Достапни линкови

Вести

Претреси во скопско Арачиново: Пронајдени оружје и муниција

илустрација
илустрација

Претреси на повеќе локации во скопско Арачиново се дел од голема полициска акција која се одвивала во текот на ноќта и раните утрински часови.

Според информациите кои досега ги потврди МВР, извршени се претреси на повеќе места, а акцијата е се уште во тек.

„Утрово околу 01.30 часот од страна на полициски службеници од Единицата за брзо распоредување и Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје на локален пат од с.Орланци во правец кон с.Никуштак, во атарот на општина Арачиново, биле пронајдени еден пушкомитралез, девет автоматски пушки, повеќе празни рамки за автоматска пушка и реденик за пушкомитралез, две рамки за автоматска пушка со куршуми, една тегла со муниција, ранец и други предмети“, соопшти МВР.

Пронајденото оружје, како што појаснија надлежните, е предадено на вештачење во Одделот за форензички испитувања.

Од полицијата додаваат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Најмалку 45 загинати во циклон во Мозамбик

Последици од циклонот Чидо на островот Мајот
Последици од циклонот Чидо на островот Мајот

Бројот на загинати од циклонот Чидо во Мозамбик се искачи на 45, додека речиси 500 луѓе се повредени, објави во средата Националниот институт за управување со ризици и катастрофи.

Институтот наведува дека циклонот донел ветрови кои дувале и до 260 километри на час, заедно со обилните врнежи, пренесува АФП.

Според податоците на Институтот, повеќе од 181000 луѓе биле погодени од невремето.

Циклонот погоди дел од северниот дел на Мозамбик, област која редовно е погодена од циклони, која според АФП е веќе ранлива поради конфликти.

Невремето го погоди Мозамбик откако претходно на 15 декември ја опустоши француската територија на островот Мајот во Индискиот Океан, каде што се стравува дека загинале стотици, а можеби и илјадници луѓе.

Се вели дека на островот Мајот биле оштетени станбени згради, владини згради и болница.

„Моите мисли се со нашите сонародници во Мајот, кои поминаа низ најстрашните неколку часа, а за некои изгубија се, ги загубија животите“, рече францускиот претседател Емануел Макрон на 15 декември.

Претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен во недела вети помош од Европската Унија.

Херцог се сретнал со специјалниот пратеник на Трамп за заложниците

Израелскиот претседател Исак Херцог
Израелскиот претседател Исак Херцог

Израелскиот претседател Исак Херцог се сретна со Адам Болер, специјален пратеник на новоизбраниот претседател Доналд Трамп за прашања на заложниците во неговата официјална резиденција во Ерусалим.

Како што јавува агенцијата ДПА, ова е дополнителен знак за напредок кон прекин на огнот во Појасот Газа.

САД заедно со Египет и Катар со месеци се стремат да ја прекинат војната во Појасот Газа. Тимот на Трамп сега игра клучна улога пред неговата инаугурација на 20 јануари.

Војната почна по терористичките напади на 7 октомври 2023 година од појасот Газа од страна на Хамас и други екстремистички организации во кои загинаа 1200 луѓе, а повеќе од 250 беа киднапирани. Хамас е прогласена за терористичка организација од САД и Европската Унија.

Според палестинските здравствени власти, бројот на загинати во регионот се искачи на повеќе од 45000. Израелските власти сметаат дека Хамас сè уште држи 100 заложници, од кои некои веќе не се живи.

Неодамнешните медиумски извештаи сугерираат дека е неизбежен пробив во разговорите за прекин на огнот и ослободување на заложниците.

Борисов: Многу процеси за Северна Македонија се одвиваа без учество на Бугарија

Бојко Борисов
Бојко Борисов

Поранешниот бугарски премиер и лидер партијата ГЕРБ, Бојко Борисов изјави дека вчера разговарал со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта за состојбата на државата на меѓународен план, но и за случувањата во врска со соседна Република Северна Македонија, пренесе БТА.

„Од разговорот (со Кошта) разбрав дека во текот на овие години имаше многу процеси за Северна Македонија во Брисел, во нашите партнерски земји во НАТО, без учество на Бугарија, и се изгуби многу време. Едноставно бев изненаден од објаснувањата што требаше да ги дадам. Мораме да формираме влада и да застанеме многу цврсто на својот став“, изјави Борисов пред новинарите во бугарскиот парламентот.

Тој додаде дека денеска (18 декември) ќе оди во Брисел на Самитот ЕУ-Западен Балкан и оти Бугарија треба да повтоно да си ја зајакне позицијата во регионот.

„Влијанието на Србија, Грција и Турција е огромно. Унгарија сè помоќно е вклучена во овој процес, а ние како лидери на Балканот сега само ги набљудуваме процесите и не не чека ништо добро. Бугарија може и треба да се врати и да застане таму каде што беше пред четири години“, рече Борисов.

Во врска со најавената посета на унгарскиот премиер Виктор Орбан на Бугарија, Борисов истакна дека му е мило што Орбан доаѓа во Софија и ќе може да се види со него.

За преговорите за формирање политичка влада во Бугарија, лидерот на ГЕРБ кажа дека засега одат добро и „колку потивко се одвиваат, толку подобро“.

„Јас сум оптимист бидејќи она што го гледам на меѓународен план не обврзува како држава и како народ да формираме редовна влада“, рече Борисов.

Посочи дека треба да се поминат сите теми и потоа да се излезе пред медиумите. Според него, има желба за формирање влада и кај останатите пратенички групи.

Нови парламентрани избори сакаат само „Продолжуваме со промените“ и „ДПС - Нов почеток“.

Лидерот на ГЕРБ информираше дека „Има таков народ“ ќе се вклучи во разговорите кога ќе има некаква рамка. На прашањето дали ќе се потпише коалициски договор, Борисов одговори дека ќе каже се што треба кога ќе има резултат.

ЕУ: Отворањето на кластерот 3 зависи од позициите и на Белград и на Брисел

илустрација
илустрација

Во писмото до Србија, Европската Унија (ЕУ) потврди дека отворањето на кластерот 3 зависи од усвојувањето на преговарачките позиции и од Белград и од Брисел и дека тоа не го одредува напредокот во преговорите за дадените поглавја.

„ЕУ укажува дека отворањето на кластерот зависи од усвојувањето на преговарачките позиции од поглавјата 10, 16 и 19 од двете страни и дека тоа не го нарушува идниот напредок во преговорите за овој кластер“, се вели во писмото што ЕУ го испрати до Србија на 17 декември.

Со ова писмо, Европската Унија ја повикува Србија да ја развие својата преговарачка позиција за отворање на кластерот 3 во пристапните преговори.

Радио Слободна Европа (РСЕ) имаше увид до писмото испратено до Белград во кое се оценува дека земјите-членки ги информираат белградските власти дека, по оцена на исполнувањето на критериумите за отворање на Поглавје 16 (оданочување) и Поглавје 19 (социјална политика и вработување), ЕУ смета дека во оваа фаза Србија е доволно подготвена за понатамошни преговори за овие поглавја.

Како што е потврдено во овој допис, во процесот на отворање одредени поглавја во преговорите, неопходно е двете страни да ги подготват своите преговарачки позиции.

Во овој случај, тоа значи дека, освен Белград, и ЕУ го изготвува својот заеднички став, кој подразбира став договорен меѓу 27-те земји-членки. Постои можност секоја земја-членка да ги презентира своите ставови.

Она што се зборува во бриселските дипломатски кругови е дека Србија им ветила на земјите членки дека ќе направи одредени работи до крајот на јануари и дека Европската Комисија потоа ќе поднесе извештај за тоа, кога ќе се оцени дали земјата заслужила да продолжи понатаму, односно кон отворањето на тие поглавја. Тоа ја подразбира одлуката на ЕУ да почне да работи на својата преговарачка позиција.

А во случај Европската Комисија да потврди дека се исполнети сите технички услови за овие поглавја, како што е наведено во заклучоците на Советот на ЕУ, напредокот во дијалогот со Косово и во владеењето на правото го одредува темпото на целиот процес на преговори.

Во заклучоците усвоени на 17 декември, ЕУ потврди дека ќе го разгледа прашањето за отворање на кластерот 3 со Србија, откако земјата ќе постигне значителен напредок во областа на владеењето на правото, односно во поглавјата 23 и 24, како и во нормализацијата на дијалогот со Косово.

Распишани меѓународни потерници по Груби и Бајрами

Меѓународни потернници по Артан Груби и Перпарим Бајрами
Меѓународни потернници по Артан Груби и Перпарим Бајрами

Министерството за внатрешни работи распиша меѓународни потерници за поранешниот вицепремиер Артан Груби и директорот на Државна Лотарија Перпарим Бајрами кои се товарат за проневера на околу осум милиони евра од Државна лотарија.

Јавното обвинителство на 17 декември соопшти дека ќе побара од Министерството за внатрешни работи да распише потерница по овие две лица на кои Основноот кривичен суд им определи мерка притвор од 30 дена.

Двете лица се недостапни за органите на прогонот.

Груби во неделата преку објава на Фејсбук напиша дека е во приватна посета на Косово и дека за тоа е известено неговото лично полициско обезбедување. Тој беше ставен на „црната листа“ на Стејт департментот, објавена на 9 декември, поради вмешаност во значителна корупција, политичко мешање и обиди за оцрнување на судството.

Премиерот Христијан Мицкоски деновиве изјави дека и Артан Груби и Перпарим Бајрами не се наоѓаат на територија на Северна Македонија.

За Груби рече дека „заедно со уште едно лице, стопанственик во возило со дипломатски таблички ја напуштил Македонија и последно се упатил кон нашиот северен сосед Косово“. За екс директорот на Државна лотарија, Перпарим Бајрами рече дека подолго време не се наоѓал во државата.

Во врска со истрагата за проневера во Државна лотарија, осомничени се повеќе лица, меѓу кои поранешен премиер и прв вицепремиер, поранешен генерален секретар и државни службеници.

Груби е член на опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ), поранешен пратеник и вицепремиер во претходната влада на СДСМ и ДУИ.

Шефот на Советот на Европа во Грузија поради протестите

Шефот на Советот на Европа Ален Берсет
Шефот на Советот на Европа Ален Берсет

Шефот на Советот на Европа Ален Берсет на 18 декември отпатува за Грузија поради тековните протести против владејачката партија Грузиски сон по нејзината еднострана одлука да ги одложи преговорите со Европската Унија (ЕУ).

Демонстрантите, исто така, повикаа на нови избори по наводите за изборна измама за време на парламентарните избори во октомври, чии резултати опозицијата одби да ги признае поради обвинувањата дека Грузиски сон ги наместил изборите за да остане на власт.

Берсет во изјавата рече дека неговата посета има за цел да потврди дали условите за континуирана соработка меѓу континенталната организација за човекови права и грузиската влада се уште се исполнети откако полицијата употреби прекумерно насилство врз мирните демонстранти.

Безбедносните сили повеќе од три недели ги тераат демонстрантите, приведувајќи и ранувајќи десетици луѓе кои ја обвинуваат владата дека ја турка Грузија подалеку од ЕУ и поблиску до Русија.

„Како земја-членка на Советот на Европа од 1999 година, Грузија е обврзана да ги почитува своите основни обврски: демократија, заштита на човековите права и владеење на правото“, рече Берсет во изјавата објавена пред посетата.

Грузиски новинари претепани од маскирани лица на тековните протести
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:26 0:00

„Во сегашниот тензичен и загрижувачки контекст, Советот на Европа ги повикува сите страни да избегнат каква било ескалација на тензиите. Ги повикува властите да се воздржат од непропорционална употреба на сила и да ги почитуваат основните слободи, особено слободата на изразување и собирање,“ рече Берсет.

„Овие принципи се клучни за гарантирање на стабилноста на земјата и исполнување на очекувањата на грузискиот народ“, додаде тој.

На власт од 2012 година, Грузиски сон беше основан од милијардерот и поранешен премиер Биџина Иванишвили, познат по неговите пријателски односи со Русија.

Грузија доби статус на кандидат за членство во ЕУ во декември минатата година, но односите со Брисел беа затегнати во последните месеци по усвојувањето на контроверзниот закон за „странски агенти“ во мај.

Критичарите велат дека законот им се заканува на медиумите и граѓанските групи и го отсликува рускиот закон што го користи Кремљ за да ги задуши политичките противници и граѓанското општество.

Откако владејачката партија Грузиски сон прогласи победа на изборите на 26 октомври за кои прозападната опозиција и грузиската претседателка Саломе Зурабишвили велат дека биле наместени со помош на Москва, протестите повторно се разгореа и се интензивираа откако владата соопшти дека ги прекинува разговорите со Брисел за кандидатурата на Грузија за влез во ЕУ до 2028 година.

Уапсен е осомничениот за атентатот на генерал Кирилов

Генерал-полковник Игор Кирилов и неговиот помошник беа убиени во Москва на 17 декември 2024
Генерал-полковник Игор Кирилов и неговиот помошник беа убиени во Москва на 17 декември 2024

Руските власти на 18 декември објавија дека уапсиле државјанин на Узбекистан кој признал дека поставил експлозивна направа во која загина висок руски офицер.

Генерал-полковник Игор Кирилов и неговиот помошник беа убиени од бомба скриена во скутер пред влезот на зграда во Москва рано на 17 декември.

Иако ниту еден поединец или група официјално не ја презеде одговорноста за убиството, извор од украинската безбедносна служба СБУ за РСЕ изјави дека експлозијата била резултат на специјална операција на СБУ.

Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) во соопштение од 18 декември наведе дека неименуваниот осомничен бил регрутиран и обучен од украинските специјални служби.

ФСБ објави дека осомничениот, по инструкции од Украина, „пристигнал во Москва, добил рачно изработена експлозивна направа со голема моќност и ја ставил на електричен скутер, кој го паркирал во близина на влезот во куќата на генерал Игор Кирилов“.

Во соопштението се наведува дека осомничениот ја активирал бомбата кога Кирилов и неговиот помошник излегувале од зградата.

„Неименуваниот осомничен, кој е роден во 1995 година, добил 100 000 долари за убиството, како и престој во европска земја“, се вели во соопштението и се додава дека на осомничениот му се заканува доживотен затвор за наводното кривично дело.

„Украинските специјалци вклучени во организацијата на терористичкиот напад ќе бидат пронајдени и ќе ја добијат заслужената казна“, соопшти ФСБ.

Кирилов е највисокиот руски воен офицер кој е убиен во очигледен атентат од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Убиството на Кирилов доаѓа ден откако СБУ објави дека украинските обвинители го обвинија дека е одговорен за употреба на хемиско оружје против украинските војници за време на војната што започна со руската инвазија на Украина.

СБУ соопшти дека руските сили користеле хемиско оружје речиси 5000 пати за време на војната во Украина под водство на Кирилов. Тврдењето не можеше да се потврди независно.

Руските трупи за нуклеарна, биолошка и хемиска заштита (РКхБЗ) се специјални сили кои дејствуваат во услови на радиоактивна, хемиска и биолошка контаминација.

Кирилов е еден од бројните руски офицери и провоени фигури кои се убиени во Русија и делови од Украина под руска окупација. Неговата смрт дојде една недела откако висок функционер на руска компанија која развива крстосувачки ракети користени од Москва во војната, наводно, бил застрелан надвор од главниот град.

Четиринаесет загинати во земјотресот во Вануату, се трага по преживеани

Тешко оштетената зграда во која се сместени амбасадите на Соединетите Држави, Велика Британија и Нов Зеланд по силниот земјотрес што го погоди Порт Вила, главниот град на Вануату, на 17 декември 2024
Тешко оштетената зграда во која се сместени амбасадите на Соединетите Држави, Велика Британија и Нов Зеланд по силниот земјотрес што го погоди Порт Вила, главниот град на Вануату, на 17 декември 2024

Бројот на загинати во земјотресот со јачина од 7,3 степени според Рихтеровата скала што го погоди Вануату во вторникот (17 декември) се искачи на 14, додека тимовите за пребарување минуваат низ купишта урнатини за да се обидат да ги лоцираат преживеаните.

Други 200 се згрижени со повреди, а во текот на ноќта биле забележани силни последователни потреси.

Двајца од загинатите се кинески државјани, изјави кинескиот амбасадор во Вануату Ли Мингганг за државните медиуми.

Во земјотресот биле оштетени згради, вклучително и амбасадите на САД, Франција, Велика Британија и Нов Зеланд. Прекинато е и снабдувањето со електрична енергија и мобилните услуги.

Полицијата на Вануату соопшти дека е прогласена седумдневна вонредна состојба за да се ограничи движењето на јавноста додека траат операциите за пребарување и спасување.

„Се проценува дека околу 116 000 луѓе би можеле да бидат погодени од најтешките последици од земјотресот“, објави Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања.

Вануату и Нова Каледонија се наоѓаат на таканаречениот Огнен прстен на Пацификот, односно геолошки најактивната зона на Земјата.

Премиерот Мицкоски ќе учествува на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел

илустрација
илустрација

Имплементацијата на Планот за раст на Западниот Балкан, напорите за регионална интеграција, како и можностите за натамошно унапредување на постепената интеграција меѓу Европската Унија и регионот, ќе бидат главни теми на денешниот Самит ЕУ-Западен Балкан на кој ќе учествува и премиерот Христијан Мицкоски, придружуван од министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и за европски прашања Орхан Муртезани.

Како што најави Владата, покрај учеството на Самитот, премиерот Мицкоски ќе има средби и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и со неговите колеги од Шпанија и Полска, Педро Санчез и Доналд Туск.

Утре (19 декември), Мицкоски ќе учествува и на Самитот на Европската народна партија (ЕПП), кој ќе се одржи пред средбата на шефовите на држави или влади на членките на ЕУ.

Во пресрет на посетата на Брисел, премиерот Мицкоски во саботата изјави дека пораките кои доаѓаат од таму „не се баш така јасни“, но дека нашата порака е јасна оти ние доволно направивме како ниту една држава во ЕУ.

„Ние ќе продолжиме да промовираме европски вредности, ќе си ја вршиме домашната задача, ако се подготвени да најдеме конструктивно решение и да го продолжиме патот во ред, во секое време сме подготвени позитивно да одговориме на таквото барање, во спротивно можам да заклучам дека ние како држава, Балканот, за жал не сме во фокусот на оваа администрација на Брисел“, изјави Мицкоски.

Според него, во Брисел има политичари кои „одлучија да бидат заложници на политичари кои се уште се со мислите во средниот век, наместо да гледаат кон 21 и 22 век“.

Инаку, во најавата на Европскиот совет за Самитот ЕУ-Западен Балкан, се посочува дека лидерите на Унијата и на земјите од регионот ќе го искористат состанокот како можност за продолжување на новиот моментум во нивното стратешко партнерство, вклучително и размислувања за тоа како да се продлабочи тоа партнерство со цел европските партнери од регионот да се движат кон заедничка иднина во Европската Унија.

Предвидено е на Самитот, кој почнува доцна попладнево, да стане збор и за унапредување на интеграцијата на Западниот Балкан со ЕУ преку Планот за раст на регионот, продлабочување на соработката во повеќе области, вклучително и надворешната и безбедносната политика, изградбата на економска основа за заедничката иднината, ублажување на влијанието на руската агресија врз Украина, справувањето со миграцијата и борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG