Случувањата во Украина - реакции и последици врз Македонија

Илустрација

Властите во Македонија силно го осудуваат признавањето од страна на Русија на украинските области Доњецк и Луганск како независни и стравуваат дека ескалацијата меѓу Русија и Украина може да има последици врз цените на енергијата. Русија и Украина не се големи трговски партнери на Македонија, но земјава е зависна економија и случувањата на глобалниот пазар ќе имаат голема улога и дома. Политички, пак, можни се притисоци, сајбер напади, непријатни сценарија, вели поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин.

Премиерот Димитар Ковачевски, а претходно и министерот за надворешни работи Бујар Османи преку своите профили на Твитер ја осудија одлуката на Русија.

„Ваквиот чин е директен напад врз територијалниот суверенитет и интегритет на Украина и кршење на договорите од Минск и одлуките на Советот на ООН од 2015. Заедно со НАТО сојузниците повикуваме на решавање на конфликтот по дипломатски пат“, напиша премиерот Ковачевски на Твитер.

Министерот Османи напиша дека „Северна Македонија уште еднаш ја повторува својата недвосмислена поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“.

Видете и ова: Руско признавање на делови од Украина како „тактика на притисок“


Рускиот претседател Владимир Путин синоќа ја објави својата одлука да го признае повикот на сепаратистите поддржани од Русија за признавање на независноста на Доњецк и Луганск. Потоа Путин нареди да се испратат руски трупи во регионот на источна Украина под контрола на сепаратистите.

Поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин за РСЕ потсетува на изјава на поранешниот американски државен секретар Џон Кери, кој пред неколку години кажал дека линијата на геополитичкото раздвојување меѓу Истокот и Западот поминува и низ Балканот.

„Без да се дига некоја голема паника сепак ќе бидеме изложени и ние како држава, како членка на НАТО, на можни непријатни сценарија, сајбер напади, можни предупредувања итн.“, вели Ружин.

Тој вели дека случувањата околу Украина ќе имаат одредени ефекти и во регионот на Западен Балкан.

„Во смисла дека и Србија ги става во еден вид подготвителна состојба своите сили и дека ќе претрпи одредени притисоци од страна на меѓународната заедница, како од страна на ЕУ, така и од страна на Русија, бидејќи, како што знаеме, со една нога Србија соработува со Русија, а од друга страна е аспирант за членство во ЕУ, но постојано се повикува на неутралност. А Северна Македонија, Албанија и Црна Гора се наоѓаат во посебна ситуација на готовност и како сојузници на САД и како членки на НАТО, имаат посебна стратегија како да се однесуваат во такви ситуации“, вели Ружин.

Грешка на серверот

Како што гледате, ова не е тоа што сакавме да ви го покажеме

Користете го Пребарај за да побарате и на други места

Економски импликации

Министерот за финансии Фатмир Бесими за време на вчерашната посетата на Брисел со своите домаќини еврокомесарите за економија Паоло Џентилони, за проширување, Оливер Вархеји и за буџетот на ЕУ, Јоханес Хан разговарал и за економската состојба во земјава и за глобалната економска криза, за која придонесува руско-украинскиот конфликт.

Бесими синоќа рече дека доколку тензиите со Украина ескалираат или не се решат во насока на предвидливост, веројатно дел од тоа ќе влијае врз цените на енергетските пред сè, а и на другите производи. Иако не сака да шпекулира, Бесими признава дека кризата меѓу Украина и Русија може потенцијално да донесе влошување на европските пазари.

„Тоа зависи од импактот врз пазарите во Европа во делот на енергенсите, што веќе се почувствува. Може да биде полошо ако нешто се случи, ако ескалира ситуацијата и врз цените, имаме и едно и друго. Други ескалации, зависи во која насока ќе бидат импликациите, може да има евентуален недостаток на енергија, но тоа сега за сега останува шпекулативно сценарио“, вели Бесими.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Руски воени возила и тенкови влегуваат во Украина

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска викендов рече дека директната изложеност на нашата кон руската и украинската економија е мала и оттаму не се очекуваат позначителни директни ефекти, пренесе Народна Банка. Но сепак се можни индиректните ефекти, бидејќи Русија е меѓу најголемите извозници на енергија и метали во светот, додека Украина меѓу најголемите извозници на жито, вели Бежоска.

Видете и ова: Кинеско-руските односи: нов светски поредок или прикриена борба за моќ?

Гувернерката на Народна банка вели дека трговијата со Русија и Украина учествува со само 2 отсто во вкупната трговска размена на нашата земја, странските директни инвестиции од овие економии изнесуваат само 0,5 отсто во вкупните и не се присутни во финансискиот сектор, а само 0,1 отсто од дознаките доаѓаат од Русија и Украина.

Русија се наоѓа на 20 место меѓу најголемите трговски партнери на Македонија. Со неа имаме трговска размена од 182 милиони евра годишно. Украина, пак, не е меѓу најголемите 20 партнери, покажуваа податоците од Заводот за статистика.

Економскиот аналитичар Арбен Халили вели дека македонската економија е мала и зависна и дека кризата околу Украина ќе погоди неколку економски сектори.

„На пример набавката на гас или продажбата, особено, на земјоделските производи, како вино или на јаболката наесен. Генерално не сметам дека ќе има некој голем импакт врз нашата економија, поради фактот што не зависи ниту набавката на суровините, ниту пак Русија и Украина ни се некој главен пазар каде што ни се продаваат домашните производи. Дека ќе има некаков импакт, ќе има, но да се прикаже конфликтот како главна причина за зголемување на цените или што било, сметам дека не би било коректно“, вели Халили.

Видете и ова: Енергетската криза „изеде“ една гасна централа


Владата на Македонија од ноември минатата година прогласи енергетска криза предизвикана од порастот на цените на енергенсите на светските пазари. Од почетокот на годинава поскапеа струјата за домаќинствата и парното, а постојано растат и цените на горивата. Скапите енергенси предизвикаа и бран поскапувања на храната и услугите, па Владата ги замрзна цените на основите прехранбени производи до крајот на месецот.

Халили вели дека овој процес трае неколку месеци и конфликтот Русија-Украина не е главната причина за поскапувањето на енергенсите.

„На пример пред два месеци литат дизел чинеше 62 денари, а сега стигна 74 денари со тенденција цените да се зголемат. Тенденцијата овој конфликт да се прикаже како една од главните причини за зголемување на цените на енергенсите не држи. Влијание ќе има кај компаниите кои суровината ја набавуваат од тие две земји“, вели Халили.

По руското признавање на регионите во источна Украина скокна цената на нафтата на светските пазари. На берзата во Лондон барел нафта се продаваше за речиси 4 долари повеќе во споредба со претходното затворање, а на американскиот пазар се продава за речиси 5 долари повеќе за барел.
Во истовреме, пак, паѓаат и цените на акциите на европските берзи, бидејќи инвеститорите стравуваат од натамошна ескалација на тензиите меѓу Западот и Русија околу Украина.