Црвениот обрач околу нечија глава се врати во мода. Овој пат тоа го прават оние кои пред неколку години беа заокружувани.
На прес-конференција на битолскиот огранок на СДСМ беше објавена фотографија каде со црвен круг е заокружена главата на Драгана Спасевска, една од претставниците на неформалната Фејсбук-група граѓани „Учебници и настава мора да има“. Групата која брои повеќе од 75 илјади членови се спротивставува на реформата во образованието која предвидува дигитални учебници и повикува на бојкот на наставата.
Битолската СДСМ објави фотографии од Спасевска, за кои тврдат дека се направени на митинг на ВМРО-ДПМНЕ во 2016. Потоа и потпретседателката на Комисијата за образование на СДСМ Елизабета Наумовска, посочувајќи ја Спасевска како истакнат член на ВМРО-ДПМНЕ, обвини дека опозициската партија стои зад бојкотот на наставата.
Спасевска, пак, преку Фејсбук порача политичките партии, политичари и партиски активисти да се држат подалеку од неа.
Заокружувањето на глави на неистомислениците го стартуваше ВМРО-ДПМНЕ, пред неколку години додека беа на власт. По првиот протест на студентите во 2014 против реформите во образование на портали блиски до тогашната власт осамнаа заокружени лица на дел од луѓето кои протестираа, за кои се тврдеше дека се блиски до СДСМ. Потоа на протести излегоа неколку илјади студенти кои носеа црвени обрачи околу главите како порака дека не се плашат од етикетирањето и повикуваа „Сега заокружиме ме“.
Историјата се повторува, но никој не извлекол поука од неа, вели политикологот Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања Скопје.
„Со такво оцрнување коешто беше спроведувано пред 4-5 години само им помогна на ВМРО-ДПМНЕ да паднат побргу од власт, сега истото ќе се случи и со СДСМ, едноставно се повторува историјата, со тоа што кај ВМРО-ДПМНЕ се случуваше после 9-10 години владеење, а кај СДСМ гледаме се случува само после четири години на власт“, вели Божиновски.
Тој додава дека и пред неколку години, а и сега се оцрнуваат и заокружуваат обични граѓани, луѓе кои не се ни функционери и не се носители на партиски функции, туку само се противат на одредена политика којашто сака да ја спроведе државата.
„Секој човек си има свој став, секој човек може да биде член на која било политичка опција и доколку го аргументира тој свој став, зошто е „за“ или „против“ нешто, тоа не значи дека тоа го прави по некакви наредба на партиски орган“, додава Божиновски.
Тој заклучува дека со заокружувањето и оцрнувањето може само да се зголеми револтот против образованата реформа, а власта си направи контра-услуга, оти го прави истото на кое силно се противеше само до пред неколку години.
Политичкиот аналитичар и новинар Џељал Незири вели дека појавата на „заокружени глави“ е веќе видена во минатото, кога студенти и други групи на граѓани кога протестираа беа посочувани дека се поттикнати од тогашната опозиција, која сега е на власт.
„Не е добро да се користат истите методи за да се замолчат луѓето кое можеби се убедени дека некоја политика на владата е погрешна и преку демократски активности и мерки сакаат истите одлуки да ги променат, така што не е ниту демократски, ниту човечки некој што протестира за кауза, на демократки начин да биде однапред етикетиран, без притоа да се слушнат аргументите за тој протест“, вели Незири.
Дебатата треба да се фокусира на самата содржина и на аргументите, а не значи дека ако некој се поврзува со опозицијата или со некоја друга политичка партија нема право на став, додава Незири.
„Мора да има широка дебата и да се слушнат сите страни без разлика дали некој е приврзаник на некоја политичка партија или не, или можеби е дел од невладин сектор или дел од други неформални групи“, вели Незири.
Претходната власт предводена од Никола Груевски често користеше заокружување со црвено за неистомислениците. На медиуми блиски до тогашната власт се посветуваа цели емисии кога се лепеа глави од новинари, интелектуалци, претставници на невладин сектор, активисти кои се посочуваа како предавници. Тогашната опозиција, која сега е на власт му забележуваше на тогашниот премиер Никола Груевски дека не трпи критика и дека сите кои не мислат како него се или предавници или платеници или непријатели.