Украинскиот претседател Володомир Зеленски бара итни разговори за смирување во Украина, францускиот и рускиот претседател се договориле да работат на прекин на огнот во источна Украина каде што живее руско население и е под контрола на руските сепаратисти. На нашата веб страница има повеќе информации за кризата во врска со Украина што ги крева на нозе и САД и ЕУ. Коментарите на нашата ФБ страница се различни, некои навивачки за Русија, некои даваат совети до украинскиот претседател.
Влатко Петковски напишал: „Па те оставија сам, сега плачи“, а Мартин Спасевски со познатата изрека: „ Доцна е за каење“. Ванчо Коде коментира со следнава објава: „ЕУ и САД за наводните напади на Русија испадна како влезот на Македонија во ЕУ, не сега после, не годинава другата“. Атанас Јованов како да знае: „Не те сакаат, само те користат“, а Јетон Асани советува: „Гасоводот кај тебе е, пушти ги вентилите“. Дејан Димковски со совет: „Оди преговарај со Путин, не ти треба оружје“.
Агенцијата за кредитен рејтинг „Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава, ББ-со стабилен изглед. Во извештајот се наведува дека курсот на денарот е стабилен, девизните резерви минатата година се зголемени, додека банкарскиот систем ,исто така, е стабилен и дека економијата во Македонија го достигнала своето предпандемиско ниво. „Ахам, и највисоко ниво на задолженост, ајтт“, објавил Вангел Бојаџиески. Александар Стефаноски пресметува во евра: „Како се стабилни, до вчера лебот беше 20 ден. А сега 30 ден. Со 100 евра купував 305 леба, а сега 203. Ни ги крадете парите“, очигледно не познавајќи ја функцијата на „Стандард и Пурс“. И Драги Арабаџиев со свое мислење: „Стабилно и континуирано задолжување“. Горан Атанасовски прашува: „Како може да е стабилен кога сè поскапува, кого веќе лажете?“
Неделното интервју на РСЕ е со ректорот на Универзитетот Кирил и Методиј, Никола Јанкуловски, кој ,покрај другото, вели дека „пандемијата ги уназади образованието и науката“.
Коментарот на Вера Србиноска со нишка на иронија: „А пред тоа беше многу напреднато, во секое село факултет и сите ’интелектуалци‘“. Ректорот Јанкуловски ,исто така, вели дека Универзитетот самостојно и автономно одлучува за многу прашања и проблеми, без мешање на политиката, но дека финансиската автономија не е на задоволувачко ниво. Анна Јакимова реагира: „Нема слобода без финансиска автономија!“