Достапни линкови

Вести

Нападната деканката на Филозофскиот факултет во Ниш

Србија - Наталија Јовановиќ, деканка на Филозофскиот факултет со студенти кои ја почнаа блокадата на факултетот, Ниш, 6 декември 2024 година.
Србија - Наталија Јовановиќ, деканка на Филозофскиот факултет со студенти кои ја почнаа блокадата на факултетот, Ниш, 6 декември 2024 година.

Деканката на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Ниш, Наталија Јовановиќ, била нападната на 30 март, потврди нишката полиција за Радио Слободна Европа (РСЕ).

„Постои сомневање дека со нож била нападната деканката на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Ниш. Ѝ се укажува помош во Клиничкиот центар и се работи на расветлување на сите околности за настанот“, велат за РСЕ од полициската управа во Ниш.

Деканката Јовановиќ и претходно беше цел на напади и закани, бидејќи ги поддржуваше студентските протести и блокадите на факултетите.

Таа била нападната во пресрет на протестот во Ниш, а нејзиниот сопруг за агенцијата Бета изјавил дека до понатамошна наредба ќе биде задржана во Ургентниот центар, не поради повредата, туку поради високиот притисок.

Тој исто така изјави дека „зад овој напад стои потписот на (српскиот претседател Александар) Вучиќ, бидејќи тој ја „посочил неа како едно од главните зла во Ниш“.

Јовановиќ беше меѓу првите раководители на факултет во Србија што ги поддржа студентските барања, а нејзиниот Филозофски факултет беше првиот во Ниш што ги отвори вратите за студентите од блокадата.

Од крајот на ноември, студентите блокираа десетици државни факултети на пет универзитети во Србија.

Бараат утврдување политичка и кривична одговорност за падот на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември кога загинаа 16 лица.

Бараат и санкционирање на напаѓачите на студентите на протестите по трагедијата и прекин на постапката против уапсените демонстранти.

Надлежните тврдат дека се исполнети сите барања на студентите, ги повикуваат да ги отворат факултетите, а академиците велат дека барањата не се исполнети и дека продолжуваат со блокирање на факултетите.

Студентските барања ги поддржаа организации на просветни работници, правници, универзитетски професори, земјоделци и други граѓани.

Протести предводени од студенти се одржаа во повеќе од 300 градови и населени места во Србија со учество на стотици илјади луѓе.

Турција го поздрави формирањето на преодната влада на Сирија

Турција - Зградата на Министерството за надворешни работи на Турција, Анкара, 24 април 2020 година.
Турција - Зградата на Министерството за надворешни работи на Турција, Анкара, 24 април 2020 година.

Турција го поздравува формирањето на преодна влада во Сирија, соопшти турското Министерство за надворешни работи, додавајќи дека овој потег е знак дека новите владетели на Сирија имаат инклузивен пристап кон раководството на земјата, јави Ројтерс.

Во соопштението на Министерството се вели дека меѓународната заедница треба да ги зголеми напорите за поддршка на Сирија, вклучително и со целосно укинување на санкциите за да може да започне обнова на земјата.

Во соопштението пишува и дека Турција, еден од главните моќници во Сирија по соборувањето на поранешниот претседател Башар ал Асад од бунтовниците, ќе продолжи да го поддржува сеопфатниот и инклузивен период на транзиција“.

Сирискиот претседател Ахмед ал Шара формира нова преодна влада, назначувајќи 23 министри во проширениот кабинет, што се смета за клучна пресвртница во транзицијата од децениското владеење на семејството Асад и подобрување на врските на Сирија со Западот.

Бунтовничките сили во Сирија, предводени од организацијата Хајат Тахрир ал - Шам (ХТС) – прогласена од САД за терористичка организација, ја презедоа власта во земјата во декември минатата година, по соборувањето на сирискиот претседател Башар ал Асад.

Новата власт во Сирија предводена од сунитските исламисти беше под притисок од Западот и арапските земји за да формира влада што ќе ги вклучува различните етнички и верски заедници во земјата.

Поранешниот сириски претседател Башар Ал Асад ја напушти земјата на 8 декември 2024, откако ХТС ја собори владата. Тој доби политички политички азил во Русија од страна на претседателот Владимир Путин.

Зеленски повика на „силен одговор“ од Западот на руските напади

Украина - Володимир Зеленски, претседател на Украина, Киев, 23 февруари 2025 година.
Украина - Володимир Зеленски, претседател на Украина, Киев, 23 февруари 2025 година.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на „силен одговор“ од западните партнери на Украина по интензивирањето на смртоносните руски напади, вклучително и воздушните напади врз воената болница во Харков и градовите Дњепар и Криви Рих.

„Нашите партнери треба јасно да разберат: овие напади не се само напади врз украинските цивили, туку и врз сите меѓународни напори - врз самата дипломатија што се обидуваме да ја искористиме за да ставиме крај на оваа војна“, рече Зеленски во ноќно видео обраќање меѓу 29 и 30 март.

Украинскиот претседател рече дека „Русија ги удира позициите на сите што сакаат да ја прекинат оваа војна“, додавајќи дека „невозможно е да се игнорираат стотиците ирански беспилотни летала „Шахед“ што Русија ги лансира секоја вечер.

„Очекуваме сериозен одговор. Работиме на одговор. Итно е потребен силен одговор - пред сè од САД, Европа и сите во светот кои се обложуваат на дипломатијата. Русија мора да биде принудена на мир - само притисокот ќе работи“, рече Зеленски.

Тој додаде дека „предолго“ американскиот предлог за безусловен прекин на огнот бил на маса „без соодветен одговор од Русија“.

На изјавата на Зеленски и претходеше 24-часовен период на интензивирање на смртоносните напади на руските сили, објави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Украинскиот Генералштаб доцна во саботата објави дека „руски терористи нападнале воена болница во градот Харков“ со беспилотни летала.

„Како резултат на нападот со беспилотно летало од типот Шахед, оштетена е зградата на болницата и околните станбени згради. Според прелиминарните податоци, меѓу војниците кои биле згрижени во здравствениот дом има и повредени“, соопшти командата на украинската армија.

Градоначалникот на Харков, Ихор Терехов, изјави дека најмалку две лица се убиени.

Претходно, регионалниот гувернер изјави дека во напад на руски дрон врз градот Дњпар во југоисточна Украина доцна во петокот загинале четири лица и дека голем пожар избил во хотелско-ресторански комплекс, како и во неколку приватни куќи.

Руските сили употребија повеќе од 20 дронови во нападот на Дњепар, при што беа повредени 25 лица. Зеленски рече дека меѓу повредените има и трудница.

Руското Министерство за одбрана објави дека нивните сили зазеле села во јужниот регион Запорожје и во источниот регион на Доњецк.

Овие тврдења не можат независно да се потврдат.


Сообраќајот се одвива непречено, по влажни коловози

Илустрација
Илустрација

Сообраќајот на државните патишта се одвивa непречено, по влажни коловози, соопштија од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ).

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Ноќеска од 03:15 часот на регионалниот пат Валандово - село Удово, пред село Јосифово на Калковска Река има нанос од песок и сообраќајот се одвива отежнато.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Променливо облачно со повремени врнежи од дожд

Илустрација
Илустрација

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Попладне се очекува нестабилно со пороен дожд, појава на грмежи и засилен ветер, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи(УХМР).

Минималната температура ќе биде од 2 до 10 целзиусови степени, а максималната ќе достигне од 12 до 19 целзиусови степени.

Во Скопје времето ќе биде променливо облачно со повремен дожд. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 17 целзиусови степени.

Протест пред ТВ Информер во Белград поради известување за студентските протести

Србија - Протест пред ТВ Информер, Белград, 29 март 2025 година.
Србија - Протест пред ТВ Информер, Белград, 29 март 2025 година.

Илјадници луѓе се собраа на протест пред зградата на провладината телевизија Информер во Белград и бараат забрана за работа на Информер поради начинот на известување за демонстрациите на студентите во Србија и кршење на новинарскиот кодекс.

Репортерите на Радио Слободна Европа (РСЕ) јавија дека полицијата го чува приодот до телевизијата, а пред зградата е подигната и ограда.

„Информаторот е директно во служба на власта. Политички билтен маскиран во медиум. Тука сме да покажеме дека вистината не се продава“, рече еден од студентите присутни на протестот и прочита извадоци од новинарскиот кодекс кој пропишува објективни информации.

Директна причина за протестот беше коментарот на Драган Ј. Вучиќевиќ, главен уредник на телевизијата Информер и на истоимениот дневен весник, кој во програмата на тој медиум зборуваше за приватниот живот на студентот Давуд Делимеѓац.

„Информер со ова уште еднаш покажа дека не е медиум, туку алатка на пропаганда која работи над законите без никакви последици“, соопшти на 18 март групата „Студенти во блокада“.

Студентите од 26 ноември лани блокираат повеќе од 60 факултети на пет универзитети во Србија и бараат кривична и политичка одговорност од властите за смртта на 16 лица при падот на настрешницата на главната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември 2024.

Оттогаш, на покана на студентите, се одржаа десетици протести во повеќе од 400 градови и населени места низ земјата, на кои учествуваа стотици илјади луѓе.

Според извештај на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ), против Телевизија Информер во 2025 година биле поднесени 20 претставки за ширење говор на омраза, отворена пропаганда, манипулации и дезинформации.

Прописите во Србија регулираат дека медиумот што добива дозвола за емитување е должен да ги почитува законите, да придонесува за плурализмот и да има содржини од јавен интерес за информирање на граѓаните.

Двајца пациенти се враќаат од Литванија и Шведска, четворица се во критична состојба

Северна Македонија - Арбен Таравари, министер за здравство.
Северна Македонија - Арбен Таравари, министер за здравство.

Од вкупно хоспитализирани 21 пациент во Скопје по несреќата во Кочани, денеска ќе бидат пуштени пет. Четири пациенти од оние кои се лекуваат во странство се критични, кај двајца повторно е влошена состојбатаа, рече министерот за здравство, Арбен Таравари, на прес-конференција на 29 март.

Пациентите беа повредени во пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочанина 16 март, при што загинаа 59 лица, а околу 200 беа повредени. Повеќе од половина од повредените беа испратени на лекување во странски медицински центри.

Се уште има и интубирани пациенти во тешка, но не и животно загрижувачка состојба, рече Таравари.

Надвор од државата се 89 пациенти, но двајца се враќаат од Литванија и Шведска. Тие најпрво ќе бидат примени и прегледани во домашните болници од каде биле и испратени, според протоколот ќе бидат задржани 24 часа, а потоа ќе бидат пуштени дома.

За утре нема најава за враќање на други пациенти од странство, но во понеделник, истакна министерот, сигурно ќе се вратат уште петмина.

-Од хоспитализираните, шест се во Клинички центар, шест во Градската болница и пет во ГОБ „8 Септември", додека четворица се во приватните клиники. Денеска има пет исписи на пациенти кои се во подобра состојба и одат на домашно лекување по што ќе останат вкупно 16, информира Таравари.

Трагедијата во Кочани предизвика низа протестни собири на граѓаните во Северна Македонија кои бараат правда и одговорност.

Светската здравствена организација предлага намалување на буџетот и на бројот на вработени

Швајцарија - Логото на Светската здравствена организација (СЗО) пред седиштето во Женева, Швајцарија, 11 јуни 2009 година.
Швајцарија - Логото на Светската здравствена организација (СЗО) пред седиштето во Женева, Швајцарија, 11 јуни 2009 година.

Светската здравствена организација (СЗО) предлага да го намали персоналот и обемот на работа, а притоа да го намали својот буџет за нешто повеќе од една петтина поради кратењата на финансирањето од Соединетите Американски Држави (САД), јави Ројтерс, повикувајќи се на интерен меморандум во кој новинската агенција имала увид.

По преземањето на функцијата во јануари, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги повлече САД од СЗО, наведувајќи дека глобалната здравствена агенција постапила неправилно за време на пандемијата со Ковид-19 и во други меѓународни здравствени кризи.

САД обезбедуваат најголема финансиска поддршка за СЗО, покривајќи околу 18 отсто од вкупното финансирање на организацијата.

„Најавата на САД, во комбинација со неодамнешните кратења на официјалната развојна помош за некои земји за финансирање на зголемените трошоци за одбраната, ја направи нашата ситуација многу поакутна“, се вели во меморандумот на СЗО, датиран на 28 март и потпишан од генералниот директор на организацијата, Тедрос Аданом Гебрејесус.

Повлекувањето на САД од СЗО ја влоши финансиската криза бидејќи членките ги намалија трошоците за развој. Соочена со празнина во приходите од речиси 600 милиони долари оваа година, СЗО предложи помал буџет за 2026-2027 година за 21 отсто -односно од 5,3 милијарди долари на 4,2 милијарди долари.

Во февруари, извршниот одбор на СЗО првично го намали предложениот буџет за периодот 2026-2027 година од 5,3 милијарди долари на 4,9 милијарди долари, се вели во документот.

„И покрај нашите најдобри напори, сега сме до точка каде немаме друг избор освен да го намалиме опсегот на нашата работа и работна сила“, пишува во меморандумот во кој Ројтерс имал увид.

Документите на СЗО покажуваат дека повеќе од една четвртина од 9.473 вработени се во Женева.

Според Ројтерс, во внатрешен меморандум од 10 март, исто така, се вели дека СЗО почнала да поставува приоритети и објавила едногодишно ограничување на договорите на вработените.

Во меморандумот се вели дека персоналот работи на обезбедување дополнителни средства од земјите, приватните донатори и филантропите.

САД ги одложија санкциите за Српската нафтена индустрија

Србија - Нафтена индистрија на Србија (НИС) со активности во Војводина, август 2020 година.
Србија - Нафтена индистрија на Србија (НИС) со активности во Војводина, август 2020 година.

Нафтената индустрија на Србија (НИС) соопшти дека американското Министерство за финансии издало нова специјална лиценца која до 28 април 2025 годинаго одложи стапувањето во сила на санкциите против таа компанија поради руската сопственост во неа.

Таа лиценца ѝ овозможува на компанијата, на која на 10 јануари ѝ беа најавени американски санкции поради уделот во рускиот „Гаспром Нефт“, непречено да ги извршува своите оперативни активности до 28 април или до укинување на санкциите, доколку дојде до такво нешто.

Санкциите требаше да стапат на сила на 28 февруари.

НИС, единствената компанија во Србија која се занимава со истражување, производство и преработка на производство на нафта и природен гас, беше санкционирана поради таканаречениот „секундарен ризик“, односно поради поврзаноста со „Гаспром Нефт“, кој е под санкции на Западот поради руската инвазија на Украина.

По објавувањето на санкциите против НИС, „Гаспром Нефт“ префрли околу пет отсто од својот удел на Гаспром, руска компанија која не е опфатена со западните санкции. Сега, уделот на Гаспром нефт во НИС изнесува помалку од 50 отсто (44,85).

Дури и со променетата сопственичка структура, руските компании сè уште имаат мнозински удел во НИС.

Повеќе од илјада загинати во земјотресот во Мјанмар

Последици од земјотресот во Мјанмар, 29 март 2025 година.
Последици од земјотресот во Мјанмар, 29 март 2025 година.

Странски спасувачки тимови пристигнуваат во Мјанмар за да помогнат во потрагата по преживеани од земјотресот во кој загинаа повеќе од 1.000 луѓе во сиромашната југоисточна азиска земја, уништувајќи ја критичната инфраструктура во услови на граѓанска војна, јави агенцијата Ројтерс.

Бројот на загинати во Мјанмар досега е 1.002 лица, соопшти воената влада на 29 март, што е значително поголем од првичните извештаи на државните медиуми за 144 мртви во петокот, на 28 март.

Најмалку девет лица загинаа во соседен Тајланд, каде земјотрес со јачина од 7, 7 степени по Рихтер урна и облакодер во изградба во главниот град Бангкок, при што 30 лица останаа заробени под урнатините, а 49 се водат како исчезнати.

Проценките на Американскиот геолошки институт покажуваат дека бројот на загинати во Мјанмар може да надмине 10.000 лица.

Земјотресот во Мјанмар оштети патишта, мостови и згради, соопшти Воената хунта.

Русија, Индија, Малезија и Сингапур испратија авиони со хуманитарна помош и со персонал во Мјанмар. Јужна Кореја најави дека ќе обезбеди првични два милиони долари хуманитарна помош преку меѓународни организации.

САД, кои ги затегнаа односите со војската на Мјанмар и воведоа санкции за нивните официјални лица, вклучително и шефот на хунтата Мин Аунг Хлаинг, соопштија дека ќе обезбедат одредена помош.

Земјотресот на 28 март попладне погоди значителни делови од земјата, од централните рамнини околу Мандалеј до ридовите Шана, чии делови не се целосно под контрола на хунтата.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG