Пред вакциналниот пункт во салата Борис Трајковски нема гужва и се вакцинираат граѓаните кои имаат закажан термин. Вакцинацијата се одвива непречено и на повозрасните граѓани и на оние кои ја примаат и втората доза.
Меѓу нив е и 82 годишната Вера Стојчевска Антиќ која најпрвин закажала термин на официјалната веб страна, а потоа и кај нејзиниот матичен лекар. Но, кога ќе дојде моментот, Стојчевска Антиќ се премислува бидејќи сака дополнително да се информира за кинеската вакцина Синофарм која е резервирана за неа.
„Слушаме разни дискусии за јачината на вакцините за сите и човек си размислува и сепак доаѓа до некој заклучок која би била подобра или најдобра без разлика што не сме експерти“, вели таа.
Најпрвин волонтерите од Црвен крст ги земаат податоците на граѓаните. Потоа на примениот пункт се заведува нивното име. Пунктовите од лева страна се резервирани за граѓаните кои се вакцинираат со прва доза. Додека пак пунктовите од десна страна се за ревакцинација.
„Значи има процедура. Се е организирано. Си завршуваме брзо. Нема потреба граѓаните да се бунат толку што чекаат надвор. Тие не чекаат многу надвор затоа што завршуваме и се е во ред“, вели Севџан Гаши, една од медицинските сестри која ги вакцинира граѓаните.
По кратката консултација Стојчевска Антиќ реши да се вакцинира, бидејќи докторите ја увериле дека вакцината е безбедна.
„Докторката ми рече дека вакцината е добра и дека ако се откажам ќе се чека и може тој период да е подолг па да се зарази човек. Ја послушав и се вакцинирав“, вели Стојчевска Антиќ.
Вакцините се чуваат во два фрижидери. Синфорам на температура од 2 до 8 степени. Руските Спутник В пак се замрзнати и се чуваат на минус 17.
Најчесто граѓаните прашуваат за вакцините и за нус појавите, додава медицинската сестра Гаши.
„Си доаѓаат пациентите прашуваат кога влегуваат со која вакцина се боцкаат. Дали ќе имаат некаква реакција. Нормално може да имаат температура, главоболка. Ништо страшно како и секоја вакцина досега“, посочува таа.
Стојчевска Антиќ вели дека не се грижи за евентуални нус појави од вакцинацијата и најважно е дека ќе биде безбедна од потешки форми на ковид-19.
„Јас лично мислам дека вакцинацијата е нужна и потребна. Особено кога еден од лекарите појасни дека со земањето на вакцина ти е обезбедено ако ништо друго смртта да не те престаса“, порачува таа.
По пристигнувањето на 200 илјади кинески вакцини вчера започна масовната имунизација на населението, во повеќе регионални центри низ државата- Скопје, Куманово, Штип, Кавадарци, Тетово, Охрид и Битола. Предвидено е да се вакцинираат меѓу 10 до 15 илјади граѓани на ден, со што здравствените власти очекуваат до почетокот на летото да се постигне висок процент на вакцинирано население и целосно менување на епидемиолошката состојба.
Стојчевска Антиќ за три недели повторно ќе се сретне со докторите и медицинските сестри во салата „Борис Трајковски“ кога и е закажан терминот за ревакцинација.