Во фокусот на медиумите – печатените, порталите и, се разбира, електронските во изминатата недела, е прашањето дали на 3 јануари ќе се формира Пржинска влада, откако актуелниот премиер Зоран Заев ќе ја депонира својата оставка, за на 12 април да се одржат вонредните парламентарни избори. Доминира и друга тема: предлог - законот за поништување на лустрацијата што го усвои Владата.
Видете и ова: Работата на градоначалниците и парламентарните избориПорталот Плусинфо го цитира премиерот Заев: „Ако опозицијата ги блокира законите меѓу кои се оние за повисоки плати и пензии и за реализација на државните проекти коишто живот значат за граѓаните, тоа се сериозни причини за СДСМ да разговара дури и за одложување на изборите и да не поднесам оставка на 3 јануари“. Порталот Курир со свој наслов: „Тик-так, тик-так: На 9 дена пред отстранување од функцијата, премиерот на заминување повторно се закани со одложување на изборите“. Во интервју за ТВ Клан, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски се заканил: „Ако нема избори на 12 април, СДСМ ќе се соочи со гневот на граѓаните и со гневот на ВМРО-ДПМНЕ“ – објави Плусинфо.
Вечер, и порталите Курир, Република и Плусинфо објавуваат дека „Врвот на ВМРО-ДПМНЕ едногласно одлучил Христијан Мицкоски да биде опозициски кандидат за премиер“.
Во меѓувреме, „Постигнат е договор за деблокада на законите, се отвора патот за техничка влада“ – објави Вечер.
Слободен печат ја објави информацијата од претседателот на Собранието Талат Џафери и потврдата за тоа од пратеникот на владејачката партија, Хари Локвенец, дека двете најголеми партии се договориле да бидат усвоени законите што треба да се применуваат од 1 јануари, а останатите остануваат за по Нова година. Порталот Република со своја верзија на веста: „Заев ги условува својата оставка и изборите со Законот за опојни дроги, ВМРО-ДПМНЕ нема да го прифати овој закон по ниедна цена“.
Видете и ова: Претстојниот викенд, клучен за судбината на предвремените избори„Се поништува лустрацијата, оштетените можат да тужат за надомест на штета“ – наслови Нова Македонија. Порталот Курир со наслов за истава тема: „СДСМ им прости на кодошите, сега и ќе ги опари – Владата во заминување продолжува да ја оштетува државата“. Плусинфо го пренесува статусот на ФБ на еден од лустрираните, реномираниот режисер Владимир Милчин: „И ако се поништи лустрацијата, влакно нема да му фали на нарачателот Груевски, а животи беа уништени“.
Велат, размислувај позитивно за да ти се случуваат добри нешта. „Македонците оптимисти – 43% веруваат дека 2020 година ќе биде подобра, а 18% полоша од лани“ – ги објавува неделникот Фокус резултатите од глобалното истражување на Галуп Интернејшнал Асосиејшен.
Празничниот двоброј на неделникот Капитал за главна тема ја одбира: „Македонската економија во 2020 година – Дали влезот во НАТО ќе има посилен ефект од изборниот застој во економијата?“ Па наведува дека годинава македонската економија ја завршува со раст од 3,5%, а растот за следната се очекува да биде 3,8%, според најновите проекции на Народната банка. Меѓународните финансиски институции, како ЕБОР и ММФ, иако очекуваат нешто помал раст на економијата, сметаат дека влијанието од влезот во НАТО следната година ќе има поголемо позитивно влијание врз економските текови во земјава.