Промената на власта на Косово нема никако да влијае на односите меѓу Косово и Македонија, велат домашните аналитичари. Односите може само да се подобруваат со оглед на тоа што Западот бара поголема интеграција меѓу балканските држави, вели професор Мерсел Биљали.
Косовската опозиција победи на неделните избори против партиите предводени од поранешни команданти на ОВК. Левичарско-националистичката партија Самоопределување на Албин Куртин освои најмногу гласови, односно 26 отсто, на неделните избори, нешто пред центристичката Демократска лига на Иса Мустафа.
Се уште е неизвесно кој ќе ја предводи новата влада, со оглед на тоа што никој го нема потребното мнозинство и ќе треба да се формираат коалиции.
Курти, кој е познат по острата реторика и националистичките ставови, пред изборите доби поддршка од Алијансата за Албанците од Македонија. Градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари пред околу две недели рече дека со Курти почнува „албанската пролет“.
Професор Мерсел Биљали вели дека промените се големо демократско освежување на Косово и дека тоа нема битно да влијае на добрите односи меѓу Косово и Македонија.
„Мислам дека нема да има промени зашто големите играчи кои се сè поприсутни на Балканот, особено на Западниот Балкан веќе спремаат акции за координација и интеграција, дури до ниво на своевидна Западнобалканска царинска унија“, вели Биљали.
Тој посочува дека новата косовска влада ќе се фокусира на решавање на односите со Србија што е клучно прашање и за нив, но и за целиот регион.
Од српскиот претседател Александар Вучиќ потекна иницијатива за слободен проток на стоки и услуги меѓу Македонија, Србија и Албанија, односно „мини Шенген“ на Балканот. На таа тема, тој утре и задутре во Нови Сад ќе разговара со премиерите на Албанија и Македонија, Еди Рама и Зоран Заев. Вучиќ рече дека тоа би можел да биде прв чекор кон вклучување на Приштина, Црна Гора и Босна и Херцеговина во тој проект.
Биљали смета дека се работи за проект на САД и ЕУ.
Професор Нано Ружин исто така не очекува промени на односите меѓу Косово и Македонија. Тој не е загрижен поради острата и националистичка реторика на лидерот на Самоопределување.
„Меѓународната заедница и во другите држави на Балканот велеше дајте им шанса и убедени сме дека ќе бидат умерени за разлика од тоа како се однесувале во нивната кампања или во периодот кога биле во опозиција. Така што, мислам дека оваа формула важи и за новата политичка гарнитура од Приштина“, вели Ружин.
Тој исто така посочува дека фокусот на новата косовска власт ќе бидат односите со Србија.