Достапни линкови

Филипче - До крајот на летото очекуваме колективен имунитет


Филипче - До 15 мај сите пријавени ќе добијат термин за вакцинација
please wait

No media source currently available

0:00 0:12:26 0:00

Филипче - До 15 мај сите пријавени ќе добијат термин за вакцинација

Нашата проценка е дека некаде до крајот на летото може да се постигне колективен имунитет имајќи ги предвид сите количини вакцини кои треба да пристигнат во нашата земја, вели министерот за здравство Венко Филипче во неделното интервју на РСЕ. Сите вакцини се безбедни и нема потреба граѓаните да преферираат една наспроти друга вакцина, вели министерот.

Се почитува ли планот на вакцинација што го направи Министерството?

Сега со пристигнувањето на оваа значајно голема количина на вакцини, а очекуваме уште стотина илјади на 15 мај, повторно од производителот Синофарм и количината од 500 илјади вакцини од производителот Синовак до крајот на месец мај, значи една значајно голема количина, која ќе се дистрибуира по овие два канали кои што ги спомнав, решивме да се стави приоритет на тие што се пријавиле и затоа се направи пресек на 30 април - сите граѓани коишто се пријавени на сајтот vakcinacija.mk, а тоа се невакцинирани близу 160 илјади, во период од две недели, значи некаде до 15 мај ќе добијат термин за вакцинација преку СМС порака или меил со точно време и пункт каде треба да се јават.

Тоа значи дека и помлади ќе добијат?

Апсолутно, тоа значи дека ставаме приоритет на тие кои покажале интерес за вакцинација и затоа апелирам граѓаните да се пријават на сајтот и да ги има во системот Мој термин за да може понатаму да се креираат тие приоритети.

Го споменавте пристигнувањето на вакцините Синовак. Има дилеми околу ефикасноста на таа кинеска вакцина?

Нема никакви дилеми. Сите вакцини се еднакво ефикасни во однос на спречувањето на тешка форма на болест и од смртен исход како резултат на болеста и тоа е потврдено со сите клинички испитувања, со сите испитувања коишто се понатаму направени. После давањето на апликација голем број на земји, сериозно големи земји, ја дистрибуираат таа вакцина, на пример Турција, понатаму Бразил, таму се резултатите навистина добри, нема никаков сомнеж во ефикасноста на ниту една вакцина, впрочем тоа што и Светската здравствена организација и Европската агенција за лекови сега ги евалуираат и сите други вакцини од други производители кои засега од нив не се одобрени, ни укажува на тоа дека сите вакцини се ефикасни и дека комбинацијата на вакцини конечно треба да биде и ефективна, односно да ја смени сликата на пандемијата насекаде во светот. Нема земја, освен некои ретки кои се производители на вакцини кадешто ексклузивно се користи само еден тип на вакцина од еден производител, тоа е навистина голема реткост и затоа и во нашите разговори со еврокомесарот Оливер Вархеји ни беше укажано дека за патување во ЕУ како еден од условите, кога станува збор за вакцината, ќе бидат прифатени сертификатите за вакцинација со вакцини одобрени и од ЕМА и од СЗО, а сега е постапката за буквално сите вакцини.

Министре прво италијанскиот весник „Ла верита“ излезе со некаков документ во којшто тврдеше дека земјава преговарала со фирма од Хонгконг за набавка на кинеските вакцини, потоа опозицијата објави некаков за којшто вели дека е доказ дека се платени 7,8 милиони евра на таа компанија. Што се случува - платени ли се тие пари, ги вратиле ли назад парите?

Прво да ве потсетам, ние бевме тие кои пред неколку месеци јавно излеговме и објаснивме како се обидувавме да стигнеме што порано до кинеските вакцини. Немајќи одговор преку официјалните контакти што ни беа дадени, одевме преку компании, фирми коишто работат тука, тоа се Синохидро итн, и стигнавме до кинеските вакцини, до компанијата Синофарм за да во еден момент ни биде укажано од кинеското Министерство за надворешни работи дека не е тоа патот и дека треба да контактираме како што тие ќе ни укажат, така што уплатата којашто ја направивме е целосно вратена во нашиот буџет.

Што се случува во однос на цената, тие велат дека е платена доста повисока цена од она што чинат кинеските вакцини?

Во тоа време таа цена беше дури и пониска од која што околните земји, на пример Србија ја плаќаше за кинеските вакцини. Но, да ве потсетам дека опозицијата сама себе се фати во лага. Прво обвинуваше дека се платени над 12 милиони евра на некоја непостоечка компанија, па сега сфатија дека треба да не слушаат и дека ние работиме јавно, отворено, транспарентно, па извадија документ од системот „Јавни финансии“, на којшто сè е јавно објавено. Значи самите себе си си се демантираа дека ние сме платиле огромна сума на пари на некоја компанија за која никој во државава не знае, ниту пак сме имале контакт. Жалам што имаат таков став, што ги поткопуваат сите наши обиди да ја менаџираме кризата, што се обидуваат да фрлат дамка на каков било процес.

Планирате ли некаков систем во којшто граѓаните кога ќе добијат покана кога и каде треба да се вакцинираат, точно ќе знаат со која вакцина ќе се вакцинираат?

Со оглед на тоа што сите вакцини се безбедни и сигурни, нема потреба да има ниту сомнеж, ниту да има некаква преференца кај граѓаните во однос на една наспроти друга вакцина.

Вакцинацијата нужна и потребна против ковид-19
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:02 0:00

Некои земји се одлучија на позитивен пристап кон оние коишто веќе се вакцинирани. Еве во Србија ќе се даваат и парични средства за луѓе кои се вакцинирале до одреден период. Во други земји се олеснуваат мерките за веќе вакцинираните лица. Планирате ли некаков таков пристап?

Сега е временски период во кој ние треба да постигнеме процент на вакцинација којшто ќе биде доволен за да се стекне таканаречениот колективен имунитет.

Колкав е тој процент?

Тоа е некаде околу шеесетина проценти.

А сега колку имаме?

Нашата проценка е дека некаде до крајот на летото, средина на летото може да се постигне имајќи ги предвид сите количини вакцини кои треба да пристигнат во нашата земја. Во таа смисла сите мерки кои сега ги препорачуваме важат за сите граѓани се уште. Понатаму за во иднина се уште е рано да се каже, затоа што не можеме да процениме колкав ќе биде одѕивот на граѓаните за вакцинација. Морам да кажам дека и покрај тоа што 20 проценти не се јавуваат, голем е бројот на граѓани коишто се јавуваат, покажуваат интерес итн.

Целото интервју со министерот за здравство Венко Филипче може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG