Со години, па дури и во последниве месеци, се веруваше дека Путин ќе се воздржи од ваков потег. На крајот на краиштата, тоа би го ставило надвор од дофат на потенцијално моќниот лост на влијание врз Киев - договорите од Минск, кои имаа за цел да се стави крај на војната во која загинаа повеќе од 13.200 луѓе во Донбас од 2014 година и да се реши конфликтот меѓу сепаратистите и владата на Украина.
Па, зошто го направи тоа? Еве неколку можни причини.
Минск е заглавен
Потпишан во февруари 2015 година, договорот познат како Минск 2 беше посматран од Москва како начин за стекнување силно влијание врз украинската политика - домашна и надворешна - со предавање на голем дел од автономијата на силите поддржани од Русија кои држат делови од регионите Доњецк и Луганск – познати како Донбас - од пролетта 2014 година.
Но, Русија и Украина имаат фундаментални несогласувања околу клучните аспекти на пактот, вклучително и редоследот на чекорите за градење доверба на што договорот ги повикува.
Путин можеби се откажа од надежта дека договорот некогаш ќе биде спроведен според условите на Москва.
Избегнување поширока војна - или само одлагање?
Слушајќи го обраќањето на Путин до нацијата доцна на 21 февруари, некој би можел да помисли дека сака да го објави она што Соединетите држави го најавуваа и очекуваа да се случи во секој момент - голем воен напад врз соседната земја, откако Русија распореди повеќе од 130.000 руски војници во близина на границите на Украина.
Тоа сè уште може да се случи: жестоките поплаки на Путин за Украина ги повторија претходните харанги за земјата за која тој посочи дека е измислица на болшевичкиот лидер Владимир Ленин, алудирајќи на амбиции кои тешко би можеле да се задоволат само со прогласување за независни на два дела од Украина.
Москва: Лавров сè уште е подготвен да се сретне со Блинкен во Женева
Неколкумина аналитичари предвидуваат дека признавањето ќе биде само првиот чекор кон она што би можело да биде голема воена кампања насочена кон рушење на владата во Киев.
Но, барем засега, Путин можеби гледа на признавањето како начин да извлече нешто што може да го тврди како победа, притоа избегнувајќи две крајности - огромна нова инвазија и крвопролевање што би следело, од една страна, и западната решителност во врска со Украина од друга страна.
Во исто време, Русија веројатно ќе може да продолжи да врши воен притисок врз Украина.
Во самиот Донбас, тој притисок може да изгледа поголем од кога било: сепаратистите сега ќе ги бараат регионите Доњецк и Луганск во целост, а не само помалите делови од територијата што ги држат, така што признавањето носи имплицитна закана од притисок за преземање на останатите делови од двете провинции.
Путин на извесен начин ја навести таа можност кога во својот говор сугерираше дека некои делови од Украина со право треба да ѝ припаднат на Русија.
Друг облик на притисок, всушност, е сугестијата дека Русија би можела формално да ги апсорбира двете територии, нешто што двајца од главните советници на Путин го навестија -- навидум по грешка -- на состанокот на Советот за безбедност во Кремљ кој беше кореографиран и емитуван на националната телевизија, што му претходеше на неговиот говор и на декретите за признавање.
Домашни грижи
Говорот на Путин звучеше како негова цел е да ги подготви Русите за поагресивни напори да ја потчинат Украина во иднина.
Песков: Нема конкретни планови за средба меѓу Бајден и Путин
Но, додека упорното и невидено угнетување на граѓанското општество и несогласувањето ја ослабна опозицијата и го намали потенцијалот на народот да протестира, Путин може да разбере дека за повеќето Руси - кои се борат со пандемијата на ковид-19 и економските проблеми - признавањето на сепаратистите поддржани од Москва е многу повкусно од голема војна со соседот.
Да го ослабне Киев…
Во очите на Кремљ, указот за признавање значи навлегување во Украина, отсекувајќи дел од нејзината територија осум години откако Русија ја презеде контролата врз Кримскиот Полуостров.
Путин може да се надева дека тоа ќе го ослаби украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој лесно победи на изборите во 2019 година по кампањата во која една од главните платформи беше ветување за ставање крај на војната во Донбас -- но не и со предавање територија.
...и да го подели Западот
Целосна инвазија веројатно ќе го зголеми единството на Западот, зајакнувајќи ја решеноста на Соединетите Држави и Европската Унија да претставуваат заеднички фронт.
Путин со ваквиот чекор би можел да смета дека признавањето ќе ги остави западните земји да се борат во нивното договарање за тоа како да одговорат и каков вид санкции да воведат.
Провоцира провокација?
Указите за признавање на Путин јасно покажаа дека Русија ќе има воени сили во Донбас, барем за ограничен временски период - нешто што го негираше дека го прави во текот на речиси осум годишната војна таму, и покрај доказите за значителна вмешаност на руски војници и офицери.
Путин може да се надева дека ќе поттикне воен одговор кој би можело да послужи како изговор за понатамошна употреба на сила за да ги постигне своите цели во Украина.
„Главното нешто од тој говор е тоа што Русија сега си даде изговор да одговори на „напади“ врз сепаратистите без потреба да го прикрива своето директно воено учество“, напиша на Твитер политикологот Самуел Чарап, додавајќи:
„Русија досега немаше оправдување за отворена воена интервенција дури и според сопствените закони. Но, сега има. Ова е важен елемент на наративот што недостасуваше“.