Вести
ЕУ засега нема да санкционира Грузијци поради насилно задушување на протестите
Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас денеска (16 декември) рече дека Брисел поднел листа на Грузијци за санкционирање поради задушувањето на прозападните протести, но Унгарија ги блокира мерките.
„Ние го предложивме списокот за санкции за овие луѓе кои користат навистина сила и насилство врз опозицијата, рече Калас пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.
Сепак таа додаде дека сите треба да се согласат со списокот, и дека се уште се далеку од консензус за ова прашање.
Грузиските власти насилно ги задушија про-ЕУ демонстрантите кои излегоа на улиците во последните недели во знак на протест против одлуката на владата да се откаже од напорите за приклучување кон блокот.
Брисел вели дека има „сериозна загриженост“ за тортура и повика на итно ослободување на затворениците откако повеќе од 400 лица беа уапсени.
Официјални претставници на ЕУ рекоа дека Унијата исто така ја разгледува можноста за воведување ограничувања за имателите на грузиски дипломатски пасоши.
види ги сите денешни вести
Меџити со нова програма за почист воздух: вложувања во енергетика и транспорт
Министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити денеска ја претстави новата Планска програма за почист воздух 2024-2030.
Тој рече дека целта на програмата е долгорочно и среднорочно решавање на проблемот со загадувањето на воздухот во Северна Македонија.
Програмата, рече тој, вклучува активности за намалување на емисијата на штетни честички од различни извори: домашни ложишта, јавни објекти, транспорт, индустриски процеси, земјоделство и шумарство. Посебно внимание е посветено на проектите за енергетска ефикасност, зголемување на зеленилото и намалување на емисиите од транспортот.
„Не сакаме да ветуваме решенија што не можеме да ги исполниме во краток рок. Затоа, оваа програма е фокусирана на долгорочна промена,“ изјави Меџити.
Повеќе градови во Северна Македонија честопати се наоѓаат на листите најзагадени во светот: Скопје, Струмица, Тетово, Битола и други се загадени со концентрации ризични за здравјето на граѓаните.
Секоја година од 3.828 до 5000 луѓе во државава ги губат своите животи како директна последица на изложеноста на штетните честички PM2.5., како што рекоа демонстрантите на протестот на 10 декември пред Владата и пред Министерството за животна средина и просторно планирање во Скопје.
Меџити денеска рече дека главни проекти во програмата се во
енергетика, каде се вклучени мерки за замалување на емисиите од домашни ложишта, инсталација на високо ефикасни котли и топлински пумпи, развивање на системи за греење без емисии.
Потоа во проектите за транспорт се вклучени набавка на 120 електрични автобуси, воведување на мерка „кар шеринг“ за намалување на бројот на возила на улиците, проект „Такси без директни емисии“...
Во шумарството и земјоделство: Зголемување на зеленилото и спречување на шумските пожари, кампањи против палење стрништа и недозволени горива.
Во локална самоуправа, меѓу другото се наведени контрола на емисиите од домаќинствата, формирање на комунална редарска служба – комунална полиција.
Меџити најави дека проектите ќе започнат да се реализираат постепено, со цел граѓаните да почувствуваат промени уште во првите години од програмата.
„Граѓаните нема да чекаат шест години за почист воздух. Веќе се спроведуваат краткорочни мерки, како засилени инспекциски контроли. Секој ден работиме по малку за да го решиме проблемот,“ додаде тој.
Министерот ја истакна важноста на заедничката координација помеѓу институциите, Владата и граѓаните за успешно спроведување на програмата.
„Ова е заедничка борба за подобар квалитет на живот за сите,“ порача Меџити.
Унгарија и Словачка ги блокираа санкциите на ЕУ кон грузиските лидери
Унгарија и Словачка кои се предводени од популистички, проруски лидери, на 16 декември го блокираа пакетот санкции на Европската унија против највисоките грузиски функционери поради насилното задушување на прозападните протести во последните недели.
Министрите за надворешни работи на членките на ЕУ, пред самитот во Брисел на 19 декември започнаа план за суспендирање на визната либерализација за лицата со дипломатски пасоши на Грузија.
Очекуваните потези на Унгарија и Словачка спречија спроведување на низа мерки против грузиските функционери кои вклучуваа забрана за издавање визи и замрзнување на нивните средства, за што беше потребна едногласна поддршка од 27-члената Унија.
Сепак, за суспензија на процедурите за визна либерализација за имателите на грузиски дипломатски пасоши, потребно е само мнозинство гласови, што значи 55 отсто од членките кои сочинуваат 65 отсто од вкупното население на ЕУ.
Европската комисија започна со планирање на суспензијата и на самитот оваа недела може да биде испратен предлог до членките на ЕУ.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан и словачкиот премиер Роберт Фицо ги попречија лидерите на ЕУ кои се обидуваат да ја казнат Грузија за нејзиното насилно задушување на протестите.
Двајцата се против санкциите кон Кремљ поради војната против Украина и изразија поддршка за владата предводена од Грузискиот сон во Тбилиси.
ЕУ досега не ги санкционираше грузиските политичари, но претходно оваа година замрзна повеќе од 100 милиони евра од фондовите на ЕУ кои одеа за Грузија и ги прекина пристапните преговори со Тбилиси.
Претходно во понеделникот, шефицата за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Каја Калас, рече дека ЕУ подготвила список на грузиски лидери за санкции по насилното задушување на протестите поради одлуката на владејачката партија Грузиски сон да ги одложи пристапните преговори со ЕУ.
„Предложивме листа на санкции за овие луѓе кои навистина користат сила и насилство против опозицијата“, рече Калас пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.
Таа потоа додаде дека сите треба да се „согласат со списокот“, но дека тоа не е случај.
„Сите случувања што во моментов ги гледаме во Грузија не одат во насока каде што треба да бидат земјите кандидати“, рече Калас.
Западните лидери се загрижени поради, како што велат, сè понасилните мерки против демонстрантите и растечките проруските тенденции во владата предводена од Грузискиот сон.
САД овој месец воведоа визни ограничувања за грузиските официјални лица поради „поткопување на демократијата“ за време на протестите.
Американскиот Стејт департмент на 12 декември објави дека „ќе го забрани издавањето визи за одговорните или соучесниците во уривањето на демократијата во Грузија“.
Демонстрантите, исто така, повикаа на нови избори по наводите за местење на гласовите за време на парламентарните избори во октомври, чии резултати опозицијата одби да ги признае, тврдејќи дека Грузискиот сон го наместил гласањето.
Грузискиот сон е партија која е основана од милијардерот и поранешен премиер Бидзина Иванишвили, кој е пријател на Русија. За партијата критичарите велат дека станува се поавторитарна, а на власт е од 2012 година.
Проевропската претседателка Саломе Зурабишвили, која застана на страната на демонстрантите, рече дека изборите биле наместени со помош на Русија.
Шолц загуби на гласањето за доверба во парламентот, можни избори во февруари
Германскиот канцелар Олаф Шолц на 16 декември го загуби гласањето за доверба во Бундестагот, со што се можни предвремени избори на крајот на февруари во најнаселената земја-членка на Европската унија со најголема економија.
Шолц доби поддршка од 207 пратеници во Долниот дом од вкупно 733 места, додека 394 гласаа против, а 116 беа воздржани. Со тоа Шолц беше далеку од мнозинството од 367 пратеници потребни за победа.
Шолц ја предводи малцинската влада откако неговата непопуларна трипартиска коалиција се распадна на 6 ноември, кога го отпушти министерот за финансии во спор околу тоа како да се ревитализира економијата на Германија која е во стагнација.
Лидерите на неколку големи партии тогаш се договорија парламентарните избори да се одржат на 23 февруари, седум месеци порано од планираното.
Гласањето за доверба беше неопходно бидејќи германскиот устав по Втората светска војна не дозволува Бундестагот да се самораспушти. Сега претседателот Франк-Валтер Штајнмаер мора да одлучи дали да го распушти парламентот и да распише избори.
Тој има рок од 21 ден да ја донесе таа одлука, а поради планираниот датум за избори се очекува тоа да го направи по Божиќ.
По распуштањето на парламентот, изборите мора да се одржат во рок од 60 дена.
Асад негира дека „планирал“ да ја напушти Сирија
Соборениот сириски лидер Башар ал Асад на 16 декември во својата прва изјава откако бунтовниците ја презедоа власта во земјата, рече дека побегнал од Сирија дури откако Дамаск паднал во рацете на, како што ги нарече, „терористите“.
Бунтовничката алијанса предводена од исламистичката група Хајат Тахрир ал Шам (ХТС) започна молскавична офанзива на 27 ноември од своето упориште во северозападна Сирија, брзо заземајќи ги големите градови кпои беа под контрола на владата и заземајќи го главниот град на 8 декември.
„Моето заминување од Сирија не беше ниту планирано, ниту се случи во последните часови од битките, како што некои тврдат, се вели во соопштението на Асад на каналот Телеграм, кому Русија му даде засолниште и политички азил.
Асад рече дека останал во Дамаск и ги извршувал должностите до раните утрински часови во неделата на 8 декември.
„Додека терористичките сили се инфилтрираа во Дамаск, јас се преселив во Латакија во координација со нашите руски сојузници за да ги надгледувам борбените операции“, се вели во соопштението во кое се додава дека тој пристигнал во базата Хмејмим тоа утро.
„Како што ситуацијата на теренот се влошуваше, самата руска воена база беше изложена на зголемен напад од беспилотни летала“, се вели во соопштението во кое се додава дека „Москва побарала командата на базата да организира итна евакуација во Русија вечерта (декември 8).“
Петмина поранешни функционери претходно за АФП изјавија дека неколку часа пред бунтовничките сили да го заземат Дамаск и да ја соборат владата на Асад, поранешниот претседател веќе бил надвор од земјата.
Официјални лица рекоа дека Асад побарал близок советник претходната вечер да подготви говор, кој соборениот лидер никогаш не го одржа, пред да полета од аеродромот во Дамаск до руската воздухопловна база Хмеимим и надвор од земјата.
„Кога една земја ќе падне во рацете на терористите и ќе ја изгуби способноста да даде значаен придонес, секоја позиција ја губи својата цел“, се додава во соопштението на Асад.
Иако Асад долго време ги нарекува терористи сите кои се против неговото владеење, ХТС се смета за терористичка организација од Соединетите Американски Држави и другите западни земји.
ХТС има свои корени во поранешниот огранок на Ал Каеда во Сирија, но ги прекина врските со џихадистичката група во 2016 година и се обиде да го ублажи нејзиниот имиџ.
Во последните денови и САД и Велика Британија воспоставија контакт со ХТС.
Истрага на Обвинителството за проневера во „Државна лотарија„
Јавното обвинителство во Скопје попладнево на 16 декември соопшти дека е покрената истрага против шест лица осомничени за проневера во АД „Државна лотарија“, како и за злоупотреба на службената положба.
Двајца од нив како одговорни лица во „Државна лотарија“, се сомничат дека нанеле штета на компанијата во висина од преку 500 милиони денари (околу 8 милиони евра), наведува Обвинителството.
Истражната постапка била резултат на предистражни активности спроведени врз основа на пријави од Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција.
Утрово, полициски тимови, по налог на Обвинителството, извршиле претреси на девет локации во Скопје и Куманово за собирање докази.
Според досегашните сознанија, наведува Обвинителството, првоосомничениот, како генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Државна лотарија“, и второосомничениот, кој раководел со седница на Владата во својство на собрание на компанијата, заеднички спровеле активности со кои обезбедиле противправна имотна корист за трето лице.
Покрај нив, четворица осомничени – претседател и членови на комисија за два одделни јавни повици – се сомничат дека свесно ги спровеле повиците без да бидат исполнети законските услови, што е спротивно на нивните службени овластувања.
Обвинителството нагласува дека истрагата е во тек и се очекува да се обезбедат дополнителни докази кои ќе ја потврдат основаноста на сомневањата.
Соопштението на Обвинителството доаѓа откако претходно денеска беше објавено дека полициски службеници изутрината на 16 декември вршеле претреси во домовите на поранешниот вицепремиер Артан Груби и екс директорот на Државна лотарија, Перпарим Бајрами.
Прес-конференција одржа и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој рече дека полицијата утринава постапила за случај за кој рече дека е се уште во рана фаза, но дека биле извршени претреси на повеќе локации.
Случајот Тошковски рече дека е против осум лица, меѓу кои поранешен премиер, поранешен вицепремиер, поранешен директор на правно лице, поранешен генерален секретар, а останатите биле државни службеници. Полицијата постапувала откако на 13.12.2024 година била поднесена кривична пријава од страна на Одделот за сузбивање на сериозен криминал и корупција до скопското Обвинителство.
„Во оваа фаза постојат сомневања дека истите сториле повеќе кривични дела коишто на крајот имаат доведено до поголема штета врз буџетот на македонските граѓани. При претресите кај еден од осомничените се пронајдени парични средства од околу 40 илијади евра, а кај друг 20 илјади евра. Две од лицата не се достапни на органите на прогонот“, рече Тошковски.
Тој додаде дека со овие активности МВР е подготвено да одговори на сите безбедносни предизвици, како и дека криминалните банди немаат место во државата, а нивните активности нема да бидат повеќе толреирани.
Според информациите на Радио Слободна Европа објавени претходно, полицијата во координација со јавен обвинител и судија на претходна постапка врши претреси на девет локации, а акцијата се oднесува за набавката на Државна лотарија на ВЛТ апарати вредни над 10 милиони евра.
На две адреси бил баран Артан Груби, на две Перпарим Бајрами, додека на пет други адреси биле барани членови на Комисијата за јавни набавки при Државната лотарија. Груби и Бајрами не биле на локациите кои ги посетила полицијата.
Вчера, Груби, кој од неодамна заврши на црната листа на САД, на Фејсбук напиша дека е во приватна посета на Косово.
Од Обвинителството и МВР најавија повеќе детали за акцијата во текот на денот.
Во меѓувреме, американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер во интервју за Слободен печат вели дека воопшто не била изненадена од неодамнешната одлука Артан Груби да биде ставен на црната листа на Соединетите Држави. Напротив, амбасадорката вели дека е многу задоволна од одлуката.
Министрите на ЕУ одобрија нови санкции против руската „флота во сенка“
Министрите за надворешни работи на Европската унија го усвоија 15-тиот пакет санкции против Русија, коишто се насочени кон танкери кои превезуваат руска нафта. Мерките доаѓаат во рамки на обидите на ЕУ да спречи заобиколување на претходните мерки воведени за да се намали способноста на Москва да води војна против Украина.
„Овој пакет санкции е дел од нашиот одговор да ја ослабнеме руската воена машина и оние кои ја овозможуваат оваа војна, вклучително и кинеските компании“, изјави на 16 декември високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Каја Калас.
Таа додаде дека овие мерки „го покажуваат единството“ на членките на ЕУ во „континуираната поддршка за Украина“, објави редакцијата на Радио Слободна Европа на англиски јазик.
„Наш непосреден приоритет е да ја ставиме Украина во најсилна можна позиција. Ќе застанеме покрај украинскиот народ на сите фронтови: хуманитарниот, економскиот, политичкиот, дипломатскиот и воениот. Нема сомнеж дека Украина ќе победи“, додаде Калас.
Европскиот совет објави дека се согласил за значителен пакет мерки против 54 поединци и 30 ентитети „одговорни за дејствија кои го поткопуваат или загрозуваат територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина“.
Меѓу санкционираните е и воената единица одговорна за нападот на детската болница Окмадит во Киев, како и високи менаџери на водечки компании во рускиот енергетски сектор и лица одговорни за депортацијата на украинските деца и двајца „високи“ севернокорејски функционери.
Таканаречената руска „флота на танкери во сенка“ е група стари, неосигурени нафтени бродови што се користат за да се заобиколат западните санкции и да продолжат да заработуваат од продажба на нафта. Лошата состојба на овие бродови ја зголеми загриженоста за еколошки катастрофи.
„Мора да продолжат напорите за дополнително ограничување на способноста на Русија да води војна“, се вели во нацрт-изјавата за заклучоците што се подготвува за самитот на ЕУ што ќе се одржи оваа недела.
Во нацрт-изјавата, до која РСЕ имаше пристап и која може да се промени, се додава дека Европскиот совет „остро ги осудува“ Иран и Северна Кореја за помагање во одржувањето на „руската агресивна војна против Украина“.
ЕУ соопшти дека зголемувањето на воената соработка меѓу Москва и Техеран и испраќањето на севернокорејски војници на фронтот има „сериозни последици за меѓународниот мир и безбедност“ и ги повика двете земји да престанат да ѝ помагаат на Русија.
ЕУ ќе продолжи финансиски да ѝ помага на Украина за да се спротивстави на руската инвазија, со планови да исплати на Киев вкупно 18,1 милијарди евра во 2025 година, почнувајќи од јануари.
Во врска со случувањата во Сирија, ЕУ го поздрави падот на „криминалниот режим“ на Башар ал Асад и повика на „инклузивен политички процес кој би ја водел Сирија“ кон формирање влада што ќе ги штити правата на малцинствата.
Се додава дека од шефот на европската дипломатија ќе биде побарано „да подготви опции за мерки за поддршка на Сирија“.
По повод војната во Појасот Газа, ЕУ повикува на „итен прекин на огнот“ и безусловно ослободување на заложниците кои ги држи палестинската група Хамас, која ЕУ и САД ја сметаат за терористичка.
ЕУ, исто така, го повтори својот став за решението со две држави за решавање на израелско-палестинскиот конфликт и воспоставување „праведен и траен мир“.
Самитот на ЕУ ќе се одржи во Брисел на 19 декември.
Обвинителството покрена истрага за четири лица за терористичка организација
Три лица од Гостивар и едно од Струга за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело Терористичка организација од чл.394-а од Казнениот законик се приведени во акција во струшкиот и гостиварскиот регион, потврди денеска (16 декември) Основното јавно обвинителство.
„Првоосомничениот, дваесет и едногодишен гостиварец, на почетокот на оваа година, создал и активно координирал терористичка организација/ќелија, во која членуваат останатите осомничени и други НН лица од државата и од странство. Организацијата со основи на идеолошката матрица на познатата терористичка организација ИСИС имала намера на изведување на терористички акт на цивилни-меки цели и јавни објекти. Првосомничениот во почетокот на 2024 година формирал повеќе групи на социјалната мрежа Телеграм каде што искажувал целосна подготвеност и намера за извршување на терористички напад, како и поттикнување на други лица за извршување на терористички напади во Европа. Во групите споделувал претходно набавен и преработен (преведен) пропаганден материјал на ИСИС, регрутирајќи нови членови, правејќи обиди за набавка на огнено оружје, како и споделувајќи упатства за изработка на импровизирани експлозивни направи кои што потоа ќе бидат искористени за извршување на терористички напади“, се наведува во соопштението од ОЈО.
Со оглед на кривичното дело што им се става на товар, околностите, како и фактот дека се исполнети условите за определување на мерката притвор, јавниот обвинител на судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје денеска му предложи на осомничените да им биде определена мерка притвор во траење од 30 дена.
Полициската акција вчера ја потврди и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој рече дека полицијата има докази дека овие лица имале намера во иднина да организираат одредени несакани настани кои би можеле да ја загрозат безбедноста како на Македонија, така и на други држави. Нивната цел, како што рече, била да индоктринираат останати луѓе од Балканот кои би можеле да делуваат соодветно во насока на реализација на нивните цели.
Украина тврди дека севернокорејски војници биле убиени и ранети во Курск
Најмалку 30 севернокорејски војници кои се бореле за Русија биле убиени или ранети во западниот руски регион Курск, соопшти украинското разузнавање.
Ова е првпат Киев да даде таков детален извештај за загубите на Северна Кореја откако Пјонгјанг испрати војници да и помогнат на Москва.
Главната управа за разузнавање на украинската војска (ГУР) во соопштение на 16 декември информираше дека севернокорејските единици претрпеле „значителни загуби“ во близина на селата Мартиновка, Плехово и Ворожба.
На 15 декември, Шеми (Schemes), истражувачка единица на украинскиот сервис на РСЕ, доби фотографии од украински воени извори на кои наводно се прикажани телата на загинатите војници во Курск, вклучително и, како што се вели, на севернокорејски борци.
РСЕ не можеше независно да го потврди тврдењето. Русија не го коментираше извештајот.
Украинските трупи го започнаа упадот во областа Курск во август и сè уште контролираат некои области.
Русија почна да распоредува илјадници севернокорејски војници во регионот во октомври.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 14 декември изјави дека Москва почнала да вклучува повеќе севернокорејски трупи во обид да ги потисне украинските сили во Курск.
Проценките на дел од аналитичарите говорат дека руските жртви надминуваат 600 000, а рускиот претседател Владимир Путин сака да избегне втора масовна мобилизација.
Во меѓувреме, информиран извор од Украинската Служба за безбедност (СБУ) за украинскиот сервис на РСЕ изјави дека Киев користел беспилотни летала минатата недела со цел уништување на руско складиште за муниција во селото Маркине во областа Доњецк, окупирана од Русија.
Инаку Киев соопшти дека Русија лансирала 49 дронови од типот Шахед против Украина во раните утрински часови на 16 декември. Се додава дека 27 биле соборени, на 19 им е изгубена трагата, а три останале во украинскиот воздушен простор.
Украинската војска соопшти дека ниту едно од беспилотните летала не предизвикале штета и евентуални жртви.
Норвешка ќе обезбеди 240 милиони долари за зајакнување на украинската морнарица
Норвешка ќе обезбеди 2,7 милијарди круни (240 милиони долари) за зајакнување на украинската морнарица за да и помогне да ги одврати руските сили во Црното Море, соопшти денеска норвешката Влада.
„На Украина и треба поголема поддршка за да ги одврати руските поморски сили во Црното Море во претстојното време. Неопходно е да се заштити украинското население и украинската инфраструктура од нападите на руската Црноморска флота. Исто така, важно е да се заштити извозот преку море на жито и други производи, кои генерираат клучни приходи за Украина“, се наведува во соопштението на премиерот Јонас Гар Сторе.
Според Владата, 100 милиони круни претходно биле наменети за поморска обука и други мерки во 2025 година и сега таа одобрила нов пакет.
Од Владата додаваат дека поддршката ќе вклучува донации од норвешките вооружени сили, како и воена опрема набавена од индустријата за донацијата.
Путин го обвини Западот дека ја турка Русија до нејзините „црвени линии“
Рускиот претседател Владимир Путин во понеделник (16 декември) го обвини Западот дека ја турка Русија до нејзините „црвени линии“, ситуации за кои јавно кажа дека нема да ги толерира и како што рече, Москва ќе биде принудена да одговори.
Путин на состанокот со претставници на одбраната изјави дека Русија со загриженост го следи развојот на настаните во Соединетите Држави и потенцијалното распоредување на ракети со краток и среден дострел во Украина.
Тој рече дека Русија ќе ги укине своите доброволни ограничувања за распоредување на сопствени ракети доколку САД отиде понапред и распореди такви проектили.
Рускиот претседател вели дека руските сили во Украина презеле контрола врз 189 населени места досега оваа година и додаде дека руското нуклеарно оружје е таму за одвраќање на нападите.
Во меѓувреме, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека Украина продолжува да ги одбива преговорите со Русија, додека Москва и натаму е подготвена да ги продолжи преговорите врз основа на договорот од Истанбул од 2022 година.
Тој потсети на предлогот на Унгарија за размена на затвореници и Божиќното примирје во Украина, што беше поддржано од Москва, но не и од Киев. Посочи дека рускиот претседател Путин разговарал со унгарскиот премиер Виктор Орбан и дека Путин ги поддржувал мировните напори на Унгарија, додека украинската страна одбила.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете