Достапни линкови

Контроверзните теми- поблиски за учениците, подалечни за наставниците


Прирачник за предавање на контроверзни прашања преку едукација
Прирачник за предавање на контроверзни прашања преку едукација

Во земјава е објавен првиот прирачник за предавање контроверзни теми во училница. Тој содржи конкретни алатки и упатства за наставниците, а токму тие, велат дека учениците се поподготвени за дискусија на овие теми отколку самите просветни работници

Честопати кога во училница ќе отворите прашања како што е правото на абортус, легализација на дрога, сексуална определба, екстремизам, еднородителски семејства и сл. се случува кратка тишина и збунети погледи. Не само на учениците, туку и на повеќето наставници им е непријатно да зборуваат на некои од таканаречените контроверзните теми.

Вака некои од просветните работници ја опишуваат атмосферата кога пред учениците ќе отворат дискусија за тема која предизвикува силни чувства и прави поделби во општеството.

Токму затоа професорката Гордијана Ѓоргова од скопската гимназија „Јосип Броз Тито“ ја оправдува потребата од прирачник кој на наставниците ќе им ги даде потребните насоки за предавање на контроверзни теми во училница.

„Учениците некако се многу поподготвени да дискутираат за вакви теми отколку ние наставниците, особено кога постои поголем генерациски јаз. Контроверзните теми се пренесуваат и од секојдневието и вие како наставник мора да имате рамка како да се поставите, односно да не тргнете од вашето искуство како личен багаж, туку да знаете точно како да ја водите дискусијата и сето тоа да не излезе надвор од она што би требало да биде во рамки на училницата, ние како наставници имаме голема одговорност“, објаснува Ѓоргова.

За да не се случуваат непријатни ситуации здружението ЛЕАД го објави првиот прирачник за предавање на контроверзни теми во училниците во основните и средните училишта. Овој прирачник е наменет за професионален развој на наставници и истиот треба да ги унапреди вештините и техниките кога се зборува за не толку пријатни теми во училница.

Податоците од неколку истражувања до кои дошле од ова здружение покажуваат дека 86 проценти од средношколците и 87 отсто од студентите изјавиле дека во образованието немале предмети кои од нив бараат следење на актуелни теми и дека постои неотвореност за дискусија. Токму тоа го потврдуваат и средношколките Матеа Коруновска и Мила Антонија Трајковска.

„Еднаш се отвори темата за конзумирање наркотици и треба да зборуваме за нив зошто многумина од моите соученици го прават тоа само за да бидат попопуларни. Има наставници кои воопшто не сакаат да боруваат за тие теми“...

„Поубаво е да дискутираме за такви теми, млади сме и очекуваме насоки од професорите за да ни станат појасни работите, барем на класниот час мислам дека треба да се отвораат вакви теми“, велат Матеа и Мила Антонија.

Работејќи со 17 наставници од основни и 19 наставници од средни училишта во Македонија, изминативе 4 месеци здружението LEAD собирале искуства од наставата и ги подготвиле наставниците со техники и начини за справување и дискутирање на контроверзните теми во училница.

Психологот Гордана Блажевска- Спиридонова од гимназијата „Никола Карев“ вели дека е неопходно ваквите прашања да влезат во образовниот процес, за да може да им се помогне на децата кога се соочуваат со непријатни ситуации. Нејзиното искуство покажува дека поради потиснувањето на болката и фрустрации децата се почесто се самоповредуваат.

„Немајќи каде да им се излее тагата, фрустрацијата и болката се почесто се повредуваат самите себеси. Ми доаѓаат деца кои сакаат на пример сакаат да изразат друга сексуална ориентација и да се пожалат за односот кој го добиваат од врсниците, ова особено кај момчињата се случува, често пати има поплаки за дискриминаторски однос од врсниците по различни точки, односно вербално насилство, но и физичкото кое исто така е се поприсутно“, вели Блажевска-Спиридонова.

Упатените велат дека постојат неколку фактори кои влијаат на тоа дали една тема ќе биде контроверзна. Некои од нив се моралните вредности, ставовите на учениците и на наставниците, медиумите, локацијата на училиштето, потеклото на наставниците и учениците и други.

Ѓоргова вели дека родителите имаат голема улога за тоа дали децата отворено ќе дискутираат за контроверзни теми или ќе ги остават тие прашања затворени.

„Бидејќи минатата година работевме онлајн и кога требаше да дискутираме за таква тема, честопати ги гледавме и слушавме и родителите. Преку дискусија утврдивме дека се разликуваат ставовите кај родителите и децата за одредена тема, но учениците беа сигурни дека сакаат отворено да зборуваат и споделуваат свои ставови за некои контроверзни теми“, вели Ѓоргова.

Извршниот директор на здружението LEAD Иван Јованов вели дека наставниците добиле обука според прирачникот, којшто содржи конкретни техники и алатки, како тие да опфаќаат контроверзни теми. Секој од нив изработил и свој план за реализирање на една контроверзна тема за време на својот час и потоа го реализирал.

„Контроверзните теми се од нашето секојдневие, меѓутоа разликата е што тие будат емоции кај учесникот или ученикот што ја дискутира таа тема, затоа ги класифицираме како контроверзни теми. И токму затоа, треба да се поттикнува тие да бидат дискутирани. Најчесто овие теми немаат јасен одговор - да или не. Туку, тоа зависи од самата позадина на ученикот, неговите лични ставови, социјалниот статус и така натаму“ вели Јованов.

Инаку прирачникот за предавање на контроверзни теми е објавен во електронска верзија на веб страницата на LEAD, на македонски и албански јазик. Прирачникот за предавање на контроверзни теми е изработен од Советот на Европа, со чија поддршка се реализира проектот „Наставници за едукација, демократија и човекови права".

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG