установата преминаа во приватниот сектор.

Имено, дефицитот на гинеколози во прилепската болница неколку години наназад се надминуваше преку потпишан договор за деловно-техничка соработка со битолската болница сè до минатата недела кога истите гинеколози одлучија да не го почитуваат договорот, односно побараа исплата на плати и патни трошоци кои им ги должи прилепската болница од почетокот на годината за да продолжат со работа. Од друга страна, сметката на прилепската болница е блокирана поради долгови во висина од 120 милиони денари, односно поради финансиски проблеми не е во можност да врши никакви исплати.

Проблемот егзистира скоро една деценија од причина што вработените гинеколози во прилепската болница се пензионираа во отсуство на нови вработувања на одделението, а во исто време времено-ангажираните гинеколози поради незадоволство од понудените работни услови во установата преминаа во приватниот сектор, односно отворија приватни гинеколошки ординации каде сега нудат услуги од примарна здравствена заштита.

Секундарната здравствена заштита продолжи да ја обезбедува одделението за гинекологија и акушерство во општата болница под услови и со кадар кој не ги исполнува основните стандарди за работа.

И така, прво „мораше“ да ги доживееме смртните случаи на три родилки во краток период во 2010 година за да биде иницирано градежно санирање на одделението од страна на Министерство за здравство, а сега треба да доживееме „активирање на домашните бабици“, кои ќе пораѓаат во домашни услови или да бидеме сведоци на породување во автомобили, автобуси и такси возила кога родилките ќе бидат на пат до некоја болница во општина Битола.

Затоа се прашуваме како жените ќе водат грижа за зголемување на наталитетот, односно за намалување на својата смртност и смртноста на своите новороденчиња?

Кој ќе ја сноси одговорноста за отсуството на здравствена заштита на осигурениците на ФЗОМ и државјаните на Македонија за неможноста да добијат квалитетна и навремена секундарна здравствена заштита?

Кој ќе ги згрижи бремените жени во моментот кога ќе започне породувањето? Кој ќе им понуди здравствена заштита на новороденчињата веднаш по раѓањето, ако жената добие породилни болки надвор од закажаниот термин, нема превозно средство и нема финансиски средства да си дозволи пораѓај во друга општина?

Кој ќе ја сноси одговорноста за отсуството на здравствена заштита на осигурениците на ФЗОМ и државјаните на Македонија за неможноста да добијат квалитетна и навремена секундарна здравствена заштита, неможноста да се превенира и намали болката при медицинската интервенција, а која најчесто може да биде од живото-загрозувачки карактер за жените и новороденчињата?

Менаџментот на ЈЗУ Општа Болница „Борка Талески“, ФЗОМ и Министерството за здравство оставаме да одговорат на овие прашања, а на јавноста верувам дека не ѝ треба дополнително образложение за тоа со какви сè не проблеми и последици ќе се соочуваат, не само жените, туку и цели семејства од ваквата ситуација.

Законската регулатива и јавните политики воопшто не може да бидат ни предмет за разгледување во овој случај со оглед на евидентните прекршувања на уставните одредби на државата за заштита на здравјето на населението, а човечката перспектива е далеку над нивото на загриженост.

XS
SM
MD
LG