Достапни линкови

Јовановиќ: Да не чекаме некој друг да ни креира можности


Со седум филмови во официјална конкуренција, Тања Бошковиќ како добитничка на специјалното признание и Витали Мански, авторот на „Путиновите сведоци“ како претседател на жирито, во Скопје од 4 до 13 октомври ќе се одржи четвртото издание на Интернационалниот фестивал на први филмови КИНЕНОВА.

Храбрата изјава дека пред нас е четвртото и најсилно издание на КИНЕНОВА ја базираме на уверувањето дека програмата е доста компактна, прочистена и дека во неа нема ниту еден случаен филм. Дека секој филм е биран по долги проценки и размена на информации.

Вака Небојша Јовановиќ, идејниот творец и првиот човек на Интернационалниот фестивал на дебитантски филмови КИНЕНОВА ќе ја почне приказната за претстојното четврто по ред издание на манифестацијата, која годинава под мотото „Првоборци“ ќе се одржи од 4 до 13 октомври во Скопје.

Во официјална конкуренција се седум филма и тоа грчкиот „Сожалување“ на Бабис Макридис, бугарскиот „Прасето“ на Драгомир Шолев, „Шевови“ на Мирослав Тадиќ од Србија, „Алекси“ на хрватската режисерка Барбара Викариќ, рускиот „Човекот кој ги изненади сите“ на Нааталија Меркулова и Алексеј Чупов, бразилскиот „Сократес“ на Алешандре Морато и германскиот документарец „Љубовен автомобил“ на Елке Леренкраус.

За нив ќе одлучува тричлено жири предводено од Витали Мански, некогашен плен на највисоките органи во власта и близок соработник на рускиот Претседател и еден од извиканите современи филмски автори, чиј контроверзен филм „Путиновите сведоци“ ќе има специјална проекција на КИНЕНОВА 2019.

Фестивал на дебитантски филмови КИНЕНОВА
Фестивал на дебитантски филмови КИНЕНОВА

Инаку специјалната програма „Во фокус“ годинава и е посветена на потентната унгарска кинематографија, во рамките на програмата „Посветено на...“ ќе бидат прикажани делата на режисерката Јесим Устаоглу од Турција, а ќе биде сторена и презентацијата на наградата „Лукс“ на Европскиот парламент востановена во 2007 година со прикажување на пет одбрани филма меѓу кои и македонските бисери „Медена земја“ и „Господ постои, името ѝ е Петрунија“.

„На конкурсот имавме пријавено некаде околу 500 долгометражни филмови, но и покрај нив ние продолживме да бараме и други кои евентуално би ги вклучиле во нашата програмска понуда за КИНЕНОВА 2019. Затоа велам дека ова на еден начин е една филтрација, една просеана програма која е во корелација со нашата идеја од најдоброто да го одбереме најдоброто“, вели Јовановиќ.

Тој појаснува дека згора на ова битно е тоа што во програмата има многу филмови кои се исклучително актуелни. Кои обработуваат ангажирани општествени теми. Теми којшто се и контроверзни. Дела на храбри автори кои со одбраната тема предизвикале бурни реакции во своите општества, па дури и во светот за одредени случаи. Притоа Небојша како пример најнапред го истакнува „Застарениот случај Хамерскилд“, американско-шведско-данска копродукција, кој говори за случајот на шведскиот политичар Даг Хамерскилд, или најмладиот Генерален секретар на Обединетите Нации и еден од четворицата постхумно наградени со Нобелова награда за мир.

„Според досегашните информации, Даг Хамерскилд гине во авионска несреќа, но авторот на филмот прави сериозни и длабоки истражувања и открива една „поинаква вистина“. Еден случај кадешто можеме да видиме како филмската уметност со ангажиран пристап ја менува реалноста. Дело кое докажува дека филмската уметност може да има и една друга улога – не само да забавува или да го прави ќејфот на уметниците и да уживаме во одредени аспекти на филмовите или убави фотографии и пејзажи. Туку да дејствува за менување или подобрување на реалноста. Тој отвори широка дебата и предизвика огромно внимание“, ќе рече Небојша.

Во натамошната експликација, директорот на КИНЕНОВА како значаен пример и според него фаворит во овој сегмент на ангажирани филмови го издвојува „Сведоците на Путин“, филм на големиот руски режисер Витали Мански.

„Витали Мански слободно може да се каже е најконтровезниот режисер на денешницата. Тој е инаку поранешен близок советник на рускиот претседател Владимир Путин, којшто по неколку години ја напушта претседателската палата и со една нова перцепција и еден променет став за работите што се случувале околу него, наоружан со многу документарни материјали, од еден наменски филм чија идеја била да го воспева и промовира Претседателот прави дело како „Сведоците на Путин“ кое ќе крене многу прашина и ќе биде со особено внимание прикажувано на фестивалите по светот. Значи сериозно провокативен филм, филм кој прави деконструкција на еден систем кој функционира зад една голема политичка фигура. Како тој се гради и што тоа значи што е особено значајно за целата светска јавност. Мански е денес дисидент. Живее во Рига, во Латвија и не чувствува дека може слободна да се врати во Русија. Тој е храбар човек, уметник кој не прави компромиси со уметноста и со општите вредности“, вели тој.

Во контекст на ваквите констатации, како што забележува Јовановиќ, се и годинешниот слоган на КИНЕНОВА - „Првоборци“ и вкупниот визуелен идентитет на Фестивалот каде една црвена ѕвезда петокрака е положена на филмски котур.

„Визуелниот идентитет на Фестивалот се базира на тоа што сме ние. На она што е содржината и мисијата на КИНЕНОВА. А, мисијата е да се создаде простор кадешто светските и домашните гласови слободно ќе го артикулираат својот став, своите сознанија. Еве и оваа ѕвезда петокрака кои некои веројатно ќе ја врзат со минатите времиња и системи, но нашата симболика е јасна и чиста. Се базира на слободна уметничка промисла и јасен став којшто некогаш можеби е и политички ангажиран каков што е случајот со овие автори и со нивните филмови. Овие симболи блендата, котурот и ѕвездата петокрака го отсликуваат нашиот став, нашето видување на нештата и нашето дејствување. Би сакале сево ова да биде двигател на некакви промени во било која област на општественото живеење. Ние секако нема да се бавиме со политика, но би сакале да ги отвораме темите и да дозволиме тие да бидат прикажани. Да ги афирмираме. Првенствената мисија е откривање на нови светски автори, тоа значи дебитанти и нивно промовирање, но тука е и таа нишка на ангажираност која, пак, е компатибилна со младоста и со овие кои допрва доаѓаат. Со новите автори, со нешто што е свежо. Така и се бирани филмовите. Тие се истакнуваат не само по оригиналниот филмски наратив, туку и по храбриот пристап и актуелноста на самата тематика“, смета Јовановиќ.

Директорот на КИНЕНОВА и со појаснување дека српската актерка Тања Бошковиќ не случајно ја одбрале да биде специјална гостинка на ова издание на Фестивалот. Дека покрај нејзиното значење на актерска дива и она што таа го има остварено на филмското платно и во театарот, тие како организатори на манифестацијата пред себе го имале и нејзиниот недвосмислен и јасно артикулиран став кон она што се случува во нејзината татковина и генерално на Балканот.

„Тања Бошковиќ е исклучително јасна и гласна кон она што се случува во Србија и посебно во однос на она што се случувало во минатото. Таа има речено дека денешните политичари се вистински аматери во однос на оние некогашните. Видете, мисијата на нас уметниците е да поттикнуваме општествени промени. Да укажуваме на слабостите што ги забележуваме, а не да бидеме на маргините на општественото живеење. Ние сме тие кои треба да се борат за тој простор и да го истакнуваат својот глас. Да не бараме, да не чекаме некој друг да ни креира можности. Оваа личност, актерката Тања Бошковиќ го прави тоа без задршка. Бескомпромисно си се бори за својот простор. Таа не калкулира и не се грижи за сопствениот комодитет. Никогаш“, категоричен е Небојша.

Актерката и специјална гостинка на КИНЕНОВА - Тања Бошковиќ
Актерката и специјална гостинка на КИНЕНОВА - Тања Бошковиќ

Сепак, наспроти трите успешни изданија на КИНЕНОВА и вака громогласно најавената програма за претстојното издание на манифестацијата, организаторите и натаму остануваат безмалку „невидливи“ за државните културни институции. Јовановиќ за ова истакнува дека Фестивалот досега се прави во „партизански услови“ во смисла на ентузијазмот и на „материјалната основа“ за негова опстојба.

„Правиме голем фестивал. Целосно програмски издржан, но без доволно финансиско покритие. Цврсто сме решени колку што можеме до крај да ја туркаме приказната. Зошто некои од институциите тоа не го препознаваат и имаат поинаква перцепција за она што се случува, би ве упатил нив да ги прашате. Јас не смеам да заборавам дека, пак, одредени институции како што е Делегацијата на Европската унија, Европскиот парламент и голем дел од амбасадите во земјата ја препознаа КИНЕНОВА и кај нив имаме широко отворени порти за соработка. Некаде во близина се и Општина Центар, како единствена институција кај нас која сериозно поддржува културни настани и Кинотека на Македонија, која ни ги обезбедува сите услови и дури повеќе од тоа. Можеби сме предизвикани да работиме во вакви услови, да понудиме нешто свежо и ново ...но повторно ќе речам дека уметничката мисла и акција ништо не може да ги сопре и дека нас не води единствено само тоа. Ние ќе продолжиме да го работиме ова во било какви услови и не се сомневаме дека како и досега ќе бидеме препознаени ако ништо друго барем од институциите надвор од државата“, заклучува Небојша Јовановиќ.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG