Достапни линкови

Вести

Финска поставува база на НАТО во близина на руската граница

Фински пограничен офицер на должност на границата меѓу Финска и Русија, Финска, 4 април 2023 година.
Фински пограничен офицер на должност на границата меѓу Финска и Русија, Финска, 4 април 2023 година.

Финска ќе постави клучна база на НАТО на помалку од 200 километри од границата со Русија, објави Министерството за одбрана на Финска на 27 септември.

Финска стана членка на НАТО во 2023 година поради руската инвазија на Украина во февруари 2022 година и по децении воено неврзување.

Министерот за одбрана на Финска, Анти Хаканен, рече дека новиот штаб на НАТО за северноевропската копнена команда ќе биде во Микели, еден од најблиските градови до границата на Финска со Русија.

„Финска ѝ испраќа порака на Русија дека сме полноправна членка на НАТО и дека НАТО има многу силна улога во одбраната на Финска“, рече Хаканен на прес-конференција.

Командата на војската на финските одбранбени сили веќе се наоѓа на местото каде ќе биде лоцирана идната база.

„Со комбинирање на локациите, постигнуваме најдобра можна синергија помеѓу управувањето со националната одбрана и одбранбениот менаџмент на НАТО“, рече Хаканен.

Според финскиот министер за одбрана, во штабот ќе работат неколку десетици луѓе од различни земји на НАТО.

Деталите за мултинационалните сили на НАТО, познати како напредни копнени сили (ФЛФ) со седиште во неколку земји на источниот фронт на НАТО, ќе бидат објавени во подоцнежна фаза, рече Хаканен.

Финска ја промени својата долгогодишна политика на неутралност по инвазијата на Москва на Украина и стана 31-ва членка на НАТО на почетокот на 2023 година. Оттогаш, Финска ја засили воената обука на резервните единици и граничниот надзор, дозволувајќи им и на авионите на НАТО да патролираат во граничниот воздушен простор, што ја налути соседна Русија.

Земјата со 5,5 милиони жители дели над 1300 километри долга граница со Русија.

Русија објави дека освоила село во украинскиот регион Доњецк

Во близина на градот Покровск, регионот Доњецк, Украина, 20 септември 2024 година.
Во близина на градот Покровск, регионот Доњецк, Украина, 20 септември 2024 година.

Русија објави дека го освоила селото Мариновка во источниот украински регион Доњецк, каде нејзините сили се борат за важниот логистички центар Покровск, јави агенцијата Ројтерс.

Украинскиот Генералштаб не го коментираше статусот на Маринивка, но објави дека областите во близина и Селидов, на југозапад, доживеале најголема концентрација на руски напади во текот на изминатиот ден. Се наведува и дека биле одбиени 42 руски напади на Покровскиот фронт.

Ројтерс не можеше независно да ги потврди извештаите од бојното поле од ниту една страна.

Руските сили го забрзаа напредувањето во Доњецк во последните недели, заземајќи голем број градови и села. Украинскиот претседател Володимир Зеленски оваа недела е во Соединетите Американски Држави(САД) барајќи поддршка за воените напори на Украина.

Американскиот претседател Џо Бајден на 26 септември објави повеќе од осум милијарди долари воена помош за Украина за да му помогне на Киев „да победи во оваа војна“.

Притвор за американски државјанин под обвинение дека се борел за Украина

Московскиот градски суд ја објави одлуката на 27 септември
Московскиот градски суд ја објави одлуката на 27 септември

Градскиот суд во Москва му одреди истражен притвор на 72-годишен државјанин на Соединетите Држави, под обвинение дека им се придружил на украинските вооружени сили кои се борат да ги одбијат инвазивните руски војници. Според ваквото обвинение тој би можел да биде затворен најмалку седум години.

Државните медиуми на 27 септември објавија дека Стивен Хабард, роден во Мичиген, се преселил во градот Харкив во источна Украина во 2014 година.

Обвинителите побараа судот да го задржи Хабард во притвор, тврдејќи дека постои опасност од бегство и дека може „да продолжи со криминалните активности“ доколку биде ослободен.

Судијата се согласи со барањето на обвинителите и одлучи дека Хабард мора да остане во притвор најмалку до 26 март 2025 година.

Претходните ограничувања на Хабард пред судењето остануваат непознати, бидејќи нема извештаи или официјални изјави за неговото апсење или информации за тоа како тој завршил во Москва.

„Свесни сме за извештаите за апсење на американски државјанин. Поради ограничувањата на приватноста не можеме да коментираме повеќе“, се вели во соопштението на Амбасадата на САД во Москва.

Кон крајот на мај 2022 година, три месеци откако Русија ја започна инвазијата против Украина, каналите на Телеграм и медиумите блиски до руската влада објавија видео со човек за кој се тврди дека е Стивен Џејмс Хабард, во кое тој вели дека заедно со неговиот партнер се преселил во градот Изум во регионот Харкив, каде што бил сведок како украинските вооружени сили го „го гранатираат Изум за пропагандни цели и за да создадат паника меѓу локалните жители“.

Не е јасно во кои околности и каде е снимено видеото, но една жена која на профил на Фејсбук е претставена како Триша Хабард Фокс во објава на 27 мај рече дека нејзиниот брат, Стивен Џејмс Хабард, бил „киднапиран во Украина пред речиси три години“ и дека има две видеа на кои тој е врзан и тепан од „руски чеченски бунтовнички војници“.

Москва е обвинета дека таргетира американски граѓани со тоа што ги приведувала под лажни обвиненија, за подоцна да ги користи како договор за пазарење во разговорите за враќање на Русите осудени за злосторства во Соединетите Држави и другите западни земји.

Неколку американски државјани останаа зад решетки во Русија по размената на затвореници на 1 август во која беа вклучени 16 лица, кои Москва се согласи да ги ослободи во замена за осум Руси осудени за злосторства и отслужување затворски казни во САД и Европа.

Американските државјани, новинарката на РСЕ, Алсу Курмашева, новинарот на Волстрит Џурнал, Еван Гершкович, и поранешниот американски маринец Пол Вилан, беа меѓу ослободените во големата размена на затвореници меѓу Русија и западот.

Јапонија доби нов премиер

Шигеру Ишиба
Шигеру Ишиба

Jапонската владејачка партија го избра поранешниот министер за одбрана Шигеру Ишиба за свој лидер, кој наскоро ќе ја преземе функцијата премиер Ишиба.

Ишиба, кој е експерт за одбранбена политика, предложи азиска верзија на воениот сојуз на НАТО и порамноправен безбедносен сојуз меѓу Јапонија и Соединетите Држави.

Ишиба ја победи министерката за економска безбедност Санае Такаичи, која се кандидираше да стане првата жена премиер на Јапонија.

Во моментот кога беше објавена неговата победа, Ишиба стана, мавташе и се поклони многу пати во знак на благодарност.

Тој вети дека партијата повторно ќе стане „скромна и искрена“ и отворена за активна дискусија.

„Ќе го посветам целото мое тело и душа за да ја направам Јапонија безбедна и сигурна земја во која секој ќе може да живее со насмевка“, рече тој.

Премиерот во заминување Фуми Кишидо беше опфатен со партиски корупциски скандали, а ЛДП сакаше нов лидер со надеж дека ќе ја врати довербата на јавноста пред веројатните општи избори.

Некои експерти веруваат дека партиските превирања може да значат дека Јапонија ќе се врати во ерата пред 20 години, кога имаше промени во раководството и политичка нестабилност.

Низата краткотрајни влади ја повредува способноста на јапонските премиери да поставуваат долгорочни политички цели или да развиваат односи со други лидери.

Следниот вторник Кишида и министрите ќе поднесат оставки.

Откако и официјално ќе биде избран на парламентарните избори, Ишиба во текот на денот ќе го предложи составот на новата влада.

Кишида му ја честиташе победата на Ишиба и рече дека ова е нов почеток за неговата партија, наведувајќи дека „ЛДП ќе се прероди, ќе ги исполни очекувањата на граѓаните и ќе постигне резултати“.

Пашинјан: Мирот меѓу Ерменија и Азербејџан е на дофат

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан
Ерменскиот премиер Никол Пашинјан

Мирот меѓу Ерменија и Азербејџан не само што е можен, туку е и на дофат на рака, изјави ерменскиот премиер Никол Пашинјан во својот говор на 79-тото заседание на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк.

„Ова е мој четврти говор пред Генералното собрание на ОН и овој говор ќе се разликува многу од претходните. Главните пораки од моите претходни говори беа поврзани со ќор-сокакот во постигнувањето мир меѓу Ерменија и Азербејџан, но денес сакам да кажам дека мирот меѓу Ерменија и Азербејџан не само што е можен, туку е и на дофат на раката. На 30 август Ерменија и Азербејџан потпишаа 'Регулатива за заедничка активност на комисиите за утврдување на државната граница меѓу двете земји'“, рече Пашинјан.

Тој додаде дека ова е првиот правен документ потпишан меѓу двете земји.

„Што е уште поважно, со овој документ, Ерменија и Азербејџан се договорија да ги дефинираат договорите на Алма Ата од 1991 година како основен принцип за дефинирање на границите меѓу двете земји и ќе се раководат од нив“, рече Пашинјан и објасни дека тоа значи дека двете земји „го потврдуваат принципот на взаемно признавање на територијалниот интегритет и неповредливоста на границите, кој постоел во времето на СССР, што е главен фактор за воспоставување мир“.

Ерменскиот премиер додаде дека сега се потврдува дека двете земји немаат територијални претензии една кон друга.

Двете земји треба да го направат следниот чекор и да го потпишат Договорот за воспоставување мир и дипломатски односи меѓу Ерменија и Азербејџан.

Гренел: Иднината на Србија е со САД, а не со Кина и Русија

Ричард Гренел, американски пратеник за дијалог меѓу Белград и Приштина за време на администрацијата на Доналд Трамп
Ричард Гренел, американски пратеник за дијалог меѓу Белград и Приштина за време на администрацијата на Доналд Трамп

Американскиот пратеник за дијалог меѓу Белград и Приштина за време на администрацијата на Доналд Трамп, Ричард Гренел, изјави дека иднината на Србија е со Соединетите Американски Држави (САД), а не со Кина и Русија, пренесува Гласот на Америка (ВОА).

Тој додаде дека меѓу САД и Србија постои искрено пријателство, без разлика кој е на власт.

„Редовно разговарам со претседателот (на Србија, Александар) Вучиќ и му велам дека мора да се одвои од Русија и Кина и да се зближи со Западот и САД. Како Американец, често давам такви совети и не се воздржувам да промовирам вредностите на Западот“, рече тој.

Гренел беше меѓу гостите на приемот „Србија зад иднината“, организиран од Постојаната мисија на Србија при ОН во Њујорк.

Поранешниот функционер на администрацијата на Трамп и по заминувањето од функцијата остана близок со претставници на властите во Србија.

Српскиот претседател во октомври 2023 година му врачи државна награда и во таа прилика оцени дека улогата на Гренел во дијалогот меѓу Белград и Приштина „не само што придонела за регионалниот мир и стабилност, туку одиграла клучна улога во зајакнувањето на врските меѓу САД и Србија“.

На новинарско прашање за актуелната ситуација во Косово, поранешен функционер кој се уште е активен во кампањата на Доналд Трамп ја критикуваше администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден.

„Многу сум разочаран што сета добра работа што претседателот Трамп ја направи во регионот е фрлена“, рече тој.

Според ВОА, поради интервенција на прес-службата на претседателот на Србија, Гренел не одговорил на прашањето на медиумите за инвестицијата на зетот на Трамп, Џаред Кушнер, на местото на зградата на Генералштабот во Белград.

Србија потпиша договор со компанијата на Кушнер за „ревитализација“ на комплексот на Генералштабот во центарот на Белград, чии делови беа уништени во бомбардирањето на НАТО во 1999 година.

Поранешниот функционер на администрацијата на Трамп често го фалеше проектот на зетот на Трамп во Белград.

Гренел, меѓу другото, оцени дека зградата на Генералштабот во Белград, која е симбол на конфликтот, може да се претвори во мост на пријателство меѓу Србија и САД.

На местото на урнатините од бомбардирањето е планирана изградба на две висококатници со станови и хотели, иако заштитата на културните добра не беше отстранета од оваа зграда, изградена помеѓу 1955 и 1965 година, поради што на тоа се противат стручните институции и организации .

Во очекување на говорот на Нетанјаху во ОН, Израел го отфрла примирјето

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху

Пред очекуваното обраќање на премиерот Бенјамин Нетанјаху на Генералното собрание на ОН на 27 септември, Израел продолжува да го отфрла притисокот на своите сојузници за 21-дневен прекин на огнот во Либан. Тие наведуваат дека ќе ја продолжат борбата против Хезболах „до победа“.

Во израелското бомбардирање на упориштата на Хезболах поддржани од Иран околу Либан загинаа стотици луѓе оваа недела, додека милитантната група возврати со ракетен истрел.

Соединетите Држави, Франција и другите сојузници го објавија повикот за 21-дневен прекин на огнот на 25 септември, откако претседателот Џо Бајден и неговиот француски колега Емануел Макрон се сретнаа на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

Меѓутоа, на 26 септември, израелскиот лидер Нетанјаху отворено го отфрли предлогот за прекин на огнот, наредувајќи и на армијата да ја продолжи „борбата со полна сила“.
Белата куќа изрази фрустрација поради одбивањето, велејќи дека „многу грижа и напор“ биле вложени во предлогот за примирје.

Францускиот претседател Емануел Макрон подоцна рече дека е „грешка“ Нетанјаху да го отфрли прекинот на огнот и дека тој ќе мора да преземе „одговорност“ за регионалната ескалација.

Говорејќи во Канада каде што се состана со премиерот Џастин Трудо, кој исто така го поддржа примирјето, Макрон рече дека планот за прекин на огнот бил подготвен со самиот Нетанјаху.

Во заедничкото соопштение за прекинот на огнот се наведува дека ситуацијата во Либан станала „неподнослива“ и „не е во ничиј интерес, ниту на народот на Израел, ниту на народот на Либан“.

Дали сме сведоци на почетокот на трета либанска војна?
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:59 0:00

Во меѓувреме, либанската национална новинска агенција објави дека Израел извршил воздушни напади на 27 септември рано наутро врз неколку градови во јужен Либан, во кои имало и повредени.

Министерството за здравство на Либан доцна во вечерните часови на 26 септември соопшти дека во израелските напади во последните 24 часа загинале 92 лица, а 153 биле повредени.

Повеќе од 1500 луѓе се убиени од избувнувањето на непријателствата меѓу Израел и Хезболах во октомври минатата година, а во израелските напади врз Либан од 23 до 26 септември загинаа повеќе од 700 луѓе, соопштија либанските власти.

Според Меѓународната организација за миграција, околу 118 000 луѓе се раселени поради борбите во Либан во текот на минатата недела.

Трамп ќе се сретне со Зеленски во Њујорк

Украинскиот претседател Володомир Зеленски и американскиот претседателски кандидат на републиканците, Доналд Трамп
Украинскиот претседател Володомир Зеленски и американскиот претседателски кандидат на републиканците, Доналд Трамп

Поранешниот американски претседател и републикански претседателски кандидат Доналд Трамп денеска (27 септември) во Њујорк ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Зеленски, кој вчера се сретна со американскиот претседател Џо Бајден и со американскиот потпретседател и кандидат на демократите Камала Харис, го продолжи престојот во САД за да се сретне со Трамп. Тој пак минатата недела рече дека „веројатно“ ќе се сретне со Зеленски за време на неговата посета на САД.

До средбата доаѓа откако поранешниот претседател на САД и актуелен републикански претседателски кандидат ги повтори своите сомнежи дека Украина може да ја одбие неиспровоцираната инвазија на Русија и да ја добие војната.

Трамп, исто така, рече дека Украина треба да склучи договор за ставање крај на војната и сугерираше дека Киев требало да направи отстапки за Русија во месеците пред инвазијата на Москва, велејќи дека „секој договор, па дури и најлошиот би бил подобар од тоа што го имаме сега“.

На 26 септември, Бајден го пречека Зеленски во Белата куќа, откако објави милијарди воена помош за Киев и повторно инсистираше на тоа дека Русија „нема да надвладее“ во нејзината инвазија на Украина.

Зеленски му го претстави на Бајден, таканаречениот „план за победа“ и повторно побара Соединетите Држави да ги укинат ограничувањата за употребата на оружјето со долг дострел што ќе им обезбеди да напаѓаат воени цели подлабоко во Русија.

Средба Касаноф-Давкова: Потврдена американската поддршка за македонските евроинтеграции

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на средба со Александар Касаноф, заменик-помошник државен секретар на САД за Западен Балкан
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на средба со Александар Касаноф, заменик-помошник државен секретар на САД за Западен Балкан

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 79-тото Генерално Собрание на Обединетите Нации, во Њујорк оствари средба со Александар Касаноф, заменик-помошник државен секретар на САД за Западен Балкан, а на неа како што соопштија од претседателскиот кабинет била потврдена американската поддршка за македонските евроинтеграции.

Како што информираат од Кабинетот на претседателката, на средбата Сиљановска Давкова ја потенцирала важноста на стратешкото партнерство и пријателство со САД и изразила очекување за засилување на поддршката од официјален Вашингтон за што побрз почеток на пристапните преговори со ЕУ.

„Претседателката Сиљановска Давкова укажа дека во интерес на двете земји и регионот на Западен Балкан е наскоро да бидат отворени првите поглавја во македонските преговори со ЕУ и дека САД ќе имаат конструктивна улога во тој процес, што е важен и поради глобалните безбедносни предизвици. Таа изрази надеж дека Европската Унија ќе почне да ги почитува сопствените одлуки кои укажуваат дека билатералните прашања не смеат да го блокираат процесот на проширување“, се вели во соопштението.

Меѓудругото се додава дека, американскиот заменик помошник државен секретар Александар Касаноф порачал дека претседателката Силјановска Давкова и владата во Скопје може да сметаат на поддршката од САД во обидот да се пробие блокадата со која што се соочува земјата на патот кон ЕУ.

На средбата Касаноф упатил благодарност за македонската воена и техничка поддршка за Украина која што ја потврдува позицијата на земјата како кредибилна земја партнер на САД и членка на НАТО.

Бугарија усвои декларација за запирање на антибугарската кампања во Северна Македонија

илустрација
илустрација

Бугарските пратеници едногласно со 178 гласа „за“ и без расправа донесоа декларација „во врска со систематското и методично уништување на дијалогот меѓу Република Северна Македонија (РСМ) и Република Бугарија и провокативните и навредливи изјави кон Бугарија од владејачки политички фактори во РСМ“.

Во декларацијата, Националното собрание на Бугарија ја потврдува политичката намера и стремеж за завршување на изградбата на Паневропскиот Коридор 8 од бугарска страна и ја повикува Владата на Република Северна Македонија да пристапи одговорно и со добра волја кон сите преземени обврски и договори со цел навремена изградба на делниците од трасата на коридорот на нејзина територија.

Бугарскиот парламент инсистира на враќање на позитивниот дијалог прекинат од РСМ и запирање на антибугарската кампања и провокативните изјави кон Бугарија во РСМ.

Декларацијата ја потврдува волјата на бугарската држава и институции во однос на организирање на заеднички прослави на заеднички историски настани и личности, со оглед на богатата заедничка историја на двете земји.

Народното собрание исто така силно не се согласува со негирањето на заедничката историја на РСМ и Бугарија од страна на членовите на владата на Република Северна Македонија и смета дека тоа е директно кршење на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Бугарија и Република Северна Македонија од 2027 година.

Во преамбулата на декларацијата се апелира до институциите во Република Северна Македонија, во духот на европските вредности и слободи, „да се воздржат од одлуки и дејствија кои сериозно би им наштетиле на односите меѓу двете земји и нивните граѓани“.

Декларацијата е донесена на предлог на проруската партија „Преродба“.

Односите меѓу двете соседни земји се влошени, откако на неодамнешната посета на македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова во Софија, беше фотографирана заедно со бугарскиот колега Румен Радев без македонското знаме, туку само покрај знамето на ЕУ и Бугарија.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG