Вести
Вучиќ: Српската опозиција го следи патот на шарената револуција во Северна Македонија
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека целта на протестите во Србија е насилно соборување на демократски воспоставената власт и дека опозицијата во Србија оди по патот на шарената револуција во Северна Македонија.
„Мислите дека е генијално тоа што ги обоивте бехатон плочите со црвена боја, кои нема да можат целосно да се исчистат? Дали мислите дека тоа беше нивна идеја? Најдете ги снимките од 2016 година, потполно истото сценарио во Северна Македонија. Потполно на ист начин го бојадисаа главниот плоштад во Скопје. Газдата и спонзорот секогаш беа исти, а жртви беа народите врз кои се правеа шарени револуции. Тоа нема да се случи во Србија, бидете сигурни“, им рече тој на новинарите на конференцијата „Србија-Африка 2024: Достоинство“ во Белград.
Зборувајќи за учеството на студентите во блокадите, Вучиќ рече дека кога тој бил млад повеќе сакал да учи отколку да оди на демонстрации, наведувајќи дека трудот му се исплател, дека успешно завршил факултет и направил нешто во својата земја.
По несреќата во Нови Сад кадешто се урна настрешницата на железничката станица кога загинаа 15 луѓе, а двајца се тешко повредени, следуваше бран протести и блокади во Србија, а властите одговорија со апсење на учесниците.
Инциденти и тепачки имаше и во институции каде опозицијата бараше одговорност од власта за несреќата.
Тринаесет лица се уапсени под сомнение дека се одговорни за падот на покривот на зградата на Железничката станица во Нови Сад.
Уапсениот министер за градежништво и транспорт, Горан Весиќ, кој по несреќата поднесе оставка, но и негираше одговорност, по неколку дена е пуштен од притвор.
види ги сите денешни вести
Србија разгледува начини за снабдување со нафта и гас, поради наводните санкции од САД
Владата на Србија ја усвои Одлуката за формирање на Координативно тело со цел да се обезбеди сигурно снабдување со нафта и гас поради, како што е наведено, потенцијалното воведување санкции на САД врз нафтената индустрија на Србија (НИС) поради руска сопственост.
Во соопштението се наведува дека ова тело ќе ја насочува и координира работата и активностите на работните групи – за следење на активностите на Министерството за финансии на САД и Работните групи за преговори околу склучување договор за набавка и испорака на природен гас на Србија од Русија.
Претходно, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави за РТС дека на 10 или 13 јануари очекува документ од САД за воведување санкции за НИС поради руска сопственост.
Од 2008 година, руската државна компанија Гаспром нефт и нејзината чадор компанија Гаспром имаат мнозинска сопственост во НИС од 56,15 отсто, додека 29,87 отсто се во сопственост на Србија.
На 4 јануари, Вучиќ изјави дека американскиот потсекретар за економски раст, енергија и животна средина, Хозе Фернандез, му потврдил дека земјата ќе воведе директни санкции за НИС.
На 16 декември, американскиот Стејт департмент за РСЕ изјави дека Соединетите Држави „не најавуваат санкции јавно“, но дека „остануваат посветени на попречување на руското генерирање приходи и на набавките и финансиските мрежи што се користат за поддршка на нејзината војна против Украина“.
Американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил, на 23 декември изјави за РТС дека нема најави дека ќе бидат воведени санкции кон НИС поради руска сопственост.
Тој тогаш рече дека постои загриженост за тоа дали НИС во руски раце на некој начин помага да се финансира војната во Украина и дека тоа се легитимни прашања што треба внимателно да се разгледаат.
И покрај обидите за диверзификација на изворите на снабдување од почетокот на руската инвазија на Украина, Србија сè уште е доминантно зависна од руските енергетски извори, а оваа зависност беше еден од клучните аргументи на официјален Белград да не воведе санкции кон Москва.
Уапсен ерменски генерал среде тековните политички судири
Поранешниот заменик началник на Генералштабот на вооружените сили на Ерменија е уапсен под обвинение за небрежност во врска со војната во Нагорно-Карабах во 2020 година, во услови на тековни политички тензии во кавкаската земја.
Генерал-полковник Тиран Хачатријан беше уапсен на 4 јануари и ќе биде приведен додека го чека судењето. Државните обвинители тврдат дека тој не ги извршил своите службени должности за време на 44-дневната војна меѓу Ерменија и Азербејџан во 2020 година.
Тој ги отфрли обвинувањата, а неговиот правен тим вели дека планираат да поднесат жалба. Во денешната (5 јануари) изјава, неговите адвокати ги нарекоа обвиненијата „неосновани“ и велат дека притворот на поранешниот висок воен офицер е одмазда за неговите политички ставови, како и дека тој е жртвено јагне за „поразот на Ерменија во војната“ со Азербејџан.
Апсењето е уште еден знак за политичките предизвици во Ерменија по загубите на Ереван од Баку во последователни кампањи, кои ги заострија односите на ерменскиот премиер Никол Пашинијан со војската на неговата земја и го ставија под зголемен притисок на домашната јавност.
Војната во 2020 година, кога азербејџанските сили презедоа контрола врз дел од Нагорно-Карабах, беше втора во која Азербејџан и Ерменија се бореа во последните три децении за отцепениот регион, кој беше под контрола на етничките ерменски сепаратисти, но меѓународно признат како дел на Азербејџан од 1990-тите.
Тоа беше проследено со одлучувачка еднодневна воена операција во септември 2023 година, во која азербејџанските сили ја преземаа контролата врз преостанатите делови од регионот.
На Хачатријан му беше доделена титулата национален херој на Ерменија во 2020 година по војната со Азербејџан таа година, но по последиците од неа, брзо се зголемија тензиите меѓу него и ерменските власти.
Во февруари 2021 година, Пашинијан го разреши Хачатријан од функцијата заменик-началник на Генералштабот на вооружените сили, што доведе до ескалација на судирите со војската.
Ден откако Хачатријан беше разрешен од своите должности, повеќе од 40 високи воени офицери на Ерменија, вклучително и Хачатријан, повикаа на оставка на премиерот и неговата влада.
Пашинијан го осуди потегот како дел од обидот за државен удар за негово соборување.
Како дел од прелиминарното сослушување на 4 јануари, истражниот комитет на Ерменија рече дека обвиненијата против Хачатријан произлегуваат од „несовесниот однос кон извршувањето на неговите службени должности“ во октомври 2020 година, вклучително и неуспехот да се постават соодветни одбранбени линии, што доведе до тоа азербејџанските сили да остварат стратешки придобивки.
Хачатријан исто така беше уапсен и задржан во притвор два месеца во јануари 2024 година, откако пукал од пиштол за време на конфронтација во ресторан. Обвинителите рекоа дека поранешниот воен службеник повредил случаен минувач на соседната маса, но Хачатријан ги негираше обвиненијата и рече дека пукал со својот пиштол во воздух во самоодбрана.
По апсењето во 2024 година, адвокатот на Хачатријан изјави за РСЕ дека властите го користат случајот како можност да го замолчат и заплашат поради неговата критика кон владата.
Почина Костас Симитис, поранешниот грчки премиер кој ја внесе Грција во еврозоната
На 88-годишна возраст утрово (5 јануари) ненадејно почина поранешниот премиер на Грција и поранешен лидер на ПАСОК, Костас Симитис.
Тој за време на неговите два мандати ја внесе земјата во еврозоната.
Воедно беше и првиот грчки премиер што во 2000 година го посети Скопје за Конференцијата на балканските земји, јавува новинската агенција МИА.
Беше премиер од 1996 до 2004 година, а неговите два мандати се поврзани и со големите инфраструктурни проекти за подготовка на Олимписките игри во Атина во 2004 година, како и со интеграцијата на Кипар во Европската унија.
Во октомври 2000 година, како премиер на Грција го посети Скопје за време на Конференцијата на балканските земји и се сретна со тогашниот македонски премиер Љубчо Георгиевски. Според натписите во медиумите од тој период, претседателите на двете влади, тогаш интензивно разговарале за постигнување решение за името, додека „Република Горна Македонија“, бил предлогот на маса.
Како поранешен премиер, тој често ја истакнуваше потребата за изнаоѓање решение на спорот меѓу двете земји, меѓутоа за Договорот од Преспа, при еден од неговите говори во Солун рече дека „проблемот требаше да се реши, но решението не е задоволително“.
Симитис во Грција се сметаше за умерен политичар и е меѓу најважните премиери на земјата.
Во неговата политичка кариера, пред да стане премиер, беше министер за финансии, за трговија, за образование, за индустрија и енергија, додека пак речиси 24 години беше пратеник во грчкиот Парламент.
Тој, според грчките медиуми, немал здравствени проблеми, синоќа пристигнал во неговата викендичка на Пелопонез, додека пак рано утрово во бесвесна состојба со возило на брза помош бил пренесен во болница, каде што била констатирана смрт.
Пораки со сочувство упатија грчката претседателка, грчкиот премиер, лидерот на ПАСОК, како и претседателите на опозициските партии, а со одлука на Владата ќе биде прогласена четиридневна национална жалост.
Украина почна нова офанзива во рускиот регион Курск
Украинската војска започна нов напад во руската област Курск, според извештаите од руското Министерство за одбрана и од бојното поле.
Додека војската на Украина допрва треба да ги коментира пријавените маневри, руското Министерство за одбрана во денешното (5 јануари) соопштение рече дека „околу 9 часот по московско време, украинските вооружени сили започнаа контранапад за да го запрат напредувањето на руските трупи во насока на Курск. Во соопштението се инсистира дека руските трупи „продолжуваат да ги победуваат“ украинските сили.
Размерите на тековната офанзива и дали таа ќе доведе до промени долж линијата на фронтот останува нејасно, но некои украински официјални лица исто така сугерираат дека е во тек нов притисок.
Шефот на претседателскиот кабинет на Украина, Андриј Јермак, рече дека има „добри вести од регионот Курск“ и дека Русија „го добива она што го заслужува“.
Андриј Коваленко, шеф на Центарот за спротивставување на дезинформации на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, исто така го коментираше развојот и рече дека руските сили во Курск биле „нападнати во неколку правци, што за нив беше изненадување“.
„Одбранбените сили работат“, напиша тој.
Украинските трупи прво имаа ненадеен упад на 6 август и оттогаш ги одбиваа руските обиди за нивно целосно протерување.
Од неодамна, руските сили, поддржани од илјадници севернокорејски војници, напредуваа, но не успеаја целосно да ги исфрлат украинските трупи.
Наводно, офанзивата е започната од окружниот центар Суџа, кој е под украинска контрола од август, во правец на Бољшој Солдацкое, кој се наоѓа на околу 70 километри од градот Курск, административен центар на регионот.
Во своето соопштение, руското Министерство за одбрана соопшти дека одбило напад на Украина во близина на селото Бердин, на околу 15 километри од границата.
Според руските провоени канали на Телеграм, кои ги следат и документираат случувањата на фронтот, нападот се изведува со оклопни возила, возила за расчистување мини и системи за електронско војување, за кои се вели дека успешно се спротивставуваат на руските беспилотни летала.
Каналот МИГ Роси тврди дека украинската војска имала „локални успеси“, велејќи дека „ова не се бавни маневри на мали диверзантски групи, туку обид за напад од целосен обем“.
РСЕ не можеше самостојно да ги потврди извештаите.
Околу половина од земјата освоена во првичната офанзива е повторно заземена од август, но Киев сè уште ја држи Суџа и околу 500 квадратни километри руска територија.
Во ноември, Украина објави дека нејзините сили се вклучиле во борба со севернокорејските војници во регионот Курск, а украинските власти тврдат дека севернокорејските сили трпат големи загуби.
Воведувањето на севернокорејските трупи дојде по прекуграничната офанзива на Украина, која рускиот претседател Владимир Путин ја осуди како „голема провокација“.
Јануарските напади што ги започна Киев се случуваат бидејќи неговите сили наводно страдаат од недостиг на работна сила и губат позиции во источна Украина.
Развојот доаѓа и пред инаугурацијата на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп на 20 јануари, кој претходно изјави дека завршувањето на војната во Украина ќе биде приоритет од првиот ден.
Кит Келог, претстојниот пратеник на администрацијата на Трамп за Украина и Русија, доби задача да ги води преговорите за ставање крај на војната и исто така рече дека потенцијалните разговори за прекин на огнот би можеле да започнат откако Трамп ќе ја преземе функцијата.
Во декемвриското интервју за Фокс њуз, Келог рече дека војната може „да се реши во следните неколку месеци“.
За време на интервјуто емитувано на 2 јануари на украинската телевизија, Зеленски рече дека операциите во Курск играат клучна улога во спротивставувањето на какви било меѓународни перцепции дека Киев ја губи војната.
„Операцијата Курск промени сè. Тоа беше важен чекор“, рече тој.
Гостиварец осомничен за силување на 13-годишно девојче
Дваесетидвегодишник од Гостивар е осомничен за кривично дело - силување на дете кое не наполнило 15 години, соопшти Јавното обвинителство на Република Северна Македонија (ЈОРСМ).
Основното јавно обвинителство Гостивар, како што се наведува, повело истрага поради основано сомнение дека осомничениот на 2 јануари принудил на сексуален однос 13-годишно девојче.
„Со жртвата се запознале преку апликацијата ‘Снеп-чет' и започнале да контактираат и да се гледаат. Кога девојчето не сакало повеќе да излегува со него, осомничениот вршел притисок и на критичниот ден ја принудил да ги остави другарите и да влезе во неговиот автомобил. Потоа и го одзел мобилниот телефон, ја натерал на однос против нејзина волја, заканувајќи и се да не кажува никому“, стои во соопштението.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гостивар поднел предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи би можел да се даде во бегство, да влијае врз детето-жртва и други сведоци или да го повтори делото, наведуват од ЈОРСМ.
Повеќе од 370 милиони девојчиња и жени или една од осум во светот, биле жртви на силување или сексуална злоупотреба пред да наполнат 18 години, објави во октомври 2024 Агенцијата на Обединетите Нации за децата (УНИЦЕФ).
Таа бројка се искачува на 650 милиони, или еден од пет, кога ќе се земат предвид „без-контактните“ форми на сексуално насилство, како што е онлајн или вербалната злоупотреба, соопшти УНИЦЕФ во, како што го нарече првото глобално истражување за овој проблем.
Мелони во ненадејна посета на Трамп
Италијанската премиерка Џорџа Мелони вчера (4 јануари) во неофицијална, ненадејна посета се сретна со новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, во неговата резиденција Мар-а-Лаго на Флорида, објави нејзиниот кабинет, пренесе АФП.
Фотографиите објавени од кабинетот на екстремно десничарската премиерка ги прикажуваат Мелони и Трамп како позираат на влезот во Мар-а-Лаго и разговараат во просторијата за прием.
Нејзиниот кабинет не објави изјава ниту пак даде детали за посетата.
Фотографиите на двајцата конзервативни лидери се најдоа на насловните страници на сите италијански весници денеска (5 јануари).
Иако не беа откриени детали од нивната средба, италијанските медиуми објавија дека Мелони планира да разговара со Трамп за руската војна во Украина, трговските прашања, Блискиот Исток и апсењето на италијанската новинарка Сесилија Сала во Иран, објави Ројтерс.
Мелони е меѓу неколкуте странски лидери, вклучително и канадскиот премиер Џастин Трудо и унгарскиот премиер Виктор Орбан, кои го посетија Трамп, кој треба да биде инаугуриран по втор пат на 20 јануари.
Италијанската премиерка, која ја предводи крајнодесничарската партија Браќа на Италија, се сретна со Трамп пред четиридневната посета на американскиот претседател Џо Бајден на Рим, каде што се очекува да се сретне со премиерот и со папата Франциск.
Хилари Клинтон, Џорџ Сорос и Дензел Вашингтон добија претседателски медали на слободата
Хилари Клинтон, Џорџ Сорос и Дензел Вашингтон се меѓу добитниците на највисоката цивилна награда во САД - Претседателскиот медал на слободата.
Американскиот претседател Џо Бајден ја додели наградата во Белата куќа на 19 од најистакнатите личности од областа на политиката, спортот, забавата, човековите права, застапувањето на ЛГБТК+ правата и науката.
„За последен пат како претседател, ја имам честа да го доделам Медалот на слободата, највисоката цивилна чест на нашата нација, на група извонредни, навистина извонредни луѓе“, рече Бајден.
Поранешната државна секретарка Хилари Клинтон беше пречекана од толпата со аплауз, а почестени беа и филантропот Џорџ Сорос и актерот Дензел Вашингтон.
Постхумно беа доделени четири медали - на Џорџ В. Ромни, поранешен гувернер на Мичиген и секретар за домување и урбан развој, поранешниот јавен обвинител и сенатор Роберт Ф. Кенеди, Еш Картер, поранешен секретар за одбрана и на Фани Лу Хамер, која ја основаше Демократската партија за слобода на Мисисипи и ги постави темелите за Законот за правото на глас од 1965 година.
Белата куќа објави дека победниците дале „пример за придонес за просперитетот, вредностите или безбедноста на Соединетите Американски Држави, светскиот мир и други значајни општествени, јавни или приватни иницијативи“.
Меѓу наградените се и филантропи - готвачот Хозе Андрес, директор на хуманитарната организација „World Central Kitchen“, и активистот и водач на рок групата U2, Боно Вокс.
Признанија добија и фудбалерот Лионел Меси, кошаркарската легенда на Лос Анџелес Лејкерс Ервин „Меџик“ Џонсон, актерот Мајкл Џеј Фокс, познат по неговото застапување за истражување на Паркинсоновата болест, главната и одговорна уредничка на модниот магазин „Вог“ Ана Винтур, модниот дизајнер Ралф Лорен и други.
Претседателскиот медал на слободата е доделен 654 пати од 1963 година.
Значајни добитници на Медалот на слободата во минатото се Мартин Лутер Кинг Јуниор и Мајка Тереза.
Ден на жалост во Србија поради масовното убиство во Цетиње
На територијата на Србија, денеска (5 јануари) е Ден на жалост поради масовното убиство во Цетиње, Црна Гора, што се случи во средата на 1 јануари.
Ден на жалост прогласи Владата на Србија на седницата одржана во саботата.
Ацо Мартиновиќ од Цетиње на 1 јануари пукал и убил 12 лица, а потоа се самоубил. Меѓу убиените има и две момчиња на возраст од 13 и 8 години. Во Клиничкиот центар во Подгорица се лекуваат четири лица.
Граѓаните на повеќе градови во Србија запалија свеќи за загинатите во Цетиње, студентите дополнителни 12 минути го продолжија 15-минутниот молк за жртвите од трагедијата во Нови Сад, а државните претставници изразија сочувство до црногорските колеги и народот.
Во Црна Гора беше прогласена тридневна жалост од 2 до 4 јануари, додека ентитетот на БиХ, Република Српска, го прогласи 3 јануари за Ден на жалост.
Сончево време со мала до умерена облачност
Утрото е студено со наместа ниска облачност, а преку денот ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Максималната температура ќе достигне од 5 до 12 степени, а во Скопје, до максимални 6 степени.
Според УХМР, утрово најниска температура во земјава од -11 степени Целзиусови е измерена на Попова Шапка. Висината на снежната покривка измерена во 7 часот е 52 см на Попова Шапка и 44 см во Маврови Анови.
Дипломатски судир меѓу Иран и Италија поради апсења
Иранското Министерство за надворешни работи го повика италијанскиот амбасадор поради апсењето на Мохамад Абедини, кого САД го бараат поради неговата наводна вмешаност во смртоносниот напад со беспилотно летало врз американска база во Јордан.
Абедини беше приведен на аеродромот Малпенса во Милано на 16 декември 2024 година, на барање на американските власти кои го обвинија дека им пркоси на санкциите и дека пренел чувствителни делови од беспилотни летала на Корпусот на Исламската револуционерна гарда на Иран.
Според американските правосудни власти, компонентите биле користени во напад со беспилотно летало во Јордан во јануари 2024 година, во кој загинале тројца американски војници. Иран негираше дека е вклучен во нападот.
Дипломатскиот потег на Иран на 3 јануари дојде еден ден откако италијанското Министерство за надворешни работи го повика иранскиот амбасадор во Рим во знак на протест поради апсењето на италијанската новинарка Сесилија Сала, која беше приведена во Техеран на 19 декември 2024 година.
Италијанското Министерство за надворешни работи соопшти дека Сала, која има подкаст наречен „Приказни“ кој го покрива животот на различни места низ светот, била во Иран за да извршува „новинарски активности“.
На состанокот со италијанскиот амбасадор на 3 јануари, Маџид Нили Ахмадабади, генерален директор за Западна Европа во иранското Министерство за надворешни работи, рече дека апсењето на Абедини е „незаконско“ и повика на негово итно ослободување, според државната новинска агенција Исламска Република.
Ахмадабади, исто така, наводно рекол дека Соединетите Држави се обидуваат да „земат ирански државјани како заложници низ целиот свет“.
Иранските власти молчат за случајот на Сала од нејзиното притворање во декември 2024 година. Откако италијанските медиуми го објавија нејзиното апсење, иранското Министерство за култура објави само дека таа ги „прекршила законите на исламската република“, без да даде дополнителни детали.
Соединетите Држави го нарекоа „одмаздничко“ притворањето на Сала, која беше уапсена три дена по Абедини од страна на Иран. Организациите кои ги следат медиумите, Репортери без граници и Меѓународната федерација на новинари, го опишаа нејзиното апсење како „произволно“ и со цел „изнуда“.
Според веб-страницата на дневниот весник „Ил Фољо“, каде работи Сала, Апелациониот суд во Милано ќе одржи рочиште за случајот на Абедини на 15 јануари.
Неколку европски земји и Соединетите Држави го окарактеризираа апсењето на западните граѓани од страна на Исламската република како „заложничка дипломатија“, тврдејќи дека Иран ги користи овие притворања како договори за пазарење во преговорите со Западот.
Во декември 2024 година, судот во Техеран го осуди Реза Вализаде, двоен американско-ирански државјанин и поранешен новинар на Радио Фарда (иранскиот сервис на РСЕ), на 10 години затвор за „соработка со непријателска влада“.
Вализаде работеше една деценија за Радио Фарда, до ноември 2022 година. Тој го посети своето семејство во Иран на почетокот на 2024 година, пред да биде приведен на 22 септември.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете