Слободниот проток на стоки и услуги меѓу Македонија, Србија и Албанија, односно создавањето „мини-Шенген“ е добра иницијатива, но многу неизвесна, имајќи ги предвид досегашните проблеми во соработката меѓу балканските држави, велат аналитичарите.
Во Македонската влада велат дека е се посветени на регионални иницијативи кои придонесуваат кон поврзан и вмрежен Западен Балкан, со цел побрз развој на регионот. Тие сметаат дека тоа ќе ја забрза интеграцијата на регионот кон Унијата.
„Актуелната иницијатива ќе влијае кон побрз и непречен проток на граѓаните, стоките и услугите, намалување на трошоците за компаниите и за граѓаните, зголемување на извозот, како и развој на потенцијалите за туризам“, велат во владата.
Иницијативата потекна од српскиот претседател Александар Вучиќ, кој најави дека на 9 и 10 октомври ќе им биде домаќин на премиерите на Македонија и на Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, со кои ќе разговара за „отстранување на бариерите во слободниот проток на стоки и услуги меѓу трите држави“. Тој рече дека на состанокот треба да го конкретизираат проектот за создавање нешто налик на „мал Шенген“. Вучиќ рече дека тоа би можел да биде прв чекор кон вклучување на Приштина, Црна Гора и Босна и Херцеговина во тој проект.
Бизнисмените од регионот поддржуваат укинување на границите, но аналитичарите велат дека ќе има многу пречки на тој пат.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија верува дека по формирањето на заеднички стопански институции бизнисот би процветал.
Долгогодишниот политичар и поранешен гувернер на Народната банка, Петар Гошев, вели дека секое релативизирање на границите и отстранување на бариерите за проток на луѓе, стоки и инвестиции може да го помогнат развојот и потсетува дека и ЕУ е изградена на такви идеи. Тој смета дека ваквата иницијатива може и да послужи како вежба, односно подготовка во однесувањето на овие земји за влез во ЕУ, но предупредува дека тој „мини Шенген“ не треба да значи заедничко влегување на Западниот Балкан во ЕУ.
„Тест дали сме спремни за некоја подлабока интеграција се покажува на ова што досега го имаме како прописи за почитување. Ако се кршат параграфите од ЦЕФТА, од Светската трговска организација, ако ниедна од овие држави не ги испорачува арамиите, злосторниците на другата земја само затоа што се нивни државјани, а не затоа што треба да се почитуваат меѓународните конвенции за тоа и во име на правдата, тогаш и тие примери се во прилог на тоа дали сме подготвени или не сме подготвени за вакви идеи“, вели Гошев.
Директорот на Центарот за економски истражувања од Тирана, Зеф Преци, потсетува дека на слободниот проток на стоки, капитал инсистира и ЕУ, а тоа е дел од барањата и на Берлинскиот процес.
„Малиот Шенген е само име за влез во тој процес. Сигурен сум дека надминувањето на трговските бариери, како што се на пример косовските царини и слично, треба да бидат повторно разгледани. Само со слободен проток на капитал, култура и луѓе ќе имаме подобра иднина и ќе бидеме поблиску до ЕУ“, вели тој.
За почеток, како што соопшти српската влада, намерата е да се укинат внатрешните царински и гранични бариери, да се усогласи инфраструктурната политика и да се воведе единствена наплата на патарините на автопатите во регионот.
Проблем во оваа иницијатива може да биде и нерешеното косовско прашање. Поранешната главна косовска преговарачка во дијалогот со Србија, Едита Тахири, изјави дека ова е нео-југословенска тенденција што ќе им наштети на Балканот и на Европа. Таа смета дека Балканот не треба да биде заинтересиран да се обедини и да ги отвори границите меѓу себе, туку кон ЕУ.