Достапни линкови

Помирувањето неопходно, но процесот ќе биде тежок и сложен


Средба на премиерот Зоран Заев со новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во Владата.
Средба на премиерот Зоран Заев со новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во Владата.

Политичкото помирување ќе биде потешко и покомплексно, коментираат познавачи, откако политичари го актуализираа прашањето за помирување во општеството, по долготрајната политичка криза. Партиите се раскарани и тие може да се обединат само околу долгорочното опстојување на Македонија, велат експерти.

Помирување во општеството е неопходно, по поделбите по партиска линија кои го достигнаа својот врв, а тензијата во општеството кулминираше со насилство. Долготрајната политичка криза резултираше со длабока поларизација и партизација, немање разбирање кон другиот и отсуство на компромис. Политичарите имаат одговорност за надминување на поделбите, но и сите општествени чинители може да дадат свој придонес, посочуваат аналитичари.

За поделбите и помирувањето говореше и претседателот на државата Ѓорче Иванов во новогодишното обраќање пред Парламентот. Порача дека е потребно помирување, а не реваншизам. Според него, патот до помирувањето води преку правдата, а патот до правдата преку вистината.

Професор Никола Дујовски од универзитетот Климент Охридски вели дека е добро што веќе по медиумите нема спомнување на патриоти и предавници.

„Народот по партиска основа е разединет, меѓутоа причинителот на сето тоа или партијата која го заговараше сето тоа веќе нема сериозна поддршка во општеството и мислам дека тоа се клучните причини кои водат, барем по тој основ, до помирување“, вели Дујовски.

Со години наназад меѓу другите поделби во општеството, се наметнува и политичката поделба, а тензијата меѓу граѓаните по политичка линија се проби на самиот врв на тие поделби, вели Џабир Дерала од невладината Цивил.

Политичкото помирување сметам дека ќе биде потешко и покомплексно, бидејќи е помалку дофатливо и помалку конкретно да се надмине“, вели Дерала.

Тој додава дека општеството не треба да дозволи партиите и другите центри на моќ да продолжат со деструктивно дејствување, а ниту како што вели, тие што се обидуваат да бидат неутрални или „конструктивни“ не треба да добијат многу простор во некој нареден процес на помирување. Предлага во надминување на проблемот да се вклучат општествени сили кои, како што вели, немаат врска со политичките структури.

Новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ден по изборот повика на помирувањe, толеранција и разбирање. Претходниот лидер на партијата, Никола Груевски, во неколку наврати исто така повика на национално помирување и амнестија на вклучените во настаните од 27 април. Тој рече дека веќе подготвиле закон за амнестија, кој треба да се најде во Парламентот.

Долгогодишниот политичар и поранешен претседател со Собранието на Македонија, Тито Петковски, вели дека и во македонскиот и во албанскиот политички кампус партиите се раскарани и тие може да се обединат само околу долгорочното опстојувањето на Македонија.

„Сите да сфатиме дека им должиме на грѓаните, сите поединечно, и тие што се на власт и тие што се во опозиција, да го вложиме сопственото знаење и умеење во изградба на државата, ако државата се доведе во прашање, што ќе прават понатаму тие политички партии?“, вели Петковски.

Од власта досега ја отфрлаа идејата за амнестирање на вмешаните во насилствата во Собранието. По настаните на 27 април, лидерот на СДСМ, Зоран Заев во интервју за РСЕ рече дека е неопходно помирување во општеството, но дека одговорност мора да има.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG