Достапни линкови

Кафеаните да се регистрираат како цркви и да работат


Илустрација: Причестување на православни верници во црквата Казански во Санкт Петерсбург на 29 март 2020
Илустрација: Причестување на православни верници во црквата Казански во Санкт Петерсбург на 29 март 2020

Премиерот Оливер Спасовски рече дека владата не може да ги затвори верските храмови низ земјава поради пандемијата на коронавирусот, зашто слободата на вероисповест е неприкосновена. Граѓаните иронично предлагаат кафеаните да се регистрираат како верски заедници.

Изјавата на премиерот Оливер Спасовски дека не може да ги затвори верските храмови низ земјава во ек на пандемијата на коронавирус, зашто правото на вероисповест е неприкосновено предизвика бура реакции во јавноста. Граѓаните реагираат дека и правото на слободно движење и на образование е неприкосновено, па државата го ограничува за да спречи ширење на болеста. Други, пак, иронично велат дека кафеаните треба да се регистрираат како цркви и да отворат за „верници“.

МПЦ соопшти дека нема да ја менува традицијата и оти верниците ќе ги причестува како и досега со една лажичка, без разлика што така може да се шири вирусот КОВИД-19. Едни реагираат дека на сите што ќе се причестат треба да им следува 14-дневен карантин, додека други веруваат дека токму Бог ќе помогне против болеста.

Дел од граѓаните на социјалните мрежи реагираат дека бадијала карантинот, ако илјадници луѓе се причестуваат со иста лажичка за Велигден.

Власта најави дека за Велигден ќе има полициски час во целата земја – од петок во 16 часот до вторник во 5 наутро. Во црквите ќе има литургии, но верниците нема да може да присуствуваат поради полицискиот час. Литургиите во деновите кога не е полициски час ќе се одржуваат во дворовите на црквите. Верниците кои по секоја цена ќе сакаат да се причестат ќе може тоа да го сторат до 16 часот, но без целување икони и блиски контакти, со почитување на правилата за физичка дистанца.

Дел од граѓаните потсетуваат дека коронавирусот во Јужна Кореја и во Иран многу се прошири токму по верски обреди.

Бурни реакции претходно предизвика Реисот на Исламската верска заедница Сулејман Реџепи, кој ѝ се закани на Владата дека ако не ѝ помогнат на ИВЗ, тие ќе ја повлечат забраната за собири и ќе ги отвори џамиите и тогаш нема да има сила која ќе може да се бори против епидемијата со коронавирусот, „па ќе станеме Бангладеш“.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG