Достапни линкови

Како до повеќе вакцини против ковид-19?


Заштитата на интелектуалната сопственост е „дел од проблемот“ со недостигот на вакцини во светот.
Заштитата на интелектуалната сопственост е „дел од проблемот“ со недостигот на вакцини во светот.

Белата куќа соопшти дека Соединетите држави размислуваат како да ги надминат проблемите со интелектуалната сопственост за побрзо производство и дистрибуција на вакцините против ковид-19 во посиромашните земји.

Шефот на кабинетот на Белата куќа, Рон Клајн, изјави дека претставникот на САД за трговија Кетрин Таи ќе започне разговори со Светската трговска организација „за тоа како може да се добијат пошироко дистрибуирани, пошироко лиценцирани и пошироко споделени вакцини“.

Клајн рече дека заштитата на интелектуалната сопственост е „дел од проблемот“ што го задржува производството на вакцини, но дека најголемиот проблем се тесните грла во производството. Тој додаде дека Белата куќа ќе има што повеќе да каже за ова прашање во наредните денови.

АстраЗенека испорачала 68 милиони вакцини во првoто тромесечје годинава

Претседателот Џо Бајден е под домашен и меѓународен притисок да помогне во откажувањето на правилата за патенти за вакцини за коронавирусот и терапевтските лекови, така што посиромашните земји да можат да започнат да прават свои генерички верзии.

Индија и Јужна Африка, кои во октомври претставија предлог за привремено откажување од заштитата на патентите за вакцини, ја предводат иницијативата за укинување на интелектуалната сопственост за вакцините.

На 26 април, Бајден разговараше со индискиот премиер Нарендра Моди за откажувањето од правата на интелектуална сопственост за вакцините за коронавирус и терапевтските производи.

Според договорот за трговските аспекти на правата на интелектуална сопственост (ТРИПС) на СТО, има простор за укинување на заштитата на патентите на лекови во случај на вонредна состојба.

Индија, најголемиот светски производител на генерички лекови и Јужна Африка работеа заедно во минатото за да добијат исклучоци за лекови против СИДА.

Новиот шеф на СТО, Нгози Оконџо-Ивеала, повика на обезбедување правична дистрибуција на вакцините, вклучително и со предлог за привремено откажување.

Бионтек очекува одобрување на вакцина за деца од 12 до 15 години

Противниците на укинување на заштитата од интелектуална сопственост, како што е Стопанската комора на САД, тврдат дека тоа би ги задушило иновациите.

„Дозволете ми да бидам јасен: правата на интелектуална сопственост помагаат – тие, со овозможување долгорочни инвестиции, не го попречуваат - пристапот до иновации “, рече потпретседателот на Комората Патрик Килбрид во минатата недела, додавајќи:

„Погрешно е верувањето дека овие права можат да бидат пречка за пристап до вакцините против ковид-19“.

Во меѓувреме, криза во Индија се продлабочува со зголемување на инфекциите и смртните случаи, предизвикана од недостатокот на кислород и медицински материјали.

Во текот на изминатата недела, Индија забележа 2,6 милиони нови случаи и скоро 23.800 смртни случаи, со што вкупните жртви од коронавирусот се зголемија на околу 215.000 лица. Експертите веруваат дека и двете бројки се многу поголеми.

Владата на премиерот Моди се спротивстави на наметнувањето национална блокада, но многу држави воведоа свои ограничувања. Алармот расте и кај соседните земји на Индија. И Непал и Шри Ланка доживуваат експлозија на случаи, бидејќи имаат недоволен број болнички кревети, кислород и медицински материјали.

„Можеме да се соочиме со криза како во Индија многу брзо, освен ако не го запреме сегашниот тренд на инфекции“, рече главниот епидемиолог на Шри Ланка, Судат Самаравера.

ЕУ ја тужи компанијата АстраЗенека

Во Европа, состојбата постепено се подобрува. Романија, поради пад на бројот на заразени, од денеска ги олесни мерките за контрола на коронавирусот во главниот град на Букурешт.

Инфекциите се намалуваат и во Германија. Германскиот вицеканцелар Олаф Шолц изјави дека се најверојатно владата ќе поднесе предлог за примена на помалку ограничувања за целосно вакцинираните и оние кои се опоравиле од инфекцијата.

Вкупниот број на случаи со ковид-19 во светот надмина 151 милиони, а бројот на починати е над 3,18 милиони, соопшти денеска Светската здравствена организација.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG