Достапни линкови

Поранешен севернокорејски војник вели дека трупите „не се подготвени“ за борба против Украина


Војниците на Народната армија тренираат во Северна Кореја
Војниците на Народната армија тренираат во Северна Кореја

Војниците на севернокорејската елитна единица-специјалци, можеби се гордост на Народната армија на оваа комунистичка земја, но поранешен соборец предупредува дека тие ќе бидат „топовско месо против закоравените украински војници.

Хјунсеунг Ли помина 3 и пол години со артилериски и извидувачки баталјон во раните 2000-ти. Неговото време во армијата вклучуваше обука за шест месеци заедно со специјалците од оваа единица чии членови се верува дека биле распоредени во Русија.

Поради информациите дека севернокорејските трупи веќе се нашле под украински оган во руската југозападна област Курск, 48-годишниот Ли предупредува дека дури ни војниците на оваа специјална единица не се подготвени за таква битка.

„Тие воопшто не се подготвени“, изјави Ли за Радио Слободна Европа од Соединетите Држави, каде што престојува откако пребега од Северна Кореја пред една деценија.

Севернокорејските мажи треба да се приклучат на армијата на 17-годишна возраст, рече Ли, и обично служат 10 години.

„Тие никогаш не се вклучиле во голем конфликт. Тие немаат вистинско борбено искуство“, уверува Ли за војниците испратени во Русија.

Киев соопшти дека 11 000 севернокорејски војници веќе пристигнале во регионот Курск, кој е делумно окупиран од украински војници кои извршија ненадеен прекуграничен упад на руска територија во август.

Украинското воено разузнавање извести дека Русија ги опремила севернокорејските војници распоредени во близина на украинската граница со стандардно пешадиско оружје, вклучувајќи јуришни пушки и противтенковски проектили и фрлачи на гранати.

Пјонгјанг усвои многу од руските системи за оружје, рече Ли, нудејќи им одредено ниво на блискост на севернокорејските војници.

Но, војниците испратени во Русија, исто така, добиле понапредна технологија, според украинските разузнавачки служби, вклучувајќи уреди за ноќно гледање и термичка слика, како и осветлени нишани. А сеопфатната инвазија на Русија на Украина, започната во февруари 2022 година, беше смртоносен полигон за тестирање на модерното вооружување, вклучувајќи борбени дронови и наведувани бомби и проектили.

Сето тоа може да претставува проблем за севернокорејските војници, кои „навистина не се тренирани за користење на таа опрема“, раскажува Ли и додава:

„Нивната обука по пристигнувањето во Русија веројатно е „основна“ и за толку кратка временска рамка тие „не можат да ги совладаат беспилотните летала и високотехнолошката опрема. А тоа, ќе ги остави севернокорејските трупи „ранливи“ и да бидат „лесно поразени или убиени“, вели Ли.

Поранешните украински функционери сугерираат дека може да претрпат ниво на жртви до 90 проценти.

„Би рекол дека тоа би можело да биде точна проценка. Тие не се добро обучени и тоа е многу непозната средина за нив. Тие никогаш не биле на туѓо тло, а украинската војска ќе користи проектили и беспилотни летала“ против нив“, вели Ли.

Хјунсеунг Ли
Хјунсеунг Ли

Ли, кој е ко-основач на Севернокорејското собрание на млади лидери со седиште во Вашингтон за да го поттикне развојот на нови лидери меѓу севернокорејските дезертери, се огласи на социјалните мрежи и на севернокорејските војници им порача „дека нема причина да ги жртвувате своите животи на странско бојно поле“.

Ли за РСЕ вели дека Северна Кореја последен пат испратила војници да се борат во странство во Виетнамската војна, која заврши со повлекување на американските сили пред речиси 50 години.

Оттогаш, вели тој, Северна Кореја испраќа офицери во африканските земји како обучувачи и советници.

Но, Ли додава дека бројот на војници и офицери кои стекнале такво искуство во странство е многу мал и дека севернокорејските трупи распоредени во Русија ќе бидат во „сосема нова ситуација“.

Ли рече дека сите воени движења се строго доверливи во Северна Кореја, така што на војниците веројатно не им било кажано дека се испраќаат во Русија. Но, штом ќе пристигнат, рече тој, ќе „сфатат дека тие ќе бидат на линијата на фронтот“.

Откако ќе стигнат таму, рече Ли, тие ќе можат да се осврнат на нивното минимално образование на странски јазици, вклучувајќи руски и англиски јазик.

Многу основно, на пример: застани!, или не пукај, или опкружен си!“, рече Ли за основните фрази на бојното поле што ги учат севернокорејските војници.

Во видео порака на социјалните мрежи, Ли ги потсети севернокорејските војници дека нема да се борат за својата татковина, па дури ни за нивните семејства. И практично нема да има финансиски поттик за борба.

Додека јужнокорејското разузнавање наводно соопштило дека Русија ќе им плаќа на севернокорејските војници по 2000 долари месечно, експерти и поранешни војници како Ли велат дека парите ќе одат за севернокорејската држава.

„Нема да бидат обештетени. Нивните родители и семејството нема да бидат обештетени“, рече Ли, додавајќи дека се очекува војниците да ги следат наредбите на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун без прашање.

Земајќи ги предвид сите работи, Ли верува дека има „голема веројатност“ севернокорејските војници да пребегаат, нешто што Киев ги охрабрува да го направат преку понудите за храна и сместување на корејски јазик.

„Да бев на бојното поле, која би била најубедливата порака? Од лица како мене, кој бев во иста ситуација, кој носеше иста униформа. Можам да им кажам, на нивниот јазик: вие сте измамени од режимот и за војната не вреди да се борите“, категоричен е поранешниот војник од Северна Кореја.

XS
SM
MD
LG