Достапни линкови

Правата на ЛГБТИ унапредени, но хомофобијата се уште присутна


Прва парада на гордоста во Скопје во 2019 година.
Прва парада на гордоста во Скопје во 2019 година.

Како е да се биде припадник на ЛГБТИ заедницата во Македонија и Албанија, на пример? По одржани две Паради на гордоста и законот за дискриминација во земјава се остварува одреден напредок, но, според активисти, луѓето со поинaква сексуална ориентација се уште се соочуваат со низа проблеми.

Со музика, насмеани лица и во боите на виножито по втор пат во земјава се одржа Парада на гордоста, а се славеше слободата, различноста, прифаќањето и љубовта. Но, освен тој еден ден во годината дали припадниците на ЛГБТИ заедницата навистина може да живеат „Вон ѕидовите“?, како што беше и паролата на парадата која годинава се одржа на 26 јуни.

Излегување од плакарот

„За сите оние кои претпоставувавте, шпекулиравте, шушкавте, озборувавте, навредувавте и прозивавте - време е еднаш засекогаш да ја (пр)осветлам вашата примитивност и ограниченост. Да, точно е. Јас сум педер.“

Со овие зборови напишани во колумна актерот и претседател на невладината организација Квир Сквер, Петар Стојковиќ во 2013 година објави дека е хомосексуалец. По колумната неговата куќа беше каменувана два пати.

Стојковиќ вели дека обзнанувањето на неговата сексуална ориентација го направил затоа што сметал дека како актер требало да ја искористи јавната платформа за подигнување на свесноста за предизвиците и проблемите со кои се соочуваат ЛГБТИ луѓето и разбивање на митовите поврзани со нив. Од друга страна, пак, затоа што чувствувал дека е вистинско време да се ослободи од прангите на хетеронормативното општество и да почне да живее искрено и отворено.

„Моето „излегување од плакарот“ беше ослободувачко искуство - за прв пат дишев со полни гради, но исто така и трауматично искуство бидејќи, покрај поддршка, се соочив со бран од говор на омраза и закани по животот. Сепак, и покрај сите тешкотии, успеав да се справам со притисокот. На ЛГБТ+ луѓето им се потребни примери со кои ќе се идентификуваат и, преку зголемување на нивната видливост, чувството на осаменост ќе го заменат со чувство на припадност на една заедница“, вели Стојковиќ.

Парада на гордоста во Скопје
Парада на гордоста во Скопје

Поддршката е најважна

Битката за унапредување на правата на ЛГБТИ заедницата пред се ја водат активистите. Еден од нив е Антонио Михајлов, кој во 2013 година ја основаше Субверзивен фронт, здружение за сексуални и родови малцинства. Тој вели дека не само активистите ја соопштуваат нивната сексуалната ориентација, туку тоа го прават и другите во нивните најблиските кругови, семејството и пријателите. Но, според него, активистите се повеќе охрабрени да настапуваат појавно и повидливо.

„Секако ние поминуваме, како и самите луѓе низ тие процеси на неприфаќање, на омраза, на депресија и на конечно прифаќање и разбирање на самата проблематика и тоа го покажува самиот факт дека сите поминуваме низ тој процес на себе прифаќање што е клучно и важно и затоа е многу важно во нашава работа да се има поддршка од луѓе кои се стручни. Значи од психолози, психотерапевти и здравствени работници кои веќе имаат контакт и дијалог со ЛГБТИ луѓе и кои може соодветно да помогнат. Важна е секако поддршката од семејството“, порачува Михајлов.

Родителите меѓу среќата на детето и сликата во општеството

Години наназад ќерката на Марија Костадиновска од градот на конзулите Битола и навестувала дека има поинаква сексуална ориентација, а пред три години и ја соопштила вистината.

„Мораме да признаеме ниту еден родител не вели - А добро океј е сето тоа. Не изреагирав бурно во никој случај ама малку се подзамислив и кога си ставив на една вага си велам дали е битна нејзина радост, среќа и мојата грижа околу она, како таа ќе изгледа во општеството. Во секој случај си ја прифатив неа. Морам да признаам на последниот прајд кога на една слика ја видов колку беше среќна и после моето појавување на прајдот беше толку среќна јас во животот ја немам видено освен роденден кога ќе чекаше. Беше многу среќна и не згрешив што сето тоа го прифатив многу нормално“, вели Костадиновска.

Таа додава дека не наишле на проблеми од семејството и општеството.

„Меѓутоа едно не можам да сфатам. Зошто сметаат дека луѓето со поинаква сексуална ориентација треба да не се признаваат како луѓе. Секој си има своја. Мојата ќерка ми е моја ќерка ваква или таква. За мене е најпаметна, најдобра, никого не невредила“, додава Костадиновска.

„Вон ѕидовите“- Втора Парада на гордоста
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:59 0:00

Две паради и Закон за дискриминација

Првата Парада на гордоста се одржа во 2019 година. Главната цел на парадите е да се сврти вниманието на јавноста кон нееднаквоста со која живеат ЛГБТИ луѓето во земјата, поради стигмата, неприфаќањето и насилството со кое се соочуват. Парадите, според Михајлов, се еден од најуспешните методи за зголемување на видливоста на проблемите и потребите на ЛГБТИ заедницата, а во истовреме се зголемува поддршката за такви настани од граѓаните.

„Она што е важно и тоа што е клучно да се спомене дека гордоста се случува секој ден и секаде. Не мораме да чекаме еден ден во годината да организираме прајд, туку сите оние простори каде што имаме можност да бидеме тие што сме и да ги сакаме тие што ги сакаме се исто така важни за нас и нашата борба“, додава Михајлов.

Во 2020 година во октомври се донесе и Закон за спречување и заштита од дискриминација. Со законот се забранува секоја дискриминација, меѓудругото врз основа на пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет.

Државата да ја гарантира безбедноста на ЛГБТИ луѓето цела година

Одржувањето на Парада на гордоста или донесувањето на Закон за спречување и заштита од дискриминација за Стојковиќ не се некој репер за остварен напредок, но се добар почеток.

„Освен за времетраење на парадата на гордоста, државата треба да ја гарантира безбедноста на ЛГБТИ луѓето и во останатите 364 дена од годината, а законот доследно да се применува во пракса. Со професионализацијата и изборот на новиот состав на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација верувам дека нештата ќе се променат на подобро за ЛГБТИ заедницата. Пред нас имаме уште многу работа, а од досегашната соработка со владата, како член на работната група формирана при МТСП задолжена за изработка на Национален акциски план за унапредување на правата на ЛГБТИ заедницата во Република Северна Македонија 2021-2025, верувам дека сме на прав пат да издејствуваме значајни промени што ќе го подобрат животот на ЛГБТ+ луѓето во повеќе области“, смета тој.

Костадиновска вели дека се зачудила колку сме затворено општество.

„Навистина после прајдот кога читав многу статии се зачудив колку сме затворено општество во смисла на граѓаните на ова општество. Меѓутоа во смисла на пресот, на новинарите не најдов осудување. И мене тоа многу ме радува. Значи оние што се лице на општеството се прекрасни затоа што признаваат такви луѓе. Оние што се жители на ова општество малку поинаку се зачудив колку тапкаме во место, до некаде може и се враќаме назад“, вели таа.

Хомофобијата се уште присутна

Истражувањето на македонскиот Институт за човекови права објавено лани во октомври покажува дека вкупно 70 отсто од испитаниците, сметаат дека хомосексуалноста е болест. На мнозинството од граѓаните (51 отсто) им сметаат мажи хомосексуалци, и жени лезбејки (49.1 проценти). Скоро 2/3 од граѓаните не прифаќаат да работат со ЛГБТИ. Повеќе од половина од граѓаните не се согласуваат ЛГБТИ да излегуваат во исти локали со други лица. Клучниот заклучок од истражувањето е дека хомофобијата во Северна Македонија е особено изразена кај мнозинството од граѓаните.

И покрај политичката волја што постои кај дел од владејачката гарнитура за унапредување на позицијата и пристапот на ЛГБТИ луѓето до човековите права, хомофобијата и натаму претставува огромна пречка за остварување на некои уставни и законски права што мнозинството граѓани ги земаат здраво за готово, а за кои ЛГБТИ луѓето се борат со децении, смета Стојковиќ.

„Јавноста е многу малку запознаена и информирана за состојбата со човековите права на ЛГБТИ луѓето и предизвиците и проблемите со кои оваа заедница се соочува, а дел од јавноста за жал нема ниту основни познавања за родовите идентитети, за сексуалните малцинства и за тоа какви последици има неприфаќањето и негирањето на правата. Институциите на системот треба да демонстрираат поголема детерминираност и да преземат соодветни превентивни и репресивни мерки за справување со негативните појави како што се дискриминацијата, говорот на омраза и злосторствата од омраза врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет, што имаат далекусежни последици во животите на ЛГБТИ луѓето“, истакнува Стојковиќ.

ЛГБТИ на Балканот - како да се излезе од плакарот
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:09 0:00

Неефикасни институции?

Она што загрижува е што во рамките на државните институции се уште нема доволно знаења, вештини и ставови во заштита на правата и слободите на ЛГБТИ заедницата, но актуелната владејачка гарнитура за разлика од таа во минатото е во прилог на нивната борба, порачува Михајлов. Најголем дел од луѓето кои бараат помош од Субверзивен фронт, според него, се поврзани со проблемите на себе прифаќањето дека се ЛГБТИ, како и решавање на проблемите со семејството и опкружувањето, а потоа и неефикасноста на институциите.

„Имавме проблеми и се уште ги имаме како полициските службеници ги третираат оние кои ги пријавуваат злоупотребите на човековите права на ЛГБТИ заедницата. Имаме уште проблем како обвинителите решаваат на пример говор на омраза кон ЛГБТИ заедницата, односно не решаваат или негативно решаваат и исто така имаме проблем со охрабрување на самите ЛГБТИ луѓе да ја пријавуваат дискриминацијата, не заради тоа што, сега имаме закон и имаме конкретни механизми за заштита од дискриминација, затоа што се плашат дека државните службеници прво нема да имаат знаење да го решат тој случај, второ дека не им веруваат дека ќе го завршат случајот и трето не очекуваат дека епилогот ќе биде во нивна корист“, додава Михајлов.

За Стојковиќ еден од најгорливите проблеми е отсуството на законска рамка за формално признавање и регулирање на статусот на истополовите двојки, што е неможност за остварување на правото на семеен живот.

„Тоа се одразува ограничувачки и го прави невозможно остварувањето и на други права, што влијае врз квалитетот на животот што го делам со мојот партнер веќе десет години. Политичарите треба конечно да сфатат дека човековите права не смеат да бидат предмет на партиски пазарења. Тие имаат обврска да осигураат почитување, заштита и унапредување на човековите права во насока на обезбедување на целосна еднаквост на сите граѓани, неопходна за градење на едно модерно демократско општество. Сѐ друго се само изговори и политичко калкулантство“, додава тој.

Костадиновска им порачува на родителите да си ги сакаат децата.

„На луѓето од ЛГБТИ заедницата би им порачала терајте си го кејфот. Тоа е ваш живот нема кој што да ви кажува и да ве осудува или пресудува“, порачува таа.

Живот зад затворени врати и навлечени завеси

Како е во соседството. Трансродовите луѓе наоѓаат малку прифаќање во конзервативните општества како Албанија. По долгогодишна изолација, Луана Миртолари и другите во трансродовата заедница одлучија да се соочат со табуата со отворање изложба на фотографии во главниот град Тирана.

Гоце Атанасов

Кога се враќа дома, 22-годишната Луана Миртолари веднаш ја заклучува вратата и ги навлекува завесите, рефлексен гест од страв. Трансродовите луѓе наоѓаат малку прифаќање во конзервативните општества како Албанија.

„Секој пат кога ќе ја отворите таа врата, секој пат кога ќе ја напуштите вашата куќа, се соочувате со агресија и само сакате да си одите дома, да заспиете и никогаш повеќе да не се разбудите бидејќи сте ја изгубиле волјата за живот.“

Нејзиното студио е обезбедено со железни порти што водат до мал двор. Металните ролетни едвај пропуштаат светлина. „Светот е мојот затвор“, вели Миртолари, која нејзиното семејство ја оттурна на 14 години и беше принудена да се засолни во дом за млади луѓе. По долгогодишна изолација, таа и другите во трансродовата заедница решија отворено да се соочат со табуата. Отворија изложба на фотографии во Тирана, со слики на Миртолари и нејзините пријатели - Дениса Мнери и Лола Монро - во стилизирани пози наспроти sидовите и морничавите скали во еден поранешен затвор.

„Ние само сакаме да бидеме прифатени онакви какви што сме“, вели Мнери.

Алтин Хазизај, шеф на здружението „Розова амбасада“ во Тирана пак вели: „Да се биде транс во Албанија значи да се лишиш од каква било услуга, да те исфрлат кога сакаш да пиеш кафе во бар. Тоа е најдискриминираната заедница, најисклучена и најзлоупотребена во споредба со која било друга заедница“.

Во изминатите 10 години, со закон во Албанија се забранува дискриминација врз основа на родов идентитет или сексуална ориентација. Но, извештајот објавен неодамна од Розовата амбасада сугерира дека 94 проценти од Албанците би одбиле да ги издржуваат своите деца доколку се хомосексуалци. А активистите велат дека ситуацијата е уште полоша за трансродовите луѓе.

33 годишната Мнери вели дека со години го криела од своето семејство фактот дека се чувствувала како жена. Нејзината единствена желба денес е да се оперира за да го направи лицето повеќе женствено.

„Како прво, сакам да направам операција на лицето за да сменам сѐ што е видливо“. Мнери додава дека нејзиното тело не ѝ пречи. „Она што ме мачи е физичкото насилство, навредите, провокациите од омраза секој пат кога само сакате да бидете свои“.

Монро, која не сакаше да го користи своето вистинско име, не можеше да го заврши средното училиште поради малтретирање од нејзините соученици. На 26-годишна возраст, таа сѐ уште размислува да го заврши средното образование, но неодамнешниот напад повторно ја врати нејзината самодоверба.

„Во Албанија, за да преживеете, или треба да ги жртвувате достоинството, интегритетот, психолошката благосостојба или да се борите напорно против злосторствата од омраза“, вели таа, додавајќи: 5 „Секогаш сте изложени на физичко насилство, само со тоа што сте свои. Доволно е само да носите шминка за да предизвикате реакција“.

Оваа борба за преживување го направи поранешниот затвор Спац, северно од Тирана, очигледен избор за нивна фотосесија. Тоа беше местото каде комунистичкиот диктатор Енвер Хоџа ги затвораше своите политички непријатели и Миртолари гледа јасна граница помеѓу двете маргинализирани заедници.

„И ние сме затвореници на совеста“, вели таа, наведувајќи дека креативноста е нејзиниот најдобар начин за бегство, пишувајќи и изведувајќи своја претстава, како и поставувајќи изложби на фотографии. „Уметноста е нашето единствено оружје за да бидеме видливи во општество што нѐ отфрла“, вели таа.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG