Достапни линкови

Вести

Русија го одобри Договорот за воена помош со Северна Кореја

Прирачник од Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја, објавен на 18 октомври 2024, покажува сателитска снимка на рускиот воен објект, за каде НИС соопшти дека се собираат севернокорејски војници.
Прирачник од Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја, објавен на 18 октомври 2024, покажува сателитска снимка на рускиот воен објект, за каде НИС соопшти дека се собираат севернокорејски војници.

Руската Државна Дума, Долниот дом на парламентот, го одобри договорот за стратешко партнерство со Северна Кореја, кој дозволува „воена и друга помош“ од една на друга земја, пренесе сервисот на англиски јазик на Радио Слободна Европа(РСЕ).

Договорот, одобрен на 24 октомври, откако првично беше договорен меѓу претседателот на Русија, Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун во Пјонгјанг во јуни, ја носи соработката меѓу двете земји на повисоко ниво, вклучително и изјава во која се наведува дека доколку едната страна биде нападната и се најде во воена состојба, другиот мора „веднаш да обезбеди воена и друга помош со сите средства што му се на располагање“.

Не е јасно како треба да се толкува таа клаузула, но и Јужна Кореја и Соединетите Американски Држави(САД) неодамна рекоа дека имаат докази дека севернокорејските трупи се во Русија и се чини дека одржуваат вежби.

Таквото распоредување ја зголемува можноста севернокорејските војници да им се придружат на руските трупи кои се борат во Украина, бидејќитаму продолжува војната предизвикана од целосната инвазија на Москва врз нејзиниот сосед во февруари 2022 година.

Секретарот за одбрана на САД, Лојд Остин, на 23 октомври рече дека има докази за испраќање војници во Русија од страна на Северна Кореја откако Пјонгјанг ѝ обезбеди оружје на Москва.

Аналитичарите сè уште ја проценуваат ситуацијата, рече Остин, но Пјонгјанг, кој ги негираше обвинувањата, може да се соочи со последици за директната помош на Русија.

Портпаролот на Советот за национална безбедност, Џон Кирби,изјави дека Белата куќа верува дека најмалку 3.000 севернокорејски војници отпатувале со брод до Владивосток на рускиот Далечен Исток меѓу почетокот и средината на октомври.

Минатата недела, јужнокорејската Национална разузнавачка служба (НИС) соопшти дека го следела движењето на војската на Северна Кореја од 8 октомври до 13 октомври и дека снимила транспорт на специјални сили на руска територија преку руски транспортен брод.

Институтот за проучување на војната, тинк-тенк организација со седиште во Вашингтон, исто така неодамна објави дека неколку илјади севернокорејски војници пристигнале во Русија и се подготвуваат за распоредување во Украина.

Кремљ претходно ги отфрли тврдењата на Јужна Кореја дека Пјонгјанг ѝ испорачувал артилериски гранати и ракети со краток дострел на Москва, но не ги коментираше последните тврдења ниту на Сеул ниту на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој на 14 октомври рече дека „ова веќе не е само пренос на оружје. Всушност се работи за трансфер на луѓе од Северна Кореја до окупаторските воени сили“.

Пјонгјанг и Москва се сојузници од основањето на Северна Кореја по Втората светска војна и уште повеќе се зближија по руската инвазија на Украина во 2022 година, при што Сеул и Вашингтон долго време тврдат дека Ким Џонг Ун испраќал оружје за употреба во Украина.

види ги сите денешни вести

Тропската бура Дана донесе ризик од поплави во Индија

Невреме во Индија
Невреме во Индија

Тропската бура Дана донесе силни ветрови и обилни дождови на источниот брег на Индија во петокот, корнејќи дрвја и зголемувајќи го ризикот од поплави откако речиси 600.000 луѓе беа евакуирани.

Невремето пристигна во четвртокот навечер во државата Одиша со максимални постојани ветрови од околу 110 километри на час, велат од Индискиот метеоролошки оддел.

Невремето погоди некои области во Одиша и соседната држава Западен Бенгал со обилни врнежи од дожд, објавија локалните медиуми.

Речиси 600.000 луѓе беа евакуирани од зоните со висок ризик во Одиша на почетокот на неделата, а екипи на спасувачки и хуманитарни работници беа распоредени во подготовка за невремето. Училиштата беа затворени, а повеќе од 200 возови беа откажани.


Властите беа во состојба на зголемена готовност за штети во три области во Одиша, каде што метеоролошкиот оддел прогнозираше наплив на море од околу еден метар, што може дополнително да ги поплави ниските области.

Климатолозите велат дека силните бури стануваат се почести во Јужна Азија. Глобалното затоплување предизвува тие да станат поекстремни и непредвидливи.

Источните брегови на Индија долго време се подложни на циклони, но бројот на интензивни бури се зголемува долж брегот на земјата. Минатата 2023 година беше најсмртоносната сезона на циклони во Индија во последниве години, убивајќи 523 луѓе и чини околу 2,5 милијарди долари штета.

Молдавската полиција обвини проруски олигарх за купување гласови

Илан Шор
Илан Шор

Молдавската полиција го обвини осудениот избеган олигарх Илан Шор дека префрлил 39 милиони долари на банкарски сметки на илјадници Молдавци во последните два месеци за наводно купување гласови за прорускиот табор на минатонеделниот референдум и првиот круг од претседателските избори.

„Инспекторите рекоа дека откриле околу еден милион банкарски плаќања кои отишле на лични сметки на молдавски граѓани преку руската банка Promsvyazbank (PSB) во септември и октомври“, изјави началникот на молдавската полиција Виорел Чернаутеану на прес-конференција во Кишињев.

Тој додаде дека околу 500 луѓе веќе се казнети за „пасивна изборна корупција“, без да појасни што значи тоа. Не се објавени директни докази за купување гласови, но според молдавскиот закон незаконски е да се примаат големи суми пари од странство за политички цели, објави молдавскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Шор, кој има и руско и израелско државјанство, беше осуден во отсуство од молдавскиот суд во април 2023 година на 15 години затвор за банкарска измама вредна милијарда долари. Се верува дека е во Русија.

И покрај очекувањата дека опцијата „да“ ќе победи убедливо на референдумот на 20 октомври за интеграцијата на Молдавија во ЕУ, таа страна победи со помалку од еден процент, по што проевропската претседателка Маја Санду упати обвиненија за масовно купување гласови и дезинформации кои беа објавени од странски криминални групи поддржани од „странски сили“.

Референдумот се одржа истовремено со претседателските избори, на кои победи претседателката Санду со околу 42,5 гласа. Таа во вториот круг на 3 ноември ќе се соочи со прорускиот поранешен јавен обвинител Александр Стојаногло.

На 21 октомври, Санду посочи дека прорускиот табор поминал подобро од очекуваното во двете изјави поради, како што рече, нападот без преседан од „криминални групи“, кои според неа се обиделе да купат до 300 000 гласови со десетици милиони евра во обид да се „поткопа демократскиот процес“.

Русија негираше вмешаност, а портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков ја повика Санду да „прикаже докази“ за да ги поткрепи своите обвинувања.

Началникот на молдавската полиција Виорел Чернаутеану рече дека полициските истражители и обвинителите утврдиле дека исплатата на средствата започнала најдоцна во април. Тој рече дека парите од Русија доаѓаат или преку банкарски трансфери на PSB или преку курири кои директно им плаќаат на луѓето.

Се верува дека Шор основал мрежа на доверливи луѓе во Молдавија на кои наводно им испраќал средства за различни општествени активности.

Муртезани ќе дели црвени, жолти и зелени картони на министрите за спроведените реформи

Орхан Муртезани, министер за европски прашања
Орхан Муртезани, министер за европски прашања

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, купил картони во црвена, жолта и зелена боја и ќе им ги дели на неговите колеги во Владата. Каква боја ќе добива секој министер ќе зависи дали ги доцнат, имаат проблеми или ги спроведуваат реформите утврдени со реформската агенда.

Реформската агенда е дел од Планот за раст на Западен Балкан што го подготви Европската комисија (ЕК). Секоја земја имаше задача да подготви план за реформи до 2027 година, кои доколку ги спроведе за возврат од Брисел етапно ќе добива пари - дел во форма на заеми, дел како грантови. За целиот регион предвидени се шест милијарди евра од кои Северна Македонија ќе добие околу 750,4 милиони евра, а до крајот на годинава очекува да добие авансна исплата од 52,5 милиони евра.

За тоа како изгледа реформската агенда на Северна Македонија, денеска (25 октомври) министерот Орхан Муртезани одржа брифинг со новинарите.

Дел од планирате проекти, според него, личат на „листа на желби“ и за да станат реални проекти мора да „созреат“ од аспект на документација, стратегија итн. Уште еден предизвик кој го наведе Муртезани е што во дел од институциите има слаб капацитет.

Инаку, реформите се поделени во пет групи: управување со јавните финансии и реформи на јавната администрација, зелена енергија, дигитализација, деловно опкружување и владеење на правото. Најмногу од 750-те милиони евра, 25 отсто, се условени со реформи во областа на деловното опкружување.

За исплаќање на парите, посочи Муртезани, услов не се уставните измени со кои треба бугарската заедница да се вметне во Преамбулата од Уставот.

Тоа останува услов за отворање на првиот кластер од преговорите со ЕУ, но по вчерашната посета на претседателката Урсула фон дер Лајен, министерот гледа промена во реториката од аспект на тоа што немало одбивање на предлогот на актуелната власт за одложено дејство на уставните измени - нивно стапување во сила од моментот на зачленување на земјава во ЕУ.

Во рамки на нејзината турнеја на Западен Балкан, претседателката на ЕК вчера беше во Скопје каде на заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски порача дека уставните измени треба да се направат, но немаше конкретни одговори од двајцата дали е прифатливо ниво „одложено дејство“.

Таа се осврна и на реформската агенда и на Планот за раст велејќи дека Северна Македонија завршила добра работа и оти Планот „ќе испорача конкретни резултати за луѓето“.

Инаку, реформските агенди за пет земји од Западен Балкан - Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија и Косово, Европската комисија ги усвои на 23 октомври.

Откако тие беа усвоени, се очекува сега Европската комисија да започне со потпишување договори со сите земји од регионот.

Средба меѓу Додик и Путин во Казан

Претседателите на Република Српска и Русија Милорад Додик и Владимир Путин на самитот на БРИКС во Казан, Русија, 24 октомври 2024
Претседателите на Република Српска и Русија Милорад Додик и Владимир Путин на самитот на БРИКС во Казан, Русија, 24 октомври 2024

Прорускиот претседател на Република Српска, Милорад Додик, кој е на списокот со санкции на САД и Обединетото Кралство, се сретнал со рускиот претседател Владимир Путин на самитот во Казан, Русија во четвртокот вечерта, на 24 октомври.

На својот официјален профил на Твитер, Додик напиша дека разговарал за доизградба на српско-рускиот храм во Бања Лука и за зајакнување на туристичкиот потенцијал на Србија и Русија.

„Секогаш е посебно задоволство да се сретнам со голем светски лидер и искрен пријател на Република Српска“, напиша Додик.

На самитот, чиј домаќин беше рускиот претседател, меѓу другите се собраа и лидерите на Кина, Индија, Бразил, Јужна Африка и други земји кои се членки или се стремат кон членство во БРИКС.

Ова е петта средба на Додик со Путин од почетокот на руската инвазија на Украина и единаесетти разговор од 2014 година. Тој е еден од ретките функционери кои се состануваат со руски и белоруски официјални претставници од почетокот на руската инвазија на Украина.

Меѓународната заедница постојано укажува дека Босна и Херцеговина се обврза да ги следи безбедносните и надворешнополитичките насоки на ЕУ, како земја кандидат за членство во Европската унија (ЕУ).

Проруската реторика и блискоста со руските лидери не покажуваат никаква конкретна корист за РС. Инвестициите од 27 земји-членки на блокот на ЕУ сочинуваат 64 отсто од вкупните странски инвестиции во БиХ, додека руските инвестиции изнесуваат помалку од четири отсто.

Во РС, Русија е петта на листата на инвеститори, по Србија, Италија, Австрија и Велика Британија.

Неколку големи проекти, кои Владата на РС ги иницираше во овој ентитет со руски компании и олигарси, доведоа до повеќемилионски загуби.

Шест нови авионски дестинации од Скопје и Охрид следната година

илустрација
илустрација

Шест нови авионски линии со Дубаи, Барселона, Лион, Штутгард, Базел и Истанбул ќе бидат отворени следната година, најави министерот за транспорт, Александар Николоски, на денешната прес-конференција во Владата на Република Северна Македонија.

Како што информираше министерот Николоски, четири нови авионски линии се однесуваат на скопскиот аеродром, каде два пати неделно ќе се лета на релација Скопје-Дубаи-Скопје (од 30 март), исто како и Скопје-Барселона-Скопје (од 30 јуни), додека, по три пати неделно ќе се лета Скопје-Лион-Скопје (од 30 јуни) и Скопје-Штутгард-Скопје.

На охридскиот аеродром, новина се линиите Охрид-Базел-Охрид која ќе лета два пати неделно и редовната линија Охрид-Истанбул-Охрид (од 30 март) која ќе лета четири пати неделно.

Виз Еир е авионската компанија задолжена за новите летови за Штутгард, Базел, Барселона и Лион. Флај Дубаи за Дубаи и Туркиш Ерлајнс за Истанбул.

Министерот информираше дека државата субвенционира 12 евра по патник на доаѓање на охридскиот аеродром и 9 евра по патник на доаѓање на скопски аеродром. Тој рече дека се очекуваат 200 000 патници плус со новите линии.

„Овие шест дестинации се прекрасна вест за македонските граѓани. Директно поврзување со Дубаи, Барселона Штутгард, Лион, Базел и Истанбул се прекрасна вест која ќе донесе бројни нови туристи и полесно патување за македонските граѓани“, рече министерот.

Дополни дека се во процес на подготовка на втор повик кој треба да се објави кон крајот на ноември и да донесе нови дестинации.

Во моментов, на скопскиот аеродром во лето оперираат 47 дестинации, а на охридскиот осум, додека, во зимскиот период 38 од скопски и четири од охридски аеродром.

Украина ја истражува поддршката на Северна Кореја за Русија како можно злосторство на агресија

Претседателите на Северна Кореја и Русија, Ким Џонг Ун и Владимир Путин
Претседателите на Северна Кореја и Русија, Ким Џонг Ун и Владимир Путин

Украинските обвинители објавија дека започнале истрага за поддршката на Северна Кореја за Русија во војната како можно злосторство на агресија.

Со вооружување и снабдување на копнените сили ангажирани во борбите против Украина, севернокорејските власти би можеле да се соочат со обвиненија, изјави Канцеларијата на јавниот обвинител за Ројтерс.

„Документираме и собираме докази за сите можни аспекти на таквата вмешаност како дел од основната постапка за кривично дело агресија“, се вели во соопштението на канцеларијата.

Аспектите на наводниот криминал вклучуваат снабдување со оружје за Русија, организирање обука на руски воен персонал и директно учество на севернокорејските сили во непријателствата, се наведува во соопштението.

Украинската воена разузнавачка агенција, Јужна Кореја и неколку западни влади соопштија дека севернокорејските трупи обучени од Русија се распоредени во регионот Курск, руската погранична област каде што украинските сили извршија голем упад во август.

Кремљ првично ги отфрли извештаите за распоредување на севернокорејската војска како „лажна вест“. Сепак, рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот рече дека е работа на Москва како ќе го спроведе договорот за партнерство со Пјонгјанг.

Украинската разузнавачка агенција соопшти дека вкупно околу 12 000 севернокорејски војници, од кои 500 офицери и тројца генерали, веќе се во Русија, а обуката се одвива во пет воени бази.

Во петокот, холандското Министерство за одбрана соопшти дека нивните разузнавачки служби потврдиле дека најмалку 1500 севернокорејски војници се очекува наскоро да бидат распоредени за да помогнат во борбените операции на Русија против Украина.

Најмалку 20 загинати во два израелски воздушни напади во Појасот Газа

Појас Газа (илустрација)
Појас Газа (илустрација)

Агенцијата за цивилна одбрана на Газа соопшти дека израелските воздушни напади погодиле две куќи во петок (24 октомври) во Кан Јунис, јужниот главен град на територијата, при што загинале најмалку 20 луѓе, пишува АФП.

Четиринаесет лица загинаа во нападот што го погоди домот на семејството Ал-Фара, а уште шест загинаа во одделен воздушен напад, изјави портпаролот на агенцијата Махмуд Басал.

Лекарите од медицинскиот комплекс Насер ги потврдија жртвите во куќата Ал-Фара и ги објавија имињата на загинатите.

Војската соопшти дека „голем број терористи се елиминирани од воздух и од земја“ во јужниот дел на Газа.

Додека израелските сили продолжуваат да оперираат низ Газа, последните недели се забележани зголемени воздушни и копнени напади на северот од територијата, каде што војската известува дека милитантите на Хамас се прегрупираат.

Војната во Газа започна со напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, што резултираше со смрт на 1206 луѓе, повеќето од нив цивили.

Во одмаздничката офанзива на Израел загинаа 42 792 луѓе во Газа, исто така главно цивили, според бројките на Министерството за здравство на териториите под контрола на Хамас, податоци што ОН ги сметаат за веродостојни.

Соединетите Држави и Катар во четвртокот најавија продолжување на преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа, додека американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека преговарачите разгледуваат нови опции по неколкумесечните неуспешни обиди за постигнување договор.

Дурмиши: Ќе донесеме поригорозни мерки ако следниот месец драстично се зголемат цените

Бесар Дурмиши, министер за економија
Бесар Дурмиши, министер за економија

Министерот за економија Бесар Дурмиши уверува дека есенската кошничка има ефект и дека цените на производите се намалени за пет до десет отсто. Сепак истакнува дека мерката истекува на крајот од овој месец, а ако има драстично покачување на цените, ќе бидат преземени поригорозни мерки.

Од 24 септември, Владата донесе мерка за намалување до 10 отсто на маржата на основните прехранбени производи. Станува збор за 73 производи, со што цените треба да бидат пониски за десет проценти.

Владата ги задолжи трговците за производите кои се вклучени во есенската кошница и се поставени на полиците, фрижидерите и разладните уреди јасно да ги обележат со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“.

Министерот Дурмиши потсети дека според синдикалната кошничка, цените на храната и пијалаците во октомври се пониски за преку 900 денари.

„Наредниот месец очекуваме повторно намалување на цените зашто е во сила Законот за нефер трговски практики. Ако видиме дека трговците ги зголемуваат цените, ќе преземеме поригорозни мерки“, најави министерот.

Законот за забрана на нефер трговски практики се применува од 28 септември. Тој предвидува повеќе од 2500 земјоделски и прехранбени производи да имаат ограничени маржи до 10 отсто (тоа е разликата меѓу цената по која набавуваат одреден производ и по која потоа ќе го продаваат).

Дурмиши нагласува дека со есенската кошничка има и производи кои не се воопшто или се многу малку намалени а како пример за такви ги посочи лебот, млекото, маслата за јадење, но како што рече, имало и производи чии цени се намалени и за над 10 проценти, вбројувајќи ги тука месото, зеленчукот и млечните продукти.

Двајца убиени, петмина ранети во најновите руски напади врз Украина

илустрација
илустрација

Во руски напади утрината на 25 октомври загинаа две лица, а пет други се ранети во две области на Украина, соопштија регионалните власти.

„Русите уште еднаш започнаа намерен напад врз цивилен објект - пошта и исто така ги оштетија станбените згради“, информираше Филашкин.

Во јужниот регион Херсон, силно руско гранатирање на 27 локалитети, вклучувајќи го и градот Херсон, рани пет цивили, објави регионалниот гувернер Олександр Прокудин на платформата Телеграм.

„Руската војска гаѓаше критична инфраструктура, мобилни кули и станбени области“, напиша Прокудин.

Претходно на 24 октомври, украинската противвоздушна одбрана собори 40 од 50-те беспилотни летала лансирани од Русија во 11 украински региони, додека други седум се изгубија поради електронско заглавување на нивните навигациски системи, се вели во соопштението на украинските воздухопловни сили.

Русија, исто така, лансираше две наведувани ракети и две крстосувачки ракети, кои ги промашија своите цели, соопшти војската.

Русија ја почна целосната инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година.

Тројца медиумски работници загинале во израелски напад во Либан

илустрација
илустрација

Тројца медиумски работници загинале во израелски воздушен напад врз комплекс во кој се наоѓаат новинари во југоисточниот дел на Либан, објавија либанските државни медиуми, пренесува АП.

Локалната новинска станица Ал Џадед објави снимка од местото на настанот, на која се гледаат срушени згради и автомобили на кои е испишано PRESS, покриени со урнатини.

Израелската армија не издаде предупредување пред овој напад.

Бејрутската телевизија Ал-Мајадин соопшти дека двајца нејзини вработени се меѓу новинарите убиени утрото на 25 октомври. Телевизијата Ал-Манар на Хезболах (милитантна група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан) соопшти дека снимателот исто така бил убиен во воздушен напад во регионот Хасбаја.

Инаку неколку новинари се убиени во Газа откако Хезболах и Израел почнаа да разменуваат оган во октомври минатата година, по почетокот на војната меѓу Израел и Хамас (палестинска група означена како терористичка организација од Соединетите Држави и Европската Унија).

Во ноември минатата година, двајца новинари на ТВ Ал-Мајадин беа убиени за време на напад со дрон. Еден месец подоцна, во израелското гранатирање на јужен Либан, снимателот на Ројтерс Исам Абдалах беше убиен, а други новинари од агенцијата Франс прес и телевизијата Ал Џезира беа ранети.

Војната во Газа започна откако Хамас уби речиси 1200 луѓе и киднапираше речиси 250 други за време на нападот на 7 октомври минатата година. Оттогаш, како резултат на израелската офанзива, повеќе од 42 000 Палестинци се убиени во Газа.

Во меѓувреме, на почетокот на октомври оваа година, тензиите меѓу Хезболах и Израел ескалираа и Израел најави започнување на копнена операција во јужен Либан против Хезболах. Како резултат на борбите меѓу Израел и Хезболах, во Либан загинаа повеќе од 2500 луѓе.

Хезболах е прогласен за терористичка организација од страна на САД. Во меѓувреме, Европската Унија го стави на црната листа военото крило, но не и на политичката партија на организацијата, која има места во либанскиот парламент.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG