Достапни линкови

Усвојувањето закони не беше услов за техничка влада


Премиерот Зоран Заев на седница на Влада
Премиерот Зоран Заев на седница на Влада

Изјавите на премиерот Заев за можно одложување на изборите ако не се донесат суштинските закони, па дури и неподнесување на негова оставка на 3-ти јануари, ја разбранува политичката јавност. И власта и опозицијата се убедени во изборна победа и тврдат дека интересите на граѓаните им се најважни.

Иако два дена откако земјава не го доби посакуваниот датум за членство во Европската Унија, предвремените парламентарни избори беа едногласно договорени од страна на најголемите партии на лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски, датумот на нивното одржување станува дискутабилен. Лидерската средба се одржа на 20-ти октомври оваа година, откако недобивањето датум за преговори со ЕУ, од македонската јавност беше дочекано со големо разочарување. Договорениот датум за избори е 12-ти април, но изјавата на премиерот Зоран Заев дека е можно нивно одложување доколку не се донесат суштинските закони кои се значајни за животот на граѓаните, предизвика реакции во јавноста. Денеска пак тој изјави дека ако опозицијата продолжи да ги блокира законите (за одбрана, за покачување на плати, пенизии) можно е дури и да не си поднесе оставка на 3-ти јануари.

„Јас сум првиот што посакувам да ги запазиме сите процедури. Но ако се дозволи опозицијата на видлив начин веќе во Собранието да изнаоѓа начини, а има право по деловник, да ги изблoкира законите за повисоки плати за повисоки пензии, за реализација на државните проекти кои што живот значат за граѓаните, тоа се за СДСМ сериозни причини да разговараме дури и за одлагање на изборите. Јас сум првиот што секој пат дијалогот го почитувам и има намера целосно да го почитувам но немам намера да ја поднесувам оставката, ако некој ги блокира ваквите процеси, а без поднесување на оставката нема започнување на сите постапки, изјави денеска премиерот Заев.

Тој сепак истакна дека не посакува да дојде до одложување на изборите и притоа ја најави седницата на Централниот одбор на партијата за в петок, кога како што рече, ќе се разговара за кадровските решенија во техничката влада.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека на лидерската средба кај претседателот пред два месеца, не било разговарано за какви било предуслови кои треба да се исполнат за одржување на изборите во април. За опозицијата прашањето за избори на 12 април е апсолвирана работа.

„Ако ме прашувате дали било договорено да се исполнат некои предуслови за да се одржат изборите на договорениот датум на 12 април, одговорот е не, немало воопшто таков момент на разговорите во претседателската вила, бидејќи доколку постоел таков момент едната или другата страна тоа би го кажала и секако дека тоа ќе било обзнането во јавноста. Она што сега се случува со изјавите на премиерот кој ги одбројува последните денови од својот мандат, е страв од тоа што го чека, а тоа е дека никогаш нема да се врати во премиерската фотелја, страв од тоа што ќе му се случува по големиот пораз на 12 април и се ова се небулози кои не придонесуваат кон еден демократски изборен процес, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ“, Наум Стоилковски.

Од владејачката партија СДСМ пак велат дека опозицијата кочи донесување на важни закони во Собранието, врзани и со стратешките интереси на државата, како што е законот за одбрана, но и законите за зголемување на пензиите, платите.

„Што се однесува до лидерската средба што ја споменувате, СДСМ на оваа средба, од истите причини, за да нема застој или блокада на реформите, побара брзи избори во декември, оваа година, но ВМРО-ДПМНЕ тој предлог го одби. Единствен кој се плаши од избори е ВМРО-ДПМНЕ затоа што знае дека ќе ги загуби, а тоа го потврдуваат и сите релевантни анкети“, велат од владејачката СДСМ.

И министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска го услови одржувањето на изборите во април, изјавувајќи дека доколу се надминат разликите околу застојот со носењето закони во Собранието, власта нема проблем предвремените парламентарни избори да се одржат во предвидениот термин на 12 април. Како што дополнува министерот носењето на одлуката за изборите била детерминирана од нашето пристапување кон НАТО, врз основа на сите анализи помеѓу политичките партии, како и дека ќе се исполни условот за официјалното членство на државата во Алијансата.

Од коалициониот партнер на СДСМ во владата, партијата ДУИ не ни одговорија на прашањето дали имало предуслови кога се договарале за изборниот датум на лидерската средба. Но, пратеникот на ДУИ Артан Груби вчера јасно кажа дека тие се за избори и дека ги поддржуваат сите законски решенија, и би сакале да се усвојат во текот на јануари, по изборот на техничката влада.

„ДУИ со нетрпение ги очекува изборите и следната победа“, изјави вчера пратеникот Артан Груби.

И од движењето Беса сметаа дека изборите се веќе договорена работа меѓу политичките партии и дека тоа прашање не треба да се условува со донесувањето на законите.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека доколку се имаат предвид рејтинзите на партиите кои како што вели се многу блиску, не може точно да се предвиди кому му одговара или не му одговара евентуално одложување на изборите.

„На опозицијата можеби тоа ќе и даде повеќе време за да продолжи со својата кампања, исто така и на власта за евентуално да се почувствуваат некакви ефекти од мерките кои се донесоа сега. Така што невозможно е да се предвиди на кого би му одело во полза таквото одложување. Но, имајте предвид дека единствена легитимна причина за одложување на изборите може да е нешто што е врзано со евроатланските интеграции. Овие тековни политички маневри нема да бидат прифатени од граѓаните“, вели Арсовски.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG