Македонските трговци би можеле најмногу да искористат од трговската војна меѓу Србија и Косово, откако косовската влада воведе давачки од 100 насто за сите стоки увезени од Србија и Босна и Херцеговина. Упатените потенцираат дека локалните компании во земјава би можеле да ја искористат оваа ситуација и да се обидат да ги извезат токму оние производи кои до неодамна ги извезуваа српските компании.
„Се знае дека Србија многу извезува на Косово, така што Косоварите беа зависни од тие производи. Е сега, ако Македонија се покаже паметна како држава, таа може да направи стратегија за да го освои тој дел што ќе биде оставен пред се од српските компании, помалку од Босна. Таа стратегија треба да се фокусира на субвенционирање на тие гранки каде што Србија имала конкурентна предност“, изјави економскиот аналитичар Висар Адеми.
Според Адеми, потребна е многу добра анализа за тоа што извезуваат Србите, а што купуваат граѓаните на Косово, за да можеме да дадеме нов облик на трговската размена со Косово.
Познавачите велат дека од Србија, Косово најмногу увезува брашно, пченица и пченка, односно истите производи кои ги увезува и Македонија поради недостиг, па оттука е логично дека Македонија нема да може тоа да му го понуди на косовскиот пазар.
„Србија главно извезува брашно, пченица и пченка, а ние истите тие ги увезуваме оти немаме доволно“, вели Вељо Тантаров од Сојузот на земјоделски производители.
Но, она што најверојатно ќе се случува ќе биде реекспорт на производите, велат упатените. Македонија би била транзитната земја преку која македонски компании би ги купувале производите од српските фирми, а потоа истите би ги продавале на косовскиот пазар.
„Сепак, не е тоа начин, ние да се радуваме на туѓата несреќа. Треба да се почитуваат правилата на игра во ЦЕФТА. Ако Косово тоа го прави денеска на Србија и Босна, утре може да го направи на нас. Ние веќе имавме такво искуство кога летово 15 дена нашите земјоделски производи беа царинети со 30 проценти повисоки царини и тогаш претрпевме огромни загуби“, изјави Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата за земјоделци.
Економскиот ефект од оваа одлука на косовската влада во однос на Србија и Босна и Херцеговина би бил краткорочен за Македонија, бидејќи ќе ја подобри само трговијата меѓу двете земји, а не и македонското производство, заклучуваат економските аналитичари.