Вести
Во Париз се оддржува самит на „Коалиција на подготвените“ за мир и безбедност во Украина

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска (27 март) организира уште еден самит на „Коалицијата на подготвени “ за мир и безбедност за Украина, по низата состаноци одржани во Париз и Лондон во последните недели со цел да се воспостават безбедносни гаранции за Киев како дел од можниот иден мировен договор со Русија, што се обидуваат да го постигнат САД, предводени од Доналд Трамп.
Самитот, како што рече Макрон минатата недела, треба да овозможи „финализирање“ на работата на договорот за воена помош за Украина „на краток рок“, според „постојаниот и одржлив модел на украинската армија за спречување на руските инвазии“ во иднина и за „безбедносните гаранции што можат да ги донесат европските армии“, вклучително и копнено распоредување на украинска територија.
Проблематичното прашање за испраќање војници на украинска територија во случај на прекин на огнот со Русија ќе биде во фокусот на денешниот самит, наведува телевизијата БФМ.
Како што соопштија од француското претседателство, целта на состанокот ќе биде да се извлечат „оперативни заклучоци“, а агендата ќе се заснова на четири главни точки, од кои првата е натамошната воена поддршка на Украина и придонесите на секоја земја поединечно. Потоа ќе се разговара за модалитетите на „целосно примирје“, како и за подготовките за периодот што би следел по потенцијалното примирје.
Конечно, учесниците на самитот ќе разговараат за условите за распоредување на европските сили во Украина за гарантирање на мирот-иницијатива за која се залагаат пред се Макрон и британскиот премиер Кир Стармер. Оваа последна точка најверојатно ќе биде предмет на жестока дебата, со оглед на тоа што неколку европски земји веќе се спротивставија на идејата или покажаа значителни резерви во овој поглед.
Според дипломатски извор, на денешниот самит се поканети над 20 земји и од ЕУ и од НАТО, меѓу кои Велика Британија, Канада, Норвешка и Турција, а вчера во Париз пристигна и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
На самитот ќе присуствуваат триесетина сојузнички земји, кои се подготвени да продолжат да и помагаат на Украина и да даваат безбедносни гаранции за евентуално примирје меѓу Москва и Киев, јавуваат француските медиуми.
Тоа ќе биде трета средба од ваков вид по состаноците во Париз на 17 февруари и во Лондон на 2 март.
Макрон вчера го прими Зеленски во Елисејската палата како подготовка за самитот на земјите од „Коалицијата на подготвените“, како што соопшти француското претседателство. Украинскиот претседател пред средбата изјави дека би сакал да знае „кој е подготвен“ да учествува во мировниот контингент во Украина.
Зеленски побара „поголема отпорност“ пред разговорите за европската одбрана

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика украинските партнери да бидат „барем онолку отпорни колку што сме ние“ во однос на условите што Русија ги постави за спроведување на договорот за прекин на огнот во Црното Море.
Зеленски, зборувајќи за новинарите во Париз пред состанокот на европските лидери на 27 март, рече дека се согласил да продолжи со разговорите за прекин на огнот во Саудиска Арабија за да се обезбеди продолжување на американската помош и размена на разузнавачки информации.
Белата куќа соопшти дека разговорите резултирале со договор „да се развијат мерки за спроведување“ на неодамнешните обврски за запирање на нападите врз енергетските капацитети и прекин на огнот во Црното Море.
Но, Русија бара да се исполнат голем број услови, вклучително и олеснување на санкциите, во замена за придржување до договорот.
„Тие поставуваат услови за санкции на американската страна. Ако Америка остане силна, ние стоиме на сопствената земја и се браниме“, рече Зеленски и додаде:
„Ја покажавме нашата издржливост. И сега е многу важно нашите партнери да бидат барем толку издржливи како нас, иако имаат повеќе способности“, им рече тој на новинарите.
На прашањето дали верува дека Американците ќе останат силни, тој одговори:
„Се надевам дека е така. Бог да ги благослови тие“.
Зеленски, исто така, рече дека про-Кремљ коментарите укажуваат дека некои од американската страна биле „под влијание“ на руските наративи за конфликтот, што го ослабува притисокот врз Русија.
„Не можеме да се согласиме со овие наративи. Се бориме за себе и ќе се бориме против овие наративи каде и да се појават, бидејќи едноставно нема друг начин“, рече тој.
Тој ги наведе коментарите на американскиот претставник за Блискиот Исток Стив Виткоф, за кој рече дека „често ги повторува наративите на Кремљ“.
„Разговарав со претседателот Трамп многу пати и работиме на разузнавачко ниво за да размениме вистински, вистинити информации. Затоа што изјавите на Виткоф се главна пречка за нас“, вели Зеленски.
Тој се состана со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз, кој на 27 март ќе биде домаќин на делегации од „коалицијата на подготвените“ - група сојузници на Украина кои сакаат да му помогнат на Киев и да обезбедат траен прекин на огнот со Русија.
„Ова е одлучувачка фаза за ставање крај на војната за агресија“, рече Макрон на заедничката прес-конференција со Зеленски на 26 март.
Макрон ја обвини Русија дека покажува „желба за војна“ и инсистираше на тоа дека Москва мора да го прифати 30-дневниот прекин на огнот „без предуслови“.
Американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека Вашингтон ќе ги процени условите на Москва.
„Ќе го оцениме тоа. Некои од тие услови вклучуваат санкции кои не се наши - тие припаѓаат на Европската Унија“, рече Рубио на прес-конференција во Јамајка на 26 март. Макрон, сепак, во Париз рече дека нема да ги укине санкциите бидејќи е „премногу рано“ за тоа.
Стејт департментот соопшти дека Рубио на 26 март разговарал со францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро за ставање крај на руско-украинската војна.
Рубио ја нагласи „одлучноста на Трамп да постигне траен мир преку преговори и нагласи дека Соединетите Држави ќе продолжат да работат со Франција кон таа цел“, рече портпаролката Тами Брус во изјавата.
Американскиот министер за финансии Скот Бесент во интервју за Фокс њуз на 26 март рече дека верува оти Трамп „нема да се двоуми да ги заостри санкциите, доколку тоа му даде предност во преговорите“. Тој додаде дека заострувањето или олеснувањето на санкциите ќе зависи од понатамошните активности на руското раководство.
Бесент, исто така, рече дека САД и Украина би можеле да потпишат договор за природни ресурси следната недела.
„Дадовме завршен документ за економско партнерство. Тој во моментов се разгледува од страна на Украинците и се надеваме дека целосната дискусија ќе започне следната недела и можеби дури и ќе бидат ставени потписи“, рече Бесент.
Договорот требаше да биде потпишан на 28 февруари за време на последната посета на Зеленски на Вашингтон, но церемонијата на потпишување беше одложена по жестоката дискусија меѓу Зеленски, Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс во Овалната соба.
Поранешните градоначалници на Кочани, Димитриевски и Илијев одат во куќен притвор

Мерката ефективен притвор за поранешните градоначалници на Кочани, Ратко Димитриевски и Николчо Илијев е заменета со куќен притвор, а во куќен притвор оди и поранешна директорка на Државниот пазарен инспекторат. Ваква одлука донесе Основниот суд во Кочани постапувајќи по жалбите на 17 осомничени за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
На останатите 14 лица одбиени им се жалбите и за нив е потврдена мерката притвор.
Од Обвинителството нагласуваат дека е поднесена жалба пред Апелицискиот суд во Штип на одлуката за двајцата градоначалници за кои се бара враќање на мерката ефективен притвор.
Во притвор останува актуелниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов кој по трагедијата поднесе оставка од функцијата.
Во пожарот што е случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март загинаа 59 лица, а околу 200 повредени се лекуваат во болниците во земјава и странство.
Кенија го призна Косово

Кенија, една од африканските земји, официјално ја призна независноста на Косово на 26 март, потврди косовската претседателка Вјоса Османи, наведувајќи дека признавањето е од нејзиниот колега Вилијам Руто.
Со ова признавање, бројот на земји кои ја признаваат независноста на Косово се зголеми на 118, покажуваат податоците на косовските власти.
„Република Косово ја поздравува одлуката на Република Кенија да го признае Косово како независна и суверена држава, преку одлука потпишана од претседателот Руто, која и официјално е упатена до Претседателството“, напиша Османи на својот Фејсбук профил.
Признавањето на Косово од страна на Кенија е прво во последните четири години.
Веста во јавноста претходно ја соопшти поранешниот косовски претседател Беџет Пацоли, наведувајќи дека признавањето од Кенија дошло „на незаборавна церемонија“ во средата.
Косово прогласи независност од Србија во 2008 година, но официјален Белград не ја признава. Двете страни водат разговори за нормализирање на односите од 2011 година, со посредство на ЕУ.
Речиси немаше нови признавања на Косово во последниве години, а последното дојде од Израел во 2021 година како резултат на Вашингтонскиот договор за економска нормализација на Приштина и Белград.
Пацоли изјави дека признанието од Кенија е негова заслуга и дека „од 2009 година тој лично лобирал и разговарал со кениските власти овој ден да стане реалност“.
„Оваа победа не дојде случајно. Тоа е плод на долга, неуморна работа“, напиша Пацоли.
Претседателката Османи истакна дека особена благодарност за признавањето на Косово упатува и до Пацоли. Таа изјави дека односите меѓу Косово и Кенија ќе се продлабочат во различни области.
Четворица американски војници исчезнаа во Литванија по вежба во близина на границата со Белорусија

Околу 24 часа не е позната судбината на четворицата американски војници и нивното возило, кои исчезнаа по вежба на полигонот Пабрада во Литванија, на приближно 10 километри од границата со Белорусија.
Во соопштението на 26 март, литванската војска соопшти дека војникот бил пријавен за исчезнат во 16:45 часот. по локално време на 25 март, а официјалните известувања стигнаа до властите во Вилнус до 19:20 часот.
Во моментов е во тек операција за пребарување во која учествуваат војници, спасувачки служби и пожарникари. И литванската полиција покрена истрага.
Литванските власти дадоа малку детали, а Гинтаутас Цјунис, воен портпарол, потврди само дека станува збор за „странски војници“.
Американските власти не го коментираа јавно ова прашање.
Гедримас Јаглинскас, претседател на парламентарната комисија за национална безбедност и одбрана, за државното радио ЛРТ изјави дека знаел за исчезнувањата, но не даде дополнителни информации.
„Има барање од војската и од силите кои ги спроведоа вежбите во овој момент да ја задржат дискрецијата и да не даваат никакви коментари. Да го почитуваме ова, да дозволиме да се спроведат сите процедури. Вклучена е и полицијата и сите елементи кои треба да бидат вклучени, истрагата е во тек“, рече тој.
Претседателот Гитанас Наузеда им рече на новинарите дека „континуирано добива информации што сè уште не може да ги потврди“, додавајќи дека јавноста ќе биде целосно информирана штом ќе бидат проверени деталите.
Попов: Невладеење на правото и коруптивноста на системот резултираа со масовни несреќи

Редовното годишно собрание на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) почна со минута молк во слава на жртвите во трагедијата во Кочани, а претседателот на Академијата, Живко Попов, изрази сочувство во негово име и во име на членовите до семејствата на починатите во пожарот во Кочани.
„Во овие моменти на длабока тага, сепак, има и нешто светло, а тоа е навремената и компетентна реакција на здравствениот систем и државните институции, пред се МВР и Јавното обвинителство, кои покажаа дека во тешки, кризни моменти сепак имаат капацитет да реагираат соодветно. Тоа дава надеж дека оваа држава доколку продолжи да се менува на ваков начин, нејзините граѓани ги очекува многу посветла иднина“, рече Попов.
Во опсежното експозе по првата година од неговиот мандат, претседателот на МАНУ укажа на сеприсутност на партизацијата во институциите и „децениското невладеење на правото и коруптивноста на системот“ кои, како што рече, довеле до девастирана држава со нефункционални институции.
„Како резултат на тоа во последните години ни се случија неколку масовни несреќи, меѓу кои и последната голема трагедија во Кочани. Потребна е целосна поддршка на енергичните напори и заложби на институциите на државата за расчистување на истите. Верувам дека е возможно рестартирање на државниот систем и доколку успееме на институциите да им го вратиме барем нивото кое го имаа при осамостојувањето на земјата, навистина ќе постигнеме огромен успех. Со вака конципирани институции, Република Македонија многу тешко ќе се справи со предизвиците што ја чекаат при отворање на поглавјата за членство во ЕУ“, рече Попов.
Посочи дека партизираноста е „посебно видлива во јавната администрација, во агенциите, во регулаторните тела, кои треба да бидат независни“, што, рече, „перманентно го ослабува квалитетот и капацитетот на дејствување на институциите и самата држава ја прави нефункционална“.
„Партизацијата на општеството доведе до нефункционален правосуден систем. Вистина е дека се направени повеќе квалитетни реформи во правосудството со добри решенија, но тие имаат слаба имплементација. Тоа што најмногу ја бранува јавноста е Републичкиот судски совет и Академијата за судии и обвинители“, рече Попов, според кого Судскиот совет „во неговото досегашно делување не се покажа доволно силен, убедлив и компетентен да ги наметне своите одлуки.
Зборуваше и за „руиниран здравствен систем“ на кој, рече, најголем удар му е зададен со укинувањето на Законот за Медицински факултет, што довело до распад на Клиничкиот центар и негово политизирање.
Претседателот на МАНУ се осврна и на правичната застапеност и Законот за употреба на јазиците за што рече дека е „време да се направи нивно јасно и прецизно дефинирање пропратено со правни механизми со кои ќе биде оневозможена нивна злоупотреба“.
ЕУ е наша единствена опција, порача Попов
„Мора да се реагира мудро и навремено“, изјави Попов осврнувајќи се на надворешната политика на Северна Македонија. Посочи дека перспективата на евроинтеграциските процеси на државата е „комплетно блокирана со ирационалниот спор со нашите соседи“ и дека е има „битно подобрување на нашите односи со американската администрација предводена од претседателот Трамп“.
„Тоа на поголемиот дел од македонскиот народ му влева надеж дека може да добие одредена поддршка во решавањето на билатералниот спор со Бугарија и во подобрувањето на релациите со Брисел. Република Македонија не може да биде поштедена од последиците на војната во Украина и таа мора да си го најде своето безбедно место во светот и за тоа сведочат дипломатските усилби на Владата, земјата да биде поддржана од повеќе стратешки партнери, што само може да и донесе корист на државата. Во ваква ситуација мора да се реагира мудро и навремено. Европскиот пат, сепак, е наша единствена права и реална опција бидејќи ние сме пред се Европејци“, посочи претседателот на МАНУ.
Додаде дека европскиот пат на Западен Балкан „повторно е на испит и на раскрсница и покрај јасната волја и желба на скоро сите околни соседни држави“.
„Сега ветена година е 2030, и затоа потребни се реформи и покрај евроскептицизмот кој е во пораст поради неконзистентното однесување на ЕУ и честата дисонантност на Брисел и поедини европски престолнини, при што наспроти повеќедецениските подготовки и болни реформи на земјите од Западен Балкан, се нуди брз прием на Украина, Молдавија, Грузија и др. Работите на глобално ниво се менуваат од ден во ден, од час во час. Македонија е мала и сиромашна земја, поделена по повеќе основи и мора да реагира навремено, а истовремено да чува и одредена неутралност“, истакна Попов во експозето.
Во однос на спорот со Бугарија, смета дека е одличен предлогот за одложено дејство на уставни измени за кое, како што рече, „претставува солидна основа за компромис“.
„Контактите на научниците од двете страни, повторното воспоставување на научни проекти, соработката во културата, инфраструктурното поврзување и честите контакти и разговори на сите нивоа, се разбира со запазување на нашето национално достоинство, би можеле да бидат мост на кој ќе се сретнат политичарите од двете страни заради изнаоѓање на компромис, додаде Попов.
Ерменскиот парламент гласаше за членство во ЕУ, знак на дистанцирање од Москва

Парламентот на Ерменија направи уште еден чекор во свртувањето на земјата кон Запад, одобрувајќи нацрт-закон со кој се повикува владата да бара членство во Европската унија (ЕУ).
Донесувањето на законот во неговото второ и последно читање беше последното оддалечување од Русија, бидејќи историските врски се раскинуваат поради, како што вели Ереван, очигледниот неуспех на Москва да ја поддржи во нејзиниот конфликт со соседот и долгогодишен противник Азербејџан.
Законот со кој се повикува владата на оваа јужнокавкаска земја да го започне процесот на пристапување во ЕУ беше усвоен на 26 март со 64 гласа „за“, сите од владејачката партија Граѓански договор, со седум гласа против од пратениците од опозицијата.
„Го поднесовме овој предлог-закон за да може Република Ерменија да ја изрази својата политичка волја да се придвижи кон Европската унија. Овој процес е неповратен. Народот го повикува“, рече Артак Зејналиан, поранешен министер за правда, кој ја претставува групата која се залага за членство во блокот од 27 нации.
Премиерот Никол Пашинјан го поддржа нацртот во јануари, но истакна дека за пристапување во ЕУ ќе биде потребен референдум. Ерменија, исто така, ќе мора да спроведе големи реформи во судскиот систем и во други области за да има шанса да се приклучи на 27-члениот блок.
Ерменија и Азербејџан водеа неколку војни во последните три децении за регионот Нагорно-Карабах, кој беше мнозинска етничка ерменска енклава од распадот на Советскиот Сојуз и е меѓународно призната како азербејџанска територија.
Откако Баку ја презеде целосната контрола врз регионот како резултат на молскавична, еднодневна воена офанзива во септември 2023 година, речиси 100.000 етнички Ерменци побегнаа од Нагорно-Карабах во Ерменија. Ереван ја обвини Русија, која имаше речиси 2.000 војници стационирани во регионот, дека не презема ништо за да ги спречи борбите и егзодусот што следеше.
Неколку дена по нападот, Пашинјан во телевизиско обраќање рече дека постојните безбедносни сојузи на Ерменија - повикувајќи се на Русија и Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ) во која доминира Москва - се „неефикасни“ и „недоволни“.
Во февруари 2024 година, Пашинјан го замрзна учеството на Ерменија во ОДКБ. Таа, исто така, се приклучи на Меѓународниот кривичен суд, што значи дека ќе се очекува да се усогласи со налогот на МКС за апсење на рускиот претседател Владимир Путин доколку тој дојде во посета, и ги продлабочи своите одбранбени врски со Франција.
Ерменија одржа воени вежби со американските војници во јуни 2024 година и потпиша договор за стратешко партнерство со САД овој јануари, една недела пред да стапи на должност американскиот претседател Доналд Трамп.
Русија ја предупреди Ерменија дека свртувањето кон ЕУ може да и наштети на различни начини, особено на економски план. Рускиот вицепремиер за евроазиска интеграција Алексеј Оверчук во јануари изјави дека започнувањето на процесот на пристапување во ЕУ значи „покренување на процесот на напуштање на Евроазиската економска унија“, царинска и трговска алијанса предводена од Москва, додавајќи дека земјата не може да биде членка на двата блока.
Минатата недела секретарот на рускиот Совет за безбедност, Сергеј Шојгу, рече дека Ерменија ризикува да ја загуби бесцаринската трговија со Русија и потенцијалното зголемување на цените на рускиот природен гас и дека Русија може да протера голем број ерменски работници мигранти.
Ерменија и Азербејџан минатата недела објавија дека го финализирале текстот на историскиот мировен договор, иако останува нејасно точно кога нивните лидери ќе го потпишат.
Рускиот суд ги осуди борците од Азов за тероризам, Киев го нарече „воено злосторство“

Рускиот суд осуди 23 Украинци заробени во опсадата на градот Мариупол под обвинение за тероризам - на затворски казни од 13 до 23 години по судењето што Киев го опиша како кршење на меѓународното право и „воено злосторство“.
Пресудата и долгите затворски казни дојдоа речиси две години откако на повеќето обвинети им се судеше во јужниот град Ростов-на-Дон, во близина на границата со Украина, во јуни 2023 година. Единаесет од првите 24 обвинети беа осудени во отсуство откако се вратија во Украина при размена на затвореници, а еден почина во притвор минатата година.
Според извештаите на руските медиуми и активисти за човекови права, меѓу обвинетите има 14 сегашни или поранешни членови на елитната украинска бригада Азов, порано позната како Баталјон и полк, кои Русија ги означи како терористичка група, како и девет жени и еден маж кои работеле како готвачи или помошен персонал.
Обвинетите беа заробени за време на руската крвава опсада на градот Мариупол на Азовското Море, неколку месеци по нејзината инвазија на Украина.
Азовските борци се бореа со руските трупи со месеци пред околу 2.500 од нив да се предадат во мај 2022 година. Многу од нив се спротивставија на челичарницата Азовстал, чие заземање го зацементира руското преземање на уништениот град.
Тие се обвинети за организирање насилен државен удар и активности на терористичка организација. Некои беа обвинети и за обука за извршување терористички активности.
Во 2023 година, Михаило Подољак, висок советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, напиша на Твитер дека судењето е „официјално воено злосторство“.
Адвокатот на еден од обвинетите рече дека сите 12 обвинети во руски притвор ќе се жалат на пресудите. Ослободителните пресуди и успешните жалби се многу ретки во Русија.
МВР изрече 674 казни за сообраќајни прекршоци, најмногу за непрописно паркирање

Полициските службеници во текот на 25 март издале 674 платни налози во рамки на засилените сообраќајни контроли за почитување на сообраќајните правила и прописи на патиштата низ државава.
Како што соопшти МВР, согласно актуелните статистички трендови по однос на сторените прекршоци најбројни се прекршоците на непрописно паркирање - 252, потоа прекршоците по основ на движење со брзина поголема од дозволената - 175, како и прекршоците по основ на возење без возачка дозвола - 41.
Изречени се и седум мерки за возење под дејство на алкохол, 39 санкции за неносење сигурносен појас, две мерки за возачи на мотоцикл поради неносење заштитна кацига, 20 санкции за користење мобилен телефон при возење, а меѓу другото исклучени од сообраќај биле 12 нерегистрирани возила.
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта“, порачуваат од МВР.
Деаноски: Со пукањето во Прилеп кулминираа нападите на вработените во Центрите за социјална работа

Вработените во центрите за социјална работа во Скопје, денеска (26 март) останаа во своите канцеларии иако сакале да организираат собир во знак на поддршка за нивната колешка од Прилеп која беше застрелана пред два дена. Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски попладнево изјави дека тие од вчера добивале притисоци и заплашувања да не излезат пред нивните работни места.
На прес конференцијата на која побара поголеми мерки за заштита и безбедност на вработените во овие центри, тој беше сам иако како што рече, планирано било со него да има голем број вработени.
„За среќа, нашата колешка е во добра здравствена состојба и брзо се опоравува, но за жал, од вчера вечер по наредба на Министерството за труд и социјална политика и раководителите и директорите од скопските центри за социјална работа, останав без колегите. Сите се заплашени и им се закануваат дека доколку излезат надвор и дадат поддршка на колешката барајќи било какво друго право, ќе бидат избркани од работа или прераспределени на други места“, изјави Деаноски.
Исти барања од 2023
Барањата кои синдикалците ги имаат до властите се, како што рече тој, исти од 2023 година. За настанот во Прилеп во кој социјална работничка беше погодена со куршум во раката и во стомакот, Деаноски оцени дека е само „кулминација на сите напади досега“.
„Првото барање за кое имаме разговарано и со поранешните министри е обезбедување на безбедноста на вработените. Во центрите за социјални работи работат даватели на услуги, административни службеници и помошно-технички лица. Секогаш работат со најмаргинализираните групи во нашето општество и се изложени на голем ризик, напаѓани се и вербално и физички“, рече Деаноски.
Тој додаде дека вработените во центрите за социјална работа не добиваат надоместок за дежуство, ниту бенефициран стаж. Одговарајќи на новинарско прашање, што доколку не се исполнат барањата, тој рече дека за тоа допрва ќе одлучат членовите на синдикатот.
„Што ќе биде понатаму, ќе видиме по преговорите со нив. Во овој момент излезени се надвор и колегите од Велес, Прилеп Куманово, Тетово и Гостивар. Само во скопските центри имаше најмногу притисоци да не излезат колегите кои сакаа да ѝ дадат поддршка на колешката застрелана на работно место. Поголем апсурд од тоа нема. Да имавме ние работодавачи како што треба, досега сите ќе беа во Прилеп да ја посетат колешката во болница, ќе ѝ дадеа надеж дека вакво нешто нема да се случи“, истакна Деаноски.
Непосредно пред прес конференцијата, Министерството за социјална политика, демографија и млади преку писмено соопштение го осуди насилното однесување кое ја става во ризик физичката и психичката состојба на вработените во центрите за социјална работа
Центарот за социјални работи Прилеп, ја започна постапката за физичко обезбедување на сите центри и јавни установи за социјална заштита на ниво на држава. Оваа постапка е во завршна фаза, што значи дека наскоро ќе биде објавен и јавниот оглас за јавна набавка, велат од Министерството.
Оттаму апелираат до сите институции навремено и ефикасно да се преземаат дејствијата кои се во рамки на нивните надлежности, а „во насока на обезбедување на безбедност и сигурност на работните места на сите вработени“.
Повредената социјална работничка е во стабилна состојба
Триесет и шестгодишната вработена во прилепскиот Центар за социјални работи беше застрелана во понеделникот околу 14 часот.
Директорот на Центарот, Зоран Малкоски информираше дека таа е во стабилна состојба. Според него, ваквото пукање е и напад на околу 1.200 вработени во сите 30 центри за социјални работи низ државава. Тој додаде дека по трауматскиот настан, дел од вработените исто така побарале медицинска помош.
Истиот ден, Министерството за внатрешни работи соопшти дека полицијата во Прилеп во врска со настанот лишила од слобода педесетгодишен прилепчанец со иницијали А.Ј. во чија близина се пронајдени пиштол и нож. Обвинителството пак, информираше дека дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп извршил увид на лице место во простории на Центарот за социјални работи – Прилеп
Осомничениот, според првични сознанија, претходно подолг период ја демнел и загрозувал сигурноста на жртвата за што биле водени соодветни кривични постапки против него, меѓутоа избегал од институција во која издржувал мерка задолжително психијатриско лекување, наведуваат од Обвинителството.
Осомничениот имал повеќе кривични дела против социјалната работничка, загрозување на нејзината сигурност. Претходно тим од Центарот водел предмет против него за семејно насилство, истакна обвинителот Стевчо Биноски.
„Во Центарот тим водел предмет против осомничениот за семејно насилство. Но социјалната работничка имала преземено некакво процесно дејствие. Претходно тој извршил неколку кривични дела спрема социјалната работничка. Во едното дело му била определена мерката од 1,3 години во психијатриската установа Демир Хисар, а во другото дело имаше определено затворска казна, но предметот е пред апелација“, изјави Биноски.
Обвинителството бара притвор за осомничениот напаѓач
Основното јавно обвинителство Прилеп донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 50-годишниот прилепчанец, кој освен што ја застрелал социјалната работничка, во опасност го довел и животот на уште тројца вработени во Центарот за социјални работи.
Со пиштол марка „берета“ модел 950 Б со калибар 6,35 мм, кој го поседувал без дозвола, тој започнал да пука кон жртвата, која се обидела да се скрие во една канцеларија. Со два куршуми ја погодил, при што со едниот проектил ѝ нанел површна рана во пределот на главата – аркадата, а со другиот ѝ нанел прострелна влезно-излезна рана во пределот на десната страна од слабината – соопштија од Обвинителството.
Во соопштението се додава дека директорот на установата успеал да го совлада и да го задржи до пристигнување на полициските службеници, кои покрај пиштолот кај него пронашле и одзеле и еден нож.
Осомничениот, согласно евиденцијата, е претходно осудуван за кривични дела – телесна повреда, загрозување на сигурноста, демнење и други кривични дела, против него во постапка се и други пријави, а во моментот издржувал мерка на безбедност – Задолжително лекување во психијатриска болница од каде избегал.
Поради сите овие и други околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците и опасност да го повторува кривичното поведение, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, посочија од Обвинителството.
Во меѓувреме, социјални работници во Прилеп, Неготино и Тетово вчера (25 март) изразија поддршка за нивната 36-годишна колешка, која беше ранета. Побараа итни мерки за заштита - нападот врз нив да се третира како напад врз службено лице, да имаат физичко обезбедување, психосоцијална поддршка, подобри услови за работа и построги санкции за насилниците.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете