Достапни линкови

Вести

Истрага на Обвинителството за проневера во „Државна лотарија„

Јавно Обвинителство Скопје
Јавно Обвинителство Скопје

Јавното обвинителство во Скопје попладнево на 16 декември соопшти дека е покрената истрага против шест лица осомничени за проневера во АД „Државна лотарија“, како и за злоупотреба на службената положба.

Двајца од нив како одговорни лица во „Државна лотарија“, се сомничат дека нанеле штета на компанијата во висина од преку 500 милиони денари (околу 8 милиони евра), наведува Обвинителството.

Истражната постапка била резултат на предистражни активности спроведени врз основа на пријави од Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција.

Утрово, полициски тимови, по налог на Обвинителството, извршиле претреси на девет локации во Скопје и Куманово за собирање докази.

Според досегашните сознанија, наведува Обвинителството, првоосомничениот, како генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Државна лотарија“, и второосомничениот, кој раководел со седница на Владата во својство на собрание на компанијата, заеднички спровеле активности со кои обезбедиле противправна имотна корист за трето лице.

Покрај нив, четворица осомничени – претседател и членови на комисија за два одделни јавни повици – се сомничат дека свесно ги спровеле повиците без да бидат исполнети законските услови, што е спротивно на нивните службени овластувања.

Обвинителството нагласува дека истрагата е во тек и се очекува да се обезбедат дополнителни докази кои ќе ја потврдат основаноста на сомневањата.

Соопштението на Обвинителството доаѓа откако претходно денеска беше објавено дека полициски службеници изутрината на 16 декември вршеле претреси во домовите на поранешниот вицепремиер Артан Груби и екс директорот на Државна лотарија, Перпарим Бајрами.

Прес-конференција одржа и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој рече дека полицијата утринава постапила за случај за кој рече дека е се уште во рана фаза, но дека биле извршени претреси на повеќе локации.

Случајот Тошковски рече дека е против осум лица, меѓу кои поранешен премиер, поранешен вицепремиер, поранешен директор на правно лице, поранешен генерален секретар, а останатите биле државни службеници. Полицијата постапувала откако на 13.12.2024 година била поднесена кривична пријава од страна на Одделот за сузбивање на сериозен криминал и корупција до скопското Обвинителство.

„Во оваа фаза постојат сомневања дека истите сториле повеќе кривични дела коишто на крајот имаат доведено до поголема штета врз буџетот на македонските граѓани. При претресите кај еден од осомничените се пронајдени парични средства од околу 40 илијади евра, а кај друг 20 илјади евра. Две од лицата не се достапни на органите на прогонот“, рече Тошковски.

Тој додаде дека со овие активности МВР е подготвено да одговори на сите безбедносни предизвици, како и дека криминалните банди немаат место во државата, а нивните активности нема да бидат повеќе толреирани.

Според информациите на Радио Слободна Европа објавени претходно, полицијата во координација со јавен обвинител и судија на претходна постапка врши претреси на девет локации, а акцијата се oднесува за набавката на Државна лотарија на ВЛТ апарати вредни над 10 милиони евра.

На две адреси бил баран Артан Груби, на две Перпарим Бајрами, додека на пет други адреси биле барани членови на Комисијата за јавни набавки при Државната лотарија. Груби и Бајрами не биле на локациите кои ги посетила полицијата.

Вчера, Груби, кој од неодамна заврши на црната листа на САД, на Фејсбук напиша дека е во приватна посета на Косово.

Од Обвинителството и МВР најавија повеќе детали за акцијата во текот на денот.

Во меѓувреме, американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер во интервју за Слободен печат вели дека воопшто не била изненадена од неодамнешната одлука Артан Груби да биде ставен на црната листа на Соединетите Држави. Напротив, амбасадорката вели дека е многу задоволна од одлуката.

Министрите на ЕУ одобрија нови санкции против руската „флота во сенка“

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Министрите за надворешни работи на Европската унија го усвоија 15-тиот пакет санкции против Русија, коишто се насочени кон танкери кои превезуваат руска нафта. Мерките доаѓаат во рамки на обидите на ЕУ да спречи заобиколување на претходните мерки воведени за да се намали способноста на Москва да води војна против Украина.

„Овој пакет санкции е дел од нашиот одговор да ја ослабнеме руската воена машина и оние кои ја овозможуваат оваа војна, вклучително и кинеските компании“, изјави на 16 декември високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Каја Калас.

Таа додаде дека овие мерки „го покажуваат единството“ на членките на ЕУ во „континуираната поддршка за Украина“, објави редакцијата на Радио Слободна Европа на англиски јазик.

„Наш непосреден приоритет е да ја ставиме Украина во најсилна можна позиција. Ќе застанеме покрај украинскиот народ на сите фронтови: хуманитарниот, економскиот, политичкиот, дипломатскиот и воениот. Нема сомнеж дека Украина ќе победи“, додаде Калас.

Европскиот совет објави дека се согласил за значителен пакет мерки против 54 поединци и 30 ентитети „одговорни за дејствија кои го поткопуваат или загрозуваат територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина“.

Меѓу санкционираните е и воената единица одговорна за нападот на детската болница Окмадит во Киев, како и високи менаџери на водечки компании во рускиот енергетски сектор и лица одговорни за депортацијата на украинските деца и двајца „високи“ севернокорејски функционери.

Таканаречената руска „флота на танкери во сенка“ е група стари, неосигурени нафтени бродови што се користат за да се заобиколат западните санкции и да продолжат да заработуваат од продажба на нафта. Лошата состојба на овие бродови ја зголеми загриженоста за еколошки катастрофи.

„Мора да продолжат напорите за дополнително ограничување на способноста на Русија да води војна“, се вели во нацрт-изјавата за заклучоците што се подготвува за самитот на ЕУ што ќе се одржи оваа недела.

Во нацрт-изјавата, до која РСЕ имаше пристап и која може да се промени, се додава дека Европскиот совет „остро ги осудува“ Иран и Северна Кореја за помагање во одржувањето на „руската агресивна војна против Украина“.

ЕУ соопшти дека зголемувањето на воената соработка меѓу Москва и Техеран и испраќањето на севернокорејски војници на фронтот има „сериозни последици за меѓународниот мир и безбедност“ и ги повика двете земји да престанат да ѝ помагаат на Русија.

ЕУ ќе продолжи финансиски да ѝ помага на Украина за да се спротивстави на руската инвазија, со планови да исплати на Киев вкупно 18,1 милијарди евра во 2025 година, почнувајќи од јануари.

Во врска со случувањата во Сирија, ЕУ го поздрави падот на „криминалниот режим“ на Башар ал Асад и повика на „инклузивен политички процес кој би ја водел Сирија“ кон формирање влада што ќе ги штити правата на малцинствата.

Се додава дека од шефот на европската дипломатија ќе биде побарано „да подготви опции за мерки за поддршка на Сирија“.

По повод војната во Појасот Газа, ЕУ повикува на „итен прекин на огнот“ и безусловно ослободување на заложниците кои ги држи палестинската група Хамас, која ЕУ и САД ја сметаат за терористичка.

ЕУ, исто така, го повтори својот став за решението со две држави за решавање на израелско-палестинскиот конфликт и воспоставување „праведен и траен мир“.

Самитот на ЕУ ќе се одржи во Брисел на 19 декември.

Обвинителството покрена истрага за четири лица за терористичка организација

Зградата на Основното јавно обвинителство, Скопје
Зградата на Основното јавно обвинителство, Скопје

Три лица од Гостивар и едно од Струга за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело Терористичка организација од чл.394-а од Казнениот законик се приведени во акција во струшкиот и гостиварскиот регион, потврди денеска (16 декември) Основното јавно обвинителство.

„Првоосомничениот, дваесет и едногодишен гостиварец, на почетокот на оваа година, создал и активно координирал терористичка организација/ќелија, во која членуваат останатите осомничени и други НН лица од државата и од странство. Организацијата со основи на идеолошката матрица на познатата терористичка организација ИСИС имала намера на изведување на терористички акт на цивилни-меки цели и јавни објекти. Првосомничениот во почетокот на 2024 година формирал повеќе групи на социјалната мрежа Телеграм каде што искажувал целосна подготвеност и намера за извршување на терористички напад, како и поттикнување на други лица за извршување на терористички напади во Европа. Во групите споделувал претходно набавен и преработен (преведен) пропаганден материјал на ИСИС, регрутирајќи нови членови, правејќи обиди за набавка на огнено оружје, како и споделувајќи упатства за изработка на импровизирани експлозивни направи кои што потоа ќе бидат искористени за извршување на терористички напади“, се наведува во соопштението од ОЈО.

Со оглед на кривичното дело што им се става на товар, околностите, како и фактот дека се исполнети условите за определување на мерката притвор, јавниот обвинител на судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје денеска му предложи на осомничените да им биде определена мерка притвор во траење од 30 дена.

Полициската акција вчера ја потврди и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој рече дека полицијата има докази дека овие лица имале намера во иднина да организираат одредени несакани настани кои би можеле да ја загрозат безбедноста како на Македонија, така и на други држави. Нивната цел, како што рече, била да индоктринираат останати луѓе од Балканот кои би можеле да делуваат соодветно во насока на реализација на нивните цели.

Украина тврди дека севернокорејски војници биле убиени и ранети во Курск

Истражувачката единица на украинскиот сервис на РСЕ добила фотографии од украински воени извори на кои се гледаат телата на убиените во Курск, меѓу кои, наводно, има и севернокорејски војници
Истражувачката единица на украинскиот сервис на РСЕ добила фотографии од украински воени извори на кои се гледаат телата на убиените во Курск, меѓу кои, наводно, има и севернокорејски војници

Најмалку 30 севернокорејски војници кои се бореле за Русија биле убиени или ранети во западниот руски регион Курск, соопшти украинското разузнавање.

Ова е првпат Киев да даде таков детален извештај за загубите на Северна Кореја откако Пјонгјанг испрати војници да и помогнат на Москва.

Главната управа за разузнавање на украинската војска (ГУР) во соопштение на 16 декември информираше дека севернокорејските единици претрпеле „значителни загуби“ во близина на селата Мартиновка, Плехово и Ворожба.

На 15 декември, Шеми (Schemes), истражувачка единица на украинскиот сервис на РСЕ, доби фотографии од украински воени извори на кои наводно се прикажани телата на загинатите војници во Курск, вклучително и, како што се вели, на севернокорејски борци.

РСЕ не можеше независно да го потврди тврдењето. Русија не го коментираше извештајот.

Украинските трупи го започнаа упадот во областа Курск во август и сè уште контролираат некои области.

Русија почна да распоредува илјадници севернокорејски војници во регионот во октомври.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 14 декември изјави дека Москва почнала да вклучува повеќе севернокорејски трупи во обид да ги потисне украинските сили во Курск.

Проценките на дел од аналитичарите говорат дека руските жртви надминуваат 600 000, а рускиот претседател Владимир Путин сака да избегне втора масовна мобилизација.

Во меѓувреме, информиран извор од Украинската Служба за безбедност (СБУ) за украинскиот сервис на РСЕ изјави дека Киев користел беспилотни летала минатата недела со цел уништување на руско складиште за муниција во селото Маркине во областа Доњецк, окупирана од Русија.

Инаку Киев соопшти дека Русија лансирала 49 дронови од типот Шахед против Украина во раните утрински часови на 16 декември. Се додава дека 27 биле соборени, на 19 им е изгубена трагата, а три останале во украинскиот воздушен простор.

Украинската војска соопшти дека ниту едно од беспилотните летала не предизвикале штета и евентуални жртви.

Норвешка ќе обезбеди 240 милиони долари за зајакнување на украинската морнарица

Знамето на Норвешка
Знамето на Норвешка

Норвешка ќе обезбеди 2,7 милијарди круни (240 милиони долари) за зајакнување на украинската морнарица за да и помогне да ги одврати руските сили во Црното Море, соопшти денеска норвешката Влада.

„На Украина и треба поголема поддршка за да ги одврати руските поморски сили во Црното Море во претстојното време. Неопходно е да се заштити украинското население и украинската инфраструктура од нападите на руската Црноморска флота. Исто така, важно е да се заштити извозот преку море на жито и други производи, кои генерираат клучни приходи за Украина“, се наведува во соопштението на премиерот Јонас Гар Сторе.

Според Владата, 100 милиони круни претходно биле наменети за поморска обука и други мерки во 2025 година и сега таа одобрила нов пакет.

Од Владата додаваат дека поддршката ќе вклучува донации од норвешките вооружени сили, како и воена опрема набавена од индустријата за донацијата.

Путин го обвини Западот дека ја турка Русија до нејзините „црвени линии“

Рускиот претседател Владимир Путин
Рускиот претседател Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин во понеделник (16 декември) го обвини Западот дека ја турка Русија до нејзините „црвени линии“, ситуации за кои јавно кажа дека нема да ги толерира и како што рече, Москва ќе биде принудена да одговори.

Путин на состанокот со претставници на одбраната изјави дека Русија со загриженост го следи развојот на настаните во Соединетите Држави и потенцијалното распоредување на ракети со краток и среден дострел во Украина.

Тој рече дека Русија ќе ги укине своите доброволни ограничувања за распоредување на сопствени ракети доколку САД отиде понапред и распореди такви проектили.

Рускиот претседател вели дека руските сили во Украина презеле контрола врз 189 населени места досега оваа година и додаде дека руското нуклеарно оружје е таму за одвраќање на нападите.

Во меѓувреме, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека Украина продолжува да ги одбива преговорите со Русија, додека Москва и натаму е подготвена да ги продолжи преговорите врз основа на договорот од Истанбул од 2022 година.

Тој потсети на предлогот на Унгарија за размена на затвореници и Божиќното примирје во Украина, што беше поддржано од Москва, но не и од Киев. Посочи дека рускиот претседател Путин разговарал со унгарскиот премиер Виктор Орбан и дека Путин ги поддржувал мировните напори на Унгарија, додека украинската страна одбила.

Онкологија ги доби биолошките лекови што недостигаа

Универзитетска клиника за онкологија
Универзитетска клиника за онкологија

Двата биолошки лека кои недостигаа на Клиниката за онкологија од денеска (16 декември) ги има за пациентите, изјави министерот за здравство Арбен Таравари.

„Среќен сум да известам дека сите пациенти за кои недостигаше, од денеска ги имаат и овие два биолошки лека“, изјави Таравари на настан на кој беше најавен проект за унапредување на образованието за медицински сестри и акушерство.

Соопшти дека постојано е во комуникација со директорот на Онкологија и дека доцнењето се должело на тендерските процедури.

„Процедурите за набавка на одредени лекови траат и ако објавите пред три месеци тендер за тие лекови, мора да причекате и време на жалба и одредени процедури. Бидејќи се работи за меѓународни тендери потребно е време. Има прекин од само неколку дена, меѓутоа јас сум за тоа и тогаш да се алармира“, рече министерот за здравство.

Во ревизорскиот извештај на Клиниката за онкологија за 2023 година беше истакнато дека биолошка терапија нема за сите пациенти, туку само за 24 отсто од нив.

„Од добиените податоци пациенти кои терапијата ја примаат во дневна болница чиј број во 2023 година изнесува 54423, утврдивме дека само 24% се приклучени на биолошка терапија“, пишува во ревизорскиот извештај.

Минатата година новинарските истражувања открија дека на Клиниката за онкологија се крадела биолошката скапа терапија за болни од карцином, а отворија и сомнежи дека пациентите добивале физиолошки раствор, и терапијата завршувала на црниот пазар.

ЕУ засега нема да санкционира Грузијци поради насилно задушување на протестите

Каја Калас, еврокомесарка за надворешна политика
Каја Калас, еврокомесарка за надворешна политика

Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас денеска (16 декември) рече дека Брисел поднел листа на Грузијци за санкционирање поради задушувањето на прозападните протести, но Унгарија ги блокира мерките.

„Ние го предложивме списокот за санкции за овие луѓе кои користат навистина сила и насилство врз опозицијата, рече Калас пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.

Сепак таа додаде дека сите треба да се согласат со списокот, и дека се уште се далеку од консензус за ова прашање.

Грузиски новинари претепани од маскирани лица на тековните протести
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:26 0:00

Грузиските власти насилно ги задушија про-ЕУ демонстрантите кои излегоа на улиците во последните недели во знак на протест против одлуката на владата да се откаже од напорите за приклучување кон блокот.

Брисел вели дека има „сериозна загриженост“ за тортура и повика на итно ослободување на затворениците откако повеќе од 400 лица беа уапсени.

Официјални претставници на ЕУ рекоа дека Унијата исто така ја разгледува можноста за воведување ограничувања за имателите на грузиски дипломатски пасоши.

Амнести Интернешнал: Српските власти користат технологија за хакирање на новинари и активисти

Безбедносно-информативна агенција на Србија (БИА), во Белград, 17 октомври 2018
Безбедносно-информативна агенција на Србија (БИА), во Белград, 17 октомври 2018

Српските власти инсталирале шпионски софтвер на телефоните на десетици новинари и активисти, се наведува во извештајот на Амнести интернешнал објавен на 16 декември, повикувајќи се на дигитални форензички докази и сведоштва на активисти кои рекле дека биле хакирани во последните месеци.

„Во два случаи, софтверот обезбеден од израелската фирма за надзор Cellebrite DI Ltd бил користен за отклучување на телефонот. Српската шпионска програма, наречена „NoviSpy“, потоа направи тајни фотографии од мобилни уреди, копираше контакти и ги постави на сервер контролиран од владата“, се вели во извештајот.

„Во неколку случаи, активисти и новинари пријавиле знаци на сомнителна активност на нивните мобилни телефони набргу по разговорот со српската полиција и безбедносните власти“, се додава во соопштението на Амнести.

Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи и агенцијата за разузнавање, БИА, не одговорија на барањата на Амнести за коментар.

Производите на Cellebrite широко се користат од страна на агенциите за спроведување на законот, вклучително и ФБИ, за отклучување на паметни телефони и пребарување докази за нив.

Главниот маркетинг директор на Cellebrite, Дејвид Ги, изјави дека ги истражува наводите на Амнести.

„Ако тие тврдења се вистинити, тоа потенцијално може да биде прекршување на нашиот договор за лиценца за крајниот корисник“, изјави Ги за Ројтерс.

Ако тоа е случај, Cellebrite може да ги спречи српските власти да ја користат нејзината технологија, вели Ги.

Ставањето софтвер за надзор на уредите „апсолутно не е она што го правиме“, вели Ги.

Тој додаде дека Cellebrite почнала да контактира со српските официјални лица, но одби да даде дополнителни детали.

Според Амнести, Србија добила опрема за отклучување телефон од Cellebrite како дел од поширок пакет за да и помогне на Србија да ги исполни барањата за интеграција во Европската Унија.

„Овој пакет, финансиран од Владата на Норвешка и администриран од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС), му беше понуден на српското Министерство за внатрешни работи од 2017 до 2021 година за да и помогне на Србија во борбата против организираниот криминал“, се вели во извештајот.

Норвешката влада привремено ја суспендираше испораката на опремата на Cellebrite во Србија во 2018 година, објави Амнести. Норвешката амбасада во Белград, исто така, изрази загриженост за програмата, се додава во извештајот, но УНОПС на крајот ја предаде опремата во јуни 2019 година.

„Тврдењата изнесени во извештајот се алармантни и, доколку се вистинити, тие се неприфатливи“, изјави за Ројтерс заменик-министерката за надворешни работи на Норвешка, Марија Вартересијан.

„Ќе се сретнеме со српските власти, како и со УНОПС подоцна овој месец за да добиеме дополнителни информации за ова прашање. Очекуваме УНОПС да ги истражи наводите“, додаде таа.

УНОПС во соопштението рече дека го поздравува извештајот на Амнести и наведува дека од 2017 година, агенцијата „дополнително ги зајакнала механизмите за проценка и ублажување на потенцијалните негативни ефекти“. Агенцијата не соопштува детали за овие мерки.

Премиерот на Киргистан, Јапаров поднесе оставка

Киргистанскиот премиер Акилбек Јапаров
Киргистанскиот премиер Акилбек Јапаров

Киргистанскиот премиер Акилбек Јапаров поднесе оставка на 16 декември без да даде какво било образложение.

Од кабинетот на киргистанскиот претседател потврдија дека Акилбек Јапаров поднел оставка и ќе биде преместен на друга функција.

Претседателот го назначи Адилбек Касималиев (64) за шеф на кабинетот на министри и вршител на должноста премиер.

Акилбек Јапаров беше под зголемен притисок да поднесе оставка по неодамнешното апсење на високи даночни службеници под обвинение за корупција.

Акилбек Јапаров (60) ја води владата од 2021 година, станувајќи премиер со најдолг стаж во Киргистан.

Централноазиската нација доживеа значителна политичка и социјална нестабилност од стекнувањето независност од Советскиот Сојуз во 1991 година.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG