Достапни линкови

Чибишева - Бремените и жените кои дојат, да се вакцинираат


Бремени и родилки - херои во пандемија
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:54 0:00

Бремени и родилки - херои во пандемија

Релевантните здравствени здруженија препорачуваат вакцинација по личен избор на бремените жени и на жените кои дојат. Ние како здравствен персонал ги мотивираме да се вакцинираат и да се заштитат од тешки облици на болеста и евентуално од хоспитализација, вели доктор Весна А. Чибишева од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство.

Доктор Чибишева со какви предизвици се соочуваат гинеколозите за време на пандемијата со ковид-19?

Гинеколозите овие денови, но и целата измината година се соочуваат со многу предизвици. Јас лично кога треба да зборувам на оваа тема – бременост и породување во време на пандемија со SARS-CoV-2, веднаш се присетувам на еден период пред отприлика една година кога нашата клиника беше прогласена за национален ковид центар.

Тогаш тука пристигнаа под посебно дефинирани протоколи, од тогашните таканаречени ризични подрачја, наши пациентки кои се соочуваа со една неизвесност, еден страв од еден вирус за кој во тој момент не знаевме ништо. Се сеќавам на нивните исплашени лица, одделени од нивните најблиски, од нивното семејство, соочени само со нас- здравствениот персонал, под лична здравствена опрема, повторно соочени со нешто непознато.

Се сеќавам колку ние како здравствени работници се плашевме бидејќи не знаевме ништо за вирусот. Целата светска јавност беше соочена со еден нов инфективен агенс за кој не знаевме што и прави на бременоста, односно како може да ја искомплицира бременоста. Истовремено не знаевме како бременоста, како посебно дефинирана физиолошка состојба, може да влијае врз текот на инфекцијата со SARS-CoV-2.
Оттогаш поминаа многу месеци, ние научивме многу. Денес се наоѓаме во еден многу поубав период, во период во кој имаме многу повеќе податоци и знаеме многу повеќе како да го следиме вирусот, болеста, бидејќи тука работевме цел тим.

Се плашат ли трудниците да доаѓаат на преглед?

Секако дека се плашеа. Стравот е една нормална реакција, една нормална појава, кога кој било човек ќе се соочи со нешто непознато. Дополнително бремените жени се една посебна категорија на пациенти, која додека се грижат за сопственото здравје, се грижат како ќе се развива болеста во нивното тело, истовремено се грижат и нивните најблиски, а најмногу се грижат за новиот живот кој расте и се развива во нив. Тие ќе останат нашите херои, кои во целата оваа пандемија ги охрабрувавме да бидат силни, соодветно да и се спротивстават на болеста, навреме да реагираат на симптоматологијата, навреме да побараат лекарска помош и ќе останат мајките кои додека се бореа со болеста на свет донесоа нов живот.

Ние сме сите заедно во ова, сите здравствени работници, бремените жени, пациентките коишто ги породивме. Заедно со нив ги споделувавме нивните најсреќни моменти во животот, но, за жал, споделивме и многу тажни моменти.
Не можеме да ги заборавиме моментите во коишто ги испраќавме дома без никаква придружба од семејството, изолирани во возилата за Итна медицинска помош, кога ги враќавме дома во празни домови, затоа што голем дел од членовите на нивното семејство беа хоспитализирани некаде по ковид центрите поради компликации од корона-вирусот, но најтажните моменти ни се кога заедно, со нив тука, во нашиот ковид центар моравме да споделуваме многу тажни информации, односно да ги споделуваме загубите на нивните најблиски, а во неколку наврати и загуби на сопружници.

Кои се препораките? На што треба да внимаваат бремените во овој период.

Бремените жени мора да знаат дека споредбено со општата популација тие немаат зголемен ризик од инфекција со SARS-CoV-2, меѓутоа кога ќе ја развијат болеста имаат одредени дефинирани зголемени ризици. Две третини од пациентките кои се бремени и ќе се инфицираат со корона-вирусот се асимптоматски, меѓутоа оние коишто ќе развијат клиничка слика со изразена симптоматологија ја развиваат во тежок облик на болеста и имаат зголемен ризик од потреба од респираторна поддршка, односно прием во единиците за интензивна нега и терапија.

Бремените жени со овој ризик се соочуваат како одминува бременоста, особено во третиот триместар. Науката нагласи дека зголемен ризик од развивање на тешка клиничка слика имаа бремените жени кои имаат дополнителни хипертензивни нарушувања, шеќерна болест, пациентки со автоимуни заболувања, оние коишто имаат какви било тромбогени нарушувања, коагулопатии.

Она што треба да го знаат е дека мора да ги следат рутинските протоколи за антенатална грижа и нега, во контакт со матичниот гинеколог да ја следат бременоста, да ги закажуваат рутинските прегледи, соодветно на епидемиолошките препораки за изолација и соодветно на развитокот на клиничката слика со максималното одложување на редовните прегледи во период од две недели. Бремените жени треба да се заштитат, и за нив важат истите препораки како за општата популација. Она што е за нив важно, а и Светската здравствена организација ги третира како вулнерабилна група е дека треба да им дадеме предност во процесот на тестирање и да им дадеме приоритет при евентуална потреба од хоспитализација

И за нив важат општите препораки за заштита и избегнување групирање и ризични контакти. Она што треба да го знаат дека тие секогаш имаат кај нас 24- часовна достапна здравствена акушерска нега, без разлика на позитивниот тест за SARS-CoV-2 ние мора да ги третираме со почит, со дигнитет, да им овозможиме една постојана и разбирлива комуникација со здравствениот персонал и да им овозможиме стратегија за безбедно породување.

Какви се препораките за вакцинација на бремени жени и жени што дојат?

Се уште не постојат доволно научни докази на оваа тема, но сите релевантни здравствени здруженија препорачуваат вакцинација по личен избор, на бремените жени и на жените кои дојат, особено на жените коишто се наоѓаат во ризична категорија и жените коишто во секојдневниот живот не можат да го избегнат контактот со вирусот. Ние како здравствен персонал ги мотивираме и бремените жени и жените коишто дојат да се вакцинираат и да се заштитат од тешки облици на болеста и евентуално од хоспитализација во единиците за интензивна нега и терапија.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG