Достапни линкови

Вести

Русија ја прекина испораката на гас за Европа преку Украина

Илустрација
Илустрација

Рускиот државен гасен гигант Газпром соопшти дека го прекинал снабдувањето со гас во Европа преку главниот гасовод што минува низ Украина, откако Киев одби да го обнови договорот за транзит потпишан пред сеопфатната инвазија на Москва.

Овој потег, објавен на почетокот на 1 јануари во објава на каналот на Телеграм на Гаспром, не се очекува да предизвика големи проблеми за повеќето европски клиенти, поради долгогодишните напори на многу земји да не се зависни од рускиот гас.

Словачка, Унгарија, Австрија и неколку балкански земји продолжија да го користат рускиот гас испорачан преку Украина, иако во помали количини.
Молдавија, сепак, е повеќе изложена на ризик, поради големата електрана што се напојува со руски гас. Молдавските власти прогласија вонредна состојба минатиот месец во очекување на истекот на транзитниот договор меѓу Москва и Киев.

Фабриката, лоцирана во отцепениот регион Трансдњестров, почна да се гаси на почетокот на 1 јануари, а нејзиниот оператор, Тирастеплоенерго, рече дека го прекинува снабдувањето со централно греење и топла вода за сите домаќинства и административни згради во Трансдњестров, освен болниците.

Не е јасно дали имало прекини во електричната енергија, која централата ја снабдува со остатокот од Молдавија.

„Го запревме транзитот на руски гас, тоа е историски настан“, се вели во изјавата на украинскиот министер за енергетика. „Русија ги губи своите пазари, ќе претрпи финансиски загуби.

Гасоводот од советската ера, кој носеше гас од Сибир до рускиот пограничен град Суџа, потоа во Украина, беше последниот голем гасовод во функција, по уништувањето на подморскиот гасовод Северен тек кон крајот на 2022 година.

Друг гасовод што носи гас во Полска преку Белорусија, исто така, е суспендиран поради инвазијата во Украина.

Русија порано снабдуваше нешто помалку од половина од природниот гас на Европската унија, но блокот драстично го намали тој увоз по февруари 2022 година.

Многу европски клиенти се свртеа кон алтернативни извори, вклучително и течен природен гас обезбеден од САД и Катар и од Норвешка.

Австриското Министерство за енергетика соопшти дека нивните испораки се загарантирани благодарение на набавките за гас што тече низ Италија и Германија и претходните напори за полнење на контејнери за складирање.

Словачка, чиј премиер Роберт Фицо, беше во необична посета на Москва минатиот месец, исто така не се очекува да забележи никаков недостиг, иако официјалните лица рекоа дека алтернативните набавки ќе чинат дополнителни 177 милиони евра (184 милиони долари).

Во изјавата објавена неколку часа откако гасот престана да тече, Фицо предвиде дека потегот ќе има „драстично“ влијание врз земјите од Европската унија, но не и врз Русија.

Унгарија и другите земји продолжуваат да добиваат руски гас од југ преку црноморскиот гасовод Турски тек.

Запирањето значи дека Украина ќе се откаже од околу 800 милиони долари годишно како транзитни такси. „Газпром“, пак, ќе загуби од речиси 5 милијарди долари од продажбата на гас.

„Европската гасна инфраструктура е доволно флексибилна за да обезбеди гас од неруско потекло за Централна и Источна Европа преку алтернативни рути“, рече портпаролката на Европската комисија, Ана-Каиса Иконен. „Таа е засилена со значајни нови увозни капацитети течен природен гас од 2022 година.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела беше огорчен кога Фицо се сретна со рускиот претседател Владимир Путин и последователно се закани дека ќе го прекине снабдувањето со електрична енергија на Украина во текот на зимските месеци поради одлуката на Украина да не го обнови договорот за гасоводот.

Зеленски го обвини Фицо дека прима „наредби“ од Кремљ за да им наштети на Киев и неговиот народ додека Русија ги напаѓа украинските електрани и нејзината енергетска мрежа.

види ги сите денешни вести

Трамп е против знамиња на половина копје на инаугурацијата

Доналд Трамп, 31 декември 2024 година
Доналд Трамп, 31 декември 2024 година

Новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп на 3 јануари се спротивстави на тоа американските знамиња да бидат спуштени на половина копје на денот на неговата инаугурација на 20 јануари.

Знамињата се така поставени во согласност со обичајот, во период од еден месец, во чест на починатиот поранешен претседател Џими Картер.

Претседателот Џо Бајден нареди знамињата да се спуштат на половина копје 30 дена по смртта на Картер на 29 декември, како што е вообичаено кога ќе почине американски претседател.

Трамп, кој рече дека планира да присуствува на комеморацијата на Картер во Вашингтон на 9 јануари, се спротивстави на тоа на 3 јануари во објава на Truth Social, објави Ројтерс.

„Сите демократи се ‘воодушевени' што нашето величествено американско знаме ќе биде на половина копје за време на мојата инаугурација“, рече Трамп.

„Тие мислат дека тоа е толку прекрасно и тие се толку среќни поради тоа затоа што, всушност, не ја сакаат нашата земја, тие само мислат на себе“, рече тој.

Трамп истакна дека поради смртта на Картер минатата недела, американското знаме „за прв пат ќе биде спуштено на половина копје за време на инаугурацијата на иден претседател“.

„Никој не го сака тоа и ниту еден Американец не може да биде среќен поради тоа. Ќе видиме како ќе испадне“, рече тој.

Портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, рече дека Белата куќа нема намера да ја преиспитува таа одлука.

Џонсон тесно е реизбран за претседател на Претставничкиот дом

Мајк Џонсон на седницата на Претставничкиот дом на САД, Вашингтон, САД, 3 јануари 2025.
Мајк Џонсон на седницата на Претставничкиот дом на САД, Вашингтон, САД, 3 јануари 2025.

Претседателот на Претставничкиот дом на САД, Мајк Џонсон, беше реизбран на функцијата на 3 јануари, по долг процес на гласање, што покажа дека републиканците остануваат поделени.

За време на речиси двочасовната прозивка и изјаснување на членовите на Долниот дом, се чинеше дека Џонсон нема да има мнозинство за реизбор.

Меѓутоа, двајца републиканци, кои првично беа против Џонсон, сепак решија да го поддржат, по долги преговори.

Џонсон на крајот беше избран со 218 гласови, што беше минимумот што требаше да го обезбеди за тоа да се случи.

Против беа сите демократи, 215 од нив гласаа за нивниот лидер, Хаким Џефрис.

Републиканците имаат тесно мнозинство во Претставничкиот дом, 219 спрема 215.

Гласањето за реизборот на Џонсон беше ран тест за единство меѓу републиканците, кои ќе се обидат да ги поминат предлозите на Доналд Трамп за даночни намалувања и гранични мерки на новата седница на Конгресот, пишува Ројтерс.

Тоа беше и тест за влијанието на новоизбраниот претседател на Капитол Хил, каде што некои републиканци веќе покажаа подготвеност да му се спротивстават.

Републиканците во Домот беа поделени во последните две години. Џонсон првпат беше избран за претседател откако партијата го смени неговиот претходник Кевин Мекарти, на половина од неговиот мандат.

Мекарти беше избран во 2023 година, по 15 круга гласање во текот на четири дена.

По неговото разрешување, изборот на Џонсон - дотогаш релативно непознат конзервативен конгресмен од Луизијана, беше резултат на компромис во партијата. Сепак, дури ни Џонсон не можеше да ја обедини.

Во меѓувреме, тој негуваше блиски односи со Трамп, кој го поддржа на 30 декември по неколку недели неизвесност.

На 3 јануари Трамп му честиташе на Џонсон и го нарече неговиот реизбор „гласање за доверба на Конгресот без преседан“.

Џонсон има големи предизвици пред него - не само усвојување на законодавната агенда на Трамп, туку и подигнување на границата до која земјата може да се задолжи, подоцна оваа година, потсетува Ројтерс.

Со оглед на тоа што федералната влада веќе има долг од повеќе од 36 трилиони долари, многу републиканци во Конгресот се очекува да бараат значителни буџетски намалувања.

Од 3 јануари републиканците официјално го контролираат Сенатот, каде што имаат мнозинство од 53 спрема 47.

Нивниот нов лидер е сенаторот Џон Тун, кој го наследи Мич Меконел, кој останува на функцијата сенатор.

На 6 јануари Конгресот треба формално да ја потврди изборната победа на Трамп, што би било невозможно да се направи ако не беше избран претседател на Претставничкиот дом.

Бајден ја блокираше продажбата на УС Стил на Јапонија

Американскиот претседател Џозеф Бајден.
Американскиот претседател Џозеф Бајден.

Американскиот претседател во заминување Џозеф Бајден на 3 јануари го отфрли договорот вреден речиси 15 милијарди долари со кој се предлага јапонскиот производител на челик Нипон Стил да ја купи американската компанија УС Стил.

„Потребни ни се големите американски компании кои го претставуваат најголемиот дел од американскиот капацитет за производство на челик за да продолжат да се борат за американските национални интереси“, рече Бајден.

Комитетот за странски инвестиции во САД (CFIUS) минатиот месец не успеа да постигне консензус за можните ризици за националната безбедност и му го испрати на Бајден долгоочекуваниот извештај за спојувањето.

Американски функционер запознаен со ова прашање, кој сакаше да остане анонимен, минатиот месец за Асошиетед прес изјави дека некои федерални агенции се „скептични дека дозволувањето на јапонска компанија да купи фабрика за челик во сопственост на САД ќе создаде ризици за националната безбедност“.

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, исто така, се спротивстави на договорот и во декември вети дека ќе го блокира и дека ќе користи даночни олеснувања и тарифи за развој на US Steel.

Претседателот на синдикатот на челичарите Дејвид Мекол рече дека синдикатот е благодарен што Бајден ја блокирал продажбата, нарекувајќи го „вистинскиот потег за нашите членови и нашата национална безбедност“.

„Да се дозволи купување на американскиот челик ќе обезбеди можност за дополнително дестабилизирање на нашиот трговски систем одвнатре, а тоа ќе ја загрози нашата способност да ги задоволиме потребите за националната безбедност и критичната инфраструктура“, рече Мекол.

Блинкен следната недела во Јужна Кореја

Шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен.
Шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен.

Шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен треба да ја посети Јужна Кореја во понеделник на 6 јануари, среде политичката криза што се случува во земјата која е близок сојузник на САД во Азија, соопштија јужнокорејските власти на 3 јануари.

Блинкен ќе биде примен од неговиот јужнокорејски колега Чо Тае-Јул и ќе разговараат за „сојузот меѓу Јужна Кореја и САД, соработката меѓу Јужна Кореја, САД и Јапонија, прашања поврзани со Северна Кореја, како и за регионалните и глобални предизвици“, се вели во соопштението на јужнокорејската дипломатија.

Јужна Кореја е клучен сојузник на Вашингтон во регионот, но земјата е втурната во политички хаос откако претседателот Џун Сук-јол се обиде да воведе вонредна состојба на 3 декември, пренесува АФП.

Јун беше суспендиран откако пратениците го разрешија од функцијата, а истата мерка беше преземена и против премиерот кој беше привремен претседател.

Претседателската должност во моментов ја има министерот за финансии Чои Санг Мок.

update

Пронајдено телото на четвртата жртва од несреќата кај Рашче, повреденото дете е стабилно

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Директорот на Детска хирурија во Скопје Лазо Јовчески на 3 јануари изјави дека очекува наскоро да биде пуштено на домашно лекување детето кое беше повредено во сообраќајната несреќа синоќа кај Рашче. Од водите на Вардар попладнево околу 15 часот во близина на местото на несреќата било пронајдено и телото на четвртото починато лице, потврди Министерството за внатрешни работи.

Јовчевски вели дека детето е во стабилна општа состојба и дека не е витално загрозено, поради што од денеска се наоѓа на оддел и не е повеќе на интензивна нега.

„Очекувам наскоро да биде пуштено на домашно лекување. Вчера имаше интензивен мониторинг, денеска контролни по протокол, биохемиски параметри за споредба, стабилно е, мислам дека сѐ ќе се разреши поволно за детето кое има пет години“, рече Јовчески за МИА.

Во сообраќајната несреќа синоќа загинаа три лица на патот од Сарај кон Рашче, откако нивниот автомобил излета од патот и падна во реката Вардар. Се трагаше по четврто машко лице, а денеска од Јавното обвинителство соопштија дека било извлечено од водите на Вардар починатото тело на машко лице кое било патник во автомобилот кој излета вчера кај Рашче.

„Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција и на оваа четврта жртва на тешката несреќа. Се работи на утврдување на причините“, се наведува во информацијата од ЈОРСМ. По наредба на јавен обвинител телото ќе биде предадено на судска медицина од каде треба да се добие потврда за идентитетот на лицето, наведуваат обвинителите. Во потрагата по четвртото лице од несреќата учествуваа и припадници на армиските Волци.

Како што соопшти вчера Центарот за управување со кризи, од автомобилот биле извадени тела на три женски лица, а дека се трага по четврто машко исчезнато лице за кое беше наведено дека најверојатно излетало во водите на Вардар.

Медиумите известуваа дека 5-годишното дете било петтото лице во возилото и дека сите биле од исто семејство. Според извештаите детето излетало од автомобилот пред да падне во реката и било било пронајдено од случајни минувачи.

Јавното обвинителство утрово соопшти дека за трите починати женски лица кои биле извадено од возилото кое излетало во реката Вардар била издадена наредба за обдукција.

Од обвинителството истот така наведоа дека се трага по уште едно лице, а дека детето кое патувало во автомобилот, а било пронајдено повредено надвор од возилото и пренесено на Клиничкиот центар.

Зеленски: Избори во Украина се можни оваа година доколку заврши воената состојба

Украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека оваа година може да се одржат претседателски и парламентарни избори доколку преговорите ја прекинат „жешката фаза“ од војната со Русија, што ќе овозможи укинување на вонредната состојба.

Во интервју за украинската телевизија доцна на 2 јануари, Зеленски рече дека позицијата на Украина откако ќе излезе со какво било решение за сегашната одбрана од руската инвазија ќе одреди дали може да се одржат долго одложените избори во земјата.

„Кога станува збор за 2025 година, дали ќе успееме да го постигнеме крајот на жешката фаза на војната за Украина; кога ќе успееме да го постигнеме тоа со силна армија, силен пакет оружје и силни безбедносни гаранции, тогаш овие [избори] ќе се случи“, рече Зеленски во интервјуто што го даде во друштво на неговата сопруга Олена.

„После тоа, во принцип, можеме да размислуваме за укинување на вонредната состојба во Украина. Кога ќе заврши вонредната состојба, тогаш топката е во дворот на парламентот -- парламентот потоа го избира датумот за изборите... Не мислам дека ќе треба да поминам години чекајќи [избори] кога ќе заврши вонредната состојба“, рече тој.

Петгодишниот мандат на Зеленски требаше да заврши минатата година на 20 мај. 46-годишниот поранешен актер кој стана политичар не кажа дали ќе бара уште еден мандат како лидер на земјата.

„Ако направам повеќе отколку што можам, тогаш веројатно ќе гледам попозитивно на оваа одлука. Тоа не е мојата цел денес“, рече тој.

Претседателските избори требаше да се одржат во март или април 2024 година, но тие беа одложени бидејќи во земјата се уште е вонредна состојба. Според украинскиот Устав, Зеленски мора да продолжи да ги извршува своите должности додека не се избере нов шеф на државата.

Парламентарните избори требаше да се одржат на 29 октомври 2023 година, но и тие беа одложени поради примената на вонредната состојба.

Украина е во вонредна состојба откако Русија ја започна својата целосна инвазија во февруари 2022 година. Парламентот ја продолжи во интервали од 90 дена 13 пати, а последното продолжување трае до 7 февруари.

Силите на ЕУ во БиХ најавуваат поинтензивни движења

Транспорт на опрема и зголемено движење на силите на ЕУФОР. (архивска фотографија)
Транспорт на опрема и зголемено движење на силите на ЕУФОР. (архивска фотографија)

Силите на Европската унија во Босна и Херцеговина (ЕУФОР) на 3 јануари ги предупредија граѓаните дека трупите на ЕУФОР ќе ги интензивираат своите движења во текот на следната недела.

„Станува збор за продолжување на вообичаените и рутински операции“, по период на намалени активности на крајот на декември, изјавија од Воената мисија на ЕУ во Босна и Херцеговина.

„ЕУФОР останува посветена на безбедноста и стабилноста за благосостојбата на сите граѓани на Босна и Херцеговина и продолжува да ги поддржува нашите партнери во БиХ“, соопштија од оваа меѓународна воена мисија.

Последен пат беше најавено зголеменото движење на војниците на ЕУФОР во средината на август минатата година, пред почетокот на едномесечната, годишна вежба „Брз одговор“.

Повеќе од илјада војници од Европската унија, Швајцарија, Турција и Чиле веќе две децении го чуваат мирот и безбедноста во БиХ.

ЕУФОР, исто така, има мандат да употреби сила, во случај 16-те домашни полициски агенции и околу 8.000 домашни војници да не можат да одржат стабилна средина.

Можноста за распоредување на дополнителни 3.500 војници беше овозможена со договорот „Берлин плус“ потпишан со Северноатлантската алијанса (НАТО).

Воената мисија „ЕУФОР – Алтеа“ во БиХ е формирана на 1 декември 2004 година, со цел да го преземе мандатот од мисијата на НАТО, кој беше на сила од крајот на војната. Мандатот на мисијата се одобрува секоја година од Обединетите нации (ОН).

На 1 ноември минатата година, Советот за безбедност на ОН едногласно го продолжи мандатот на воените сили на Европската унија во Босна и Херцеговина (ЕУФОР Алтеа) до ноември 2025 година.

Од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година и симултаните сецесионистички чекори преземени од проруските власти во Република Српска, ЕУФОР го удвои бројот на војници на повеќе од 1.500, вклучувајќи хеликоптери и оклопни единици.

Царината запленила 35 автомобили што нелегално завршувале на автоплацеви

Прес-конференција на директорот на Царинска управа, Бобан Николовски
Прес-конференција на директорот на Царинска управа, Бобан Николовски

Царинската управа преку Секторот за контрола и истраги откри и спречи организирана мрежа во која увозници, шпедитери, возачи вработени во превозни компании и царински службеници организирано вршеле кривични дела со употребувани возила, при што овие возила на нелегален начин биле ставани во промет и завршувале на автоплацови во Македонија, без да се платат увозни давачки.

„Запленети се 35 автомобили со вкупна вредност од 20 милиони денари, при што на буџетот на државата, преку избегнување плаќање увозни давачки, е нанесена директна штета во висина од 9 милиони денари“, истакна директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, на прес-конференција, на која информира за случаите.

Директорот притоа рече дека постои сомневање оти избегнатите давачки и штетата нанесена на буџетот на државата е многу поголема затоа што е голема веројатноста во изминатите години овие дела да се случувале повеќекратно.

„Досега до Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција се поднесени кривични пријави за 24 лица, 19 физички и пет правни лица, за сторени кривични дела: царинска измама, прикривање стока од сторено кривично дело царинска измама, фалсификување и злоупотреба на службената должност и овластувањето. Со целосно завршување на предистражните и истражните дејства кривични пријави ќе следуваат за други лица, при што некои од нив ќе се товарат за повеќекратно извршување исти или слични дела. Во однос на царинските службеници што извршиле злоупотреба на службената положба и овластувањето, во тек се дисциплински постапки по што ќе следуваат соодветни казнени мерки“, изјави Николовски.

Поконкретно, во овие случаи, Секторот за контрола и истраги при Царинската управа утврдил грубо кршење на законските прописи. Сторителите на кривичните дела, кои биле учесници во добро организирана и разработена шема, изработувале фалсификувани придружни документи, кои се потребни за завршување на царинската постапка и фиктивно гo раздолжувале транзитот, без притоа да спроведат царинска постапка. Така, без да бидат платени царината и другите увозни давачки, возилата биле пуштани во слободен промет и завршувале на разни автоплацеви во државата.

Во Србија граѓанска акција 29 минути тишина за жртвите во Нови Сад, Цетиње и Ариље

Граѓаните на Србија им одадоа почит на загинатите во Нови Сад, но и на убиените во Ариље и Цетиње, 3 јануари 2025
Граѓаните на Србија им одадоа почит на загинатите во Нови Сад, но и на убиените во Ариље и Цетиње, 3 јануари 2025

Граѓаните на Србија и денеска (3 јануари) им одадоа почит на загинатите во Нови Сад, но и на убиените во Ариље и Цетиње.

Акцијата, која се одржа Белград, Нови Сад, Краљево, Ниш, Александровац, Зрењанин и други градови, траеше 29 минути – за 29 жртви.

Во Нови Сад маж со автомобил БМВ се обидел да ја пробие блокадата.

Студентите на Универзитетот во Нови Сад блокираа мост 29 минути од 11:52 часот, со цел да им оддадат почит на загинатите во падот на настрешницата на 1 ноември, како и на загинатите во Ариље на 31 декември и во Цетиње на 1 јануари.

Студентите развија голем транспарент со црвена дланка на Петроварадинската тврдина.

Српските медиуми јавуваат дека дошло до инцидент во пресрет на акцијата, во 11 часот и 45 минути, кога црн автомобил се обидел да вози низ толпата студенти. Како што јавуваат српските медиуми, возач на џип нападнал девојка од студентското обезбедување, по што му пришле и машките обезбедувачи, а од своите автомобили излегле и други граѓани за да се пресметаат со мажот. Насилникот потоа го оставил возилото на крстосница.

И овој петок пред зградата на РТВ се одржа 15 минути молк.

Средношколци се собраа на Плоштадот на Слободата во Нови Сад.

Претставници на ССП ја блокираа улицата Таковска кај РТС во Белград.

Пред градската управа во Краљево денеска беа и ветераните од 63-та Падобранска со црвени беретки.

Орбан не бил поканет на церемонијата по повод полското претседателство со ЕУ

 Унгарскиот премиер Виктор Орбан
Унгарскиот премиер Виктор Орбан

Полската заменик министерка за европски прашања Магдалена Собковјак-Царнецка денеска (3 јануари) изјави дека унгарскиот премиер Виктор Орбан не бил поканет на церемонијата што се одржува во Варшава по повод полското претседателство со Советот на ЕУ, како и унгарскиот амбасадор во таа земја.

Како што истакна, полските власти ја донеле таа одлука откако Будимпешта му дала азил на поранешниот заменик министер за правда на Полска, Марсил Романовски, кој е под истрага за наводна злоупотреба на јавни средства.

Будимпешта му даде политички азил на Романовски, кој беше уапсен во Полска во јули минатата година, како дел од истрагата за злоупотреба на јавни средства, што властите во Варшава силно го критикуваа.

Полска го нарече потегот „непријателски чин“ што се коси со принципот на лојална соработка меѓу членките на Европската Унија.

Полска го презеде шестмесечното претседавање со ЕУ од Унгарија. Таа ќе претседава со Унијата до 1 јули годинава.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG