Достапни линкови

Западот повика Русија да не се подготвува за војна, Москва спроведува воени вежби


Заедничка воена вежба на Русија и Белорусија, што ја објави на 19 февруари руското Министерство за одбрана
Заедничка воена вежба на Русија и Белорусија, што ја објави на 19 февруари руското Министерство за одбрана

На безбедносната конференција во Минхен, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ја повика Русија да престане да се подготвува за војна. Потпретседателката на САД, Камала Харис, рече дека секоја натамошна инвазија на Украина од страна на Русија ќе биде проследена со зајакнување на источното крило на НАТО. Украина ќе ја брани својата земја со поддршка на партнерите или без неа, вели украинскиот претседател Володимир Зеленски. Додека западните лидери апелираат, Русија започна стратешка воена вежба.

Русија „да престане да се подготвува за војна“ и да бара дипломатско решение за кризата што ја создаде на границата со Украина, повика денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во обраќањето на вториот ден од безбедносната конференција во Минхен, Германија.

Неговите коментари доаѓаат на еден ден откако американскиот претседател Џо Бајден рече дека е „убеден“ дека рускиот претседател Владимир Путин донел одлука за инвазија.

Столтенберг на безбедносната конференција рече дека испратил писмо до рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров да се вклучи во дијалог во рамките на Советот НАТО-Русија за да се избегне конфликт во Украина.

Тој, исто така, рече дека нема знаци за повлекување на Русија од границите на Украина и дека ризикот од конфликт е реален.

Украина ќе ја брани својата земја со поддршка на партнерите или без неа, рече денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски на безбедносната конференција во Минхен.

Тој рече дека членките на НАТО треба да бидат искрени околу тоа дали ја сакаат Украина како членка.

Зеленски ги критикуваше другите земји што не ѝ дадоа воената помош на неговата земја која се соочува со реална закана која може да го зафати и остатокот од Европа, откако ќе стигне до Украина.

„Досегашната помош е повеќе како сируп против кашлица отколку добра вакцина против ковид. Украина служи како штит веќе осум години. Доверлив штит кој држи една од најголемите армии во светот“, рече Зеленски.

ЕУ - „Голем пакет“ финансиски и економски санкции против Москва во случај на каква било агресија

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Минхенската конференција рече дека Русија ризикува да го отфрли идниот просперитет ако ја нападне Украина. Таа вети дека ќе има „голем пакет“ финансиски и економски санкции против Москва во случај на каква било агресија.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Минхенската конференција
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Минхенската конференција


Таа, исто така, рече дека ЕУ сега е целосно подготвена во случај на запирање на испораките на руски гас.

Фон дер Лајен го обвини рускиот енергетски гигант Газпром дека намерно се обидува да складира и испорача што е можно помалку гас додека цените и побарувачката вртоглаво растат.

Во ЕУ со недели се стравува дека сегашниот конфликт со Русија може да доведе до прекин на испораката на гас.

НАТО ќе го засили источното крило ако Русија нападне

На конференцијата во Минхен денеска се обрати и потпретседателката на САД, Камала Харис. Таа рече дека секоја натамошна инвазија на Украина од страна на Русија ќе биде проследена со зајакнување на источното крило на НАТО.

„Нема да застанеме со економски мерки. Како одговор на инвазија ние дополнително ќе ги зајакнеме сојузници на НАТО на источното крило“, рече денеска Харис.

Синоќа на прес-конференција во Белата куќа претседателот на САД, Џо Бајден рече дека е убеден оти Путин донел одлука за напад, но додаде дека се уште се надева дека може да се постигне дипломатско решение.

Бајден пред обраќањето имал имал 45-минутната конференција со неговите европски колеги.

Бајден рече дека државниот секретар Антони Блинкен ќе се сретне со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на 24 февруари во обид да се најде компромис што ќе спречи војна.

„Ако Русија преземе воена акција пред тој датум, тогаш би било јасно дека тие ѝ ја затвориле вратата на дипломатијата. Ако изберат војна ќе платат висока цена за тоа“, рече Бајден.

Русија негира дека планира да ја нападне Украина и ги обвини САД за „хистерија“.

Американски официјални лица велат дека Русија распоредила најмалку 150 илјади војници на границата со Украина.

Британскиот премиер Борис Џонсон на конференцијата рече дека ако западните земји не ги исполнат своите ветувања за поддршка на независноста на Украина, тоа ќе има штетни последици ширум светот, вклучително и за Тајван.

„Секогаш кога западните министри го посетуваат Киев, ние го уверувавме народот на Украина и нивните лидери дека стоиме цврсто зад нивниот суверенитет и независност“, рече Џонсон на собирот во Минхен.

Русија спроведува стратешки воени вежби

Загриженоста дополнително се зголеми по денешната вест дека Русија започнала стратешки воени вежби.

Рускиот претседател Владимир Путин наредил денеска почеток на стратешки нуклеарни вежби кои вклучуваат лансирање на балистички проектили, пренесува агенцијата РИА Кремљ.

Вежбите се најнова демонстрација на силите на Москва во време на зголемени тензии со Западот за Украина. На вежбите учествува и Белорусија.

Новинската агенција Ројтерс го цитира портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков кој вели дека воените вежби започнале.

Руските новински агенции го цитираат Песков кој вели дека рускиот претседател Путин и белорускиот лидер Александар Лукашенко ги следат вежбите од собата за ситуации во Кремљ. Песков вели дека вежбите се дел од редовниот трениг процес.

Лукашенко и Путин ги надгледуваат воените вежби
Лукашенко и Путин ги надгледуваат воените вежби

Според руското Министерство за одбрана, во вежбите се вклучени речиси сите родови на руските вооружени сили, воздухопловните сили и стратешките нуклеарни сили, како и Северната и Црноморската флота, кои имаат нуклеарни подморници.

Во меѓувреме, пак, сепаратистичките лидери во источна Украина, поддржани од Русија, наредија целосна воена мобилизација поради зголемените стравови од воена инвазија.

Денис Пушилин и Леонид Пасечник, де факто лидерите на регионите Доњецк и Луганск, окупирани од сепаратистите, денеска објавија посебни изјави во кои најавија целосна мобилизација на војската и ги повикаа резервистите да се појават во воените канцеларии. Мажите на возраст од 18 до 55 години веќе не смеат да ја напуштат областа.

Овој чекор доаѓа во време на пораст на насилствата долж линијата на контакт меѓу украинските сили и сепаратистите во регионот во изминатите денови, што ги поттикна западните стравувања дека Москва може да ги искористи како изговор за напад врз Украина.

Украински функционери го посетија фронтот, се најдоа под артилериски напад

Високи украински претставници, меѓу кои и министерот за внатрешни работи Денис Монастирски, се најдоа под ракетен напад за време на обиколката на фронтот со проруските сепаратисти во источна Украина.

Претставниците побегнале во скривница, пред да ја напуштат областа. Новинар од украинската редакција на Радио Слободна Европа, кој беше со украинските претставници кога се случил нападот, јави дека гранати паднале на 300 метри од локацијата што ја посетиле украинските претставници и новинарите.

Во изминатите 24 часа во источна Украина имаше скоро 600 прекршувања на примирјето, вклучувајќи 300 експлозии, соопшти вчера набљудувачкиот тим на ОБСЕ.

Руските новински агенции објавија дека 10 илјади евакуирани од источна Украина утринава пристигнале во Русија.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG