Достапни линкови

Зошто секој повик за помирување завршува со поделби?


од протестот против промената на името, Скопје јануари 2019.
од протестот против промената на името, Скопје јануари 2019.

Помирувањето е неизоставен дел од празничните говори на политичарите, но не стигнува подалеку. Народот е поделен и раскаран, а политичарите не предлагаат конкретни чекори како да дојде до тоа помирување.

Помирувањето и сплотувањето останува во празничните говори на политичари, но во реалноста луѓето остануваат поделени. На Илинден државниот врв упати повици за помирување. Премиерот Зоран Заев од Мечкин Камен во Крушево рече дека Илинден повикува на обединување, а не на поделби, оти, како што рече, делбите не се патриотизам. Претседателот на државата Стево Пендаровски од прославата во Вила Воднo рече дека предизвик за нас денес е граѓанското помирување.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека помирувањето стана политичка мантра, во основа зад тоа нема политичка суштина, бидејќи македонското општество е исклучително поделено.

„Главните оски на размислување на македонците се дијаметрално спротивни и во однос на иднината на Македонија и во однос на тоа како ја перципираат сегашната политичка ситуација, така што помирувањето може да биде суштински политички процес кој политичарите го замислуваат на еден или на друг начин, меѓутоа во суштина кај граѓаните не постои“, вели Арсовски.

Помирувањето го иницираше премиерот Зоран Заев во обид да обезбеди парламентарно мнозинство за уставните измени кои произлегоа од Преспанскиот договор. Во случајот „27 април“ обвинетите пратеници од опозицијата добија амнестија и потоа гласаа за уставните измени за промена на името. Тоа беше претставено како национално помирување. Но, народот остана поделен на патриоти и на предавници, а се појави и нов термин „северџани“, кој се користи за поддржувачите на Договорот од Преспа.

Поранешниот пратеник Насер Зибери вели дека актуелната политичка состојба во земјата не дава надеж дека може да дојде до помирување и сплотување меѓу граѓаните.

„Една од девизите и паролите на премиерот беше помирувањето, кое впрочем беше фрлање на ракавица во најкритичниот момент кога премиерот требаше да обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието за усвојување на амандманите кои произлегоа од Преспанскиот договор. И под таа парола, девиза, премиерот влијаеше некои пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои беа под истрага од СЈО и другите правосудни органи да ја поддржат таа политика на усвојување на тие амандмани. Но, понатаму процесот на помирување и сплотување не продолжи, не беа изградени соодветни политички инструменти и остана само една празна политичка фраза“, вели Зибери.

Арсовски вели дека за помирувањето само се зборува, но нема конкретни чекори од страна на политичарите.

„Ниту еден од политичарите не кажува како ќе го постигне, кои се оските врз основа на кои треба да се помириме, ниту покажуваат суштинска политичка волја да го направат тој исчекор, така што тоа во моментов останува политичка мантра“, вели Арсовски.

Помирувањето беше приоритет и во инаугуративниот говор на претседателот Пендаровски. Тој во интервју за РСЕ вели дека тоа е процес кој е долг, тежок, мачен и во него задолжително мора да учествуваат многу политички субјекти и други општествени чинители. Тој ги отфрла забелешките на ВМРО-ДПМНЕ и вели дека зад помирувањето не гледа амнестија за Заев и неговите блиски и соработници.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG