Достапни линкови

Лоша недела за Ангела Меркел


Во сенка на големите изборни порази на Никола Саркози во Франција и на прорефомските партии во Грција, помина исходот од неделните избори во германската држава Шлезвиг Холштајн. Тоа, според аналитичарите, може да ја одреди натамошната судбина не само на германската канцеларка Ангела Меркел, туку и на Европската унија.

Германската владејачка коалиција меѓу демохристијаните и либералите ги загуби неделните избори во Шлезвиг Холштајн и тоа само на една недела од поголемото гласање во западниот дел на Германија.

Мислам дека фискалниот пакт е основниот пат на Европа и не треба да го менуваме веднаш по изборите во некоја земја, било да е голема или мала. На таков начин не можеме да работиме во Европа.
Ангела Меркел, канцеларка на Германија.
Изборите во северната држава која се граничи со Данска, им донесоа успех на опозиционите социјалдемократи, што за германската канцеларка Ангела Меркел беше само врв на кошмарната ноќ.

Претходно веќе се насетуваше поразот на нејзиниот француски сојузник, сега веќе екс претседателот Никола Саркози, како и на грчките партии кои ветуваа дека ќе го почитуваат договореното враќање на долговите.

Новиот француски претседател Франсоа Оланд дури вети дека ќе ја предизвика Ангела Меркел околу основните правила на нејзината стратегија за излез од кризата во еврозоната, односно новиот фискален договор кој треба да доведе до поголема буџетска дисциплина во еврозоната.

„Во Германија мислиме, а тоа е и мое лично мислење дека за фискалниот пакт не може да се преговара. Тој беше договорен и потпишан од 25 земји. Тој беше ратификуван од Грција и Португалија, а Ирска на 31 мај ќе одржи референдум. Мислам дека фискалниот пакт е основниот пат на Европа и не треба да го менуваме веднаш по изборите во некоја земја, било да е голема или мала. На таков начин не можеме да работиме во Европа“, изјави Меркел.

Таа најави дека веднаш по инаугурацијата на Оланд, најавена за 15 мај, ќе има интензивни разговори со него, бидејќи, како што оцени, француско-германската соработка е клучна за Европа.

Грчките избори фрлија сенка и дестабилизирачки сигнал за способноста на Грција да ги исполни строгите услови на двата финансиски пакета за спасување на земјата од банкрот.

Тоа особено откако лидерот на конзеративната Нова демократија Андонис Самарас соопшти дека пропаднале неговите напори да формира влада на национален спас.

Сега таа можност ја добива Алексис Ципрас, лидерот на ултралевицата или Сириза, кој изјави дека ќе се обиде да создаде влада која ќе ги отфрли, како што рече, варварските мерки од спасувачкиот пакет. Аналитичарите сега сметаат дека Грција е поблиску до нови избори отколку до нова влада.

Позицијата на Меркел во Европа и претходно беше ослабена со падот на нејзиниот голем сојузник, владата во Холандија.

Поразот во Шлезвиг Холштајн на истата коалиција која таа ја води на национално ниво, доаѓа само на една недела пред многу поголемиот предизвик, изборите во Северна Рајна Вестфалија.

Според последните анкети, и таму би можело да победат Социјалдемократите и зелените.

Токму овие избори во Северна Рајна Вестфалија која со популација од 24 милиони луѓе е многу поголема од повеќето европски земји, ќе бидат многу поважен тест не само за германскиот канцелар Ангела Меркел, туку и за Европската унија.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG